еМагазин
Image default
Интервју

Проф. д-р Чакар: Неопходен е универзален неонатален скрининг кај бебињата за навремено дијагностицирање и успешен третман на глувоста и оштетениот слух

Во Скопје од 24 до 26 октомври се одржува 17-от Европски балкански конгрес за кохлеарни импланти и врвни-технологии на слушни помагала. За таа цел, како и за други прашања поврзани со работата на Одделот за аудиологија и отонеурологија на Клиниката за уво, нос и грло, разговаравме со проф. д-р Марина Давчева Чакар, раководител на Одделот.

Универзитетската клиника за уво, нос и грло повеќе години успешно спроведува Програма за вградување на слушни импланти преку кои на децата со оштетен слух или целосна глувост им се овозможува да слушаат и да развијат говор. Кажете ни нешто повеќе за оваа програма?

На Универзитетската клиника за уво нос и грло, првата кохлеарна имплантација е направена во 2006 година. Ова беше голем исчекор и за нас како експерти, но многу повеќе за нашите пациенти, бидејќи претходно пациентите се испраќаа на операции во странство, најчесто во клиничкиот болнички центар „Сестре Милосрднице“ во Загреб, Хрватска.

Имајќи во предвид дека нашата клиника располага со стручен кадар одлучивме да создадеме услови и можности овие хируршки интервенции да се изведуваат и кај нас, за да помогнеме на што поголем број пациенти и да им го поедноставиме процесот при изведувањето на овој третман. За таа цел 2006 година се формираше и Комисија за избор на кандидати подобни за кохлеарна имплантација, која работи според светски етаблирани критериуми за селекција на пациентите за кохлеарна имплантација.

Колкав тим на доктори работи на реализација на оваа програма?

Комисијата е составена од стручни лица од повеќе области, како отолози, отохирурзи, аудиолози, анестезиолози, педијатар невролог, психијатар, клинички логопет, дефектолози, радиолози и социјален работник. Сите стручни лица работат со пациентите од различен аспект бидејќи интервенцијата е тесно поврзана со слухот и говорот, за што е неопходен и ваков конзилијарен пристап.

Во почетокот Фондот за здравствено осигурување на Р.С Македонија одобруваше само два кохлеарни импланти годишно. Постепено, со препознавање на важноста на оваа проблематика, фондот секоја година го зголемуваше бројот на импланти и оваа година за првпат се одобрени  и вградени 15 импланти.

Како се утврдува оштетување на слухот или целосна глувост кај децата и колку е важно раното дијагностицирање и третман?

Слухот има значајна улога за развивање на говорот, како и за интелектуалниот и академскиот развој на децата. Наша мисија е да ја надминеме глувоста како бариера за комуникација, а иницијален чекор за тоа е рана детекција и дијагноза и навремена интервенција, а тоа успешно може да се реализира само со програмата за универзален неонатален скрининг на слухот.

Колку порано се утврди потребата од имплант кај детето, и колку порано се имплантира, толку шансите за развој на говор и комуникативните вештини се поголеми. Нашето искуство покажува дека децата имплантирани пред 18-месечна возраст, по интензивна говорна рехабилитација, подобро слушаат, подобро ги препознаваат звуците, побрзо го развиваат говорот во споредба со нивните врсници имплантирани на поголема возраст.

Затоа воведувањето на неонаталниот универзален скрининг за идентификација на глувост или тешка редукција на слухот на едномесечна возраст е од исклучителна важност, по што би следувала дефинитивна дијагноза до три месечна возраст и интервенција на 6 месечна возраст.

Како е во другите земји, дали постои задолжителен скрининг за новороденчињата?

Универзалниот неонатален скрининг на слухот е генерално успешно имплементиран во   земјите на Европа, САД и во соседните земји. Во нашата земја, за жал, скринингот на слухот кај бебињата е сé уште селективен, односно ги опфаќа само бебињата родени со висок ризик за редукција на слухот.

Во најголем број тие се упатени на нашата Клиника за скрининг на слухот од страна на педијатрите-неонатолози, но голем е бројот на децата кои подлежат на скрининг поради проценка на нивните родители дека нивното дете не реагира на звук или заради слабо развиен говор.

Токму затоа средната возраст на децата на која се утврдува глувост или тешка редукција на слухот во нашата земја  е  2,5 години. Ако земеме во предвид дека возраста за имплантација е клучна за успешно надминување на проблемите со слухот, глувоста и соодветен развој на говорот и комуникациските вештини, воведување на универзален неонатален скрининг во Македонија е од исклучително значење и ќе придонесе за што понавремено дијагностицирање и успешно третирање на пациентите.

Воведувањето на скринингот ќе ја намали возраста на интервенција кај децата со глувост или со тешка редукција на слухот, а дополнително на тоа навремената интервенција ќе ги намали трошоците за нивното натамошно образование и нивната општествено-социјална интеграција.

Во Скопје од 24 до 26 октомври се одржува 17-от Европски балкански конгрес за кохлеарни импланти и врвни-технологии на слушни помагала. Можете ли да направите компарација, каква е состојбата кај нас на ова поле, а како е во другите земји?

Тешко е сега да се направи компарација бидејќи немаме задолжителен универзален скрининг, па оттука не би можеле да се споредуваме со земји кои имаат. Само доколку имаме задолжителен скрининг би можеле да се споредуваме со другите земји, но и да дадеме конкретни предлози до Министерството за здравство, Владата и Фондот за здравствено осигурување за потребите за кохлеарни импланти на годишно ниво, за на тој начин да може да бидат одвоени доволно средства за оваа намена.

Средствата кои ќе се одвојат за оваа медицинска постапка повеќекратно ќе помогнат за здравјето на населението, посебно во сетилната и психичка состојба на идните генерации граѓани. Бројот на стручњаци кои се занимаваат со оваа проблематика ќе се зголемува, апаратите технички ќе се осовременуваат, ќе поевтинуваат и со тоа ќе се овозможи сé поголем број на имплантации со поуспешни  резултати.

Искрено се надевам дека во скоро време ќе се воведе задолжителен универзален скрининг кој и во научна и во практична смисла ќе ни да даде целосен увид во потребите и состојбите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Шуклева: Енергетскиот сектор сѐ уште е „машки“, но жените добиваат сѐ повлијателни улоги

Редакција

Николовски: Младите претприемачи треба да ги промовираат македонските производи на домашен и странски пазар

Редакција

Стојчевска: Децата се инспирација која треба да ја искористиме за нивен развој и среќен раст

Редакција