еМагазин
Image default
Македонија

Продолжуваат судењата за „Монструм“, „Траекторија“ и „Тарифа“ на СЈО

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржат нови рочишта за „Монструм“, „Траекторија“ и „Тарифа“.

Случајот „Монструм“, кој се однесува за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, го води судијата Огнен Ставрев и се наоѓа во доказна постапка.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и предметот беше вратен на повторно судење.

Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Во судот денеска треба да се одржи рочиште и за предметот на „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“, Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според  СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нацрт-амандманите за промена на Уставот пристигнаа во Собранието: Постапката за усвојување во две фази

Никола Осило

Судење за „Тврдина 2“: Црни вреќи со хартија и регистри од третата зграда во МВР запалени на „Брест“

Редакција

Македонија во краен случај ќе остане без Скопски џез фестивал и OFFest

Никола Осило