Од македонското Министерство за надворешни работи информираат дека денеска во Солун, се одржал првиот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања на Македонија и Грција.
„Состанокот се одржа во пријателска атмосфера, во согласност со духот и принципите на Спогодбата од Преспа. Двете страни го усвоија Деловникот за работа на ЗИКЕ и се согласија за динамиката на идните состаноци.
Согласно членот 8 од Спогодбата од Преспа, беше донесена заедничка одлука да се работи на отстранување на одредени референци во учебниците, коишто беа присутни во минатото„, стои во кусото соопштение на МНР.
Грчкото МНР открива повеќе детали. Променетите учебници по историја во Македонија и во Грција треба да бидат готови веќе до следната учебна година.
„Договорот од Преспа е јасен во однос на тоа дека работата на комисијата ќе почне привремено, додека не стапи во сила договорот. Договорената привремена работа е резултат на познавањето на двете страни дека до тогаш, ќе треба да бидат донесени сите неопходни одлуки за веќе од следната учебна година, ниту еден учебник или помошен училишен материјал да не треба да содржи иредентистички/ ревизионистички наводи, како што налага Договорот од Преспа.
Јасно ни е дека за имплементација на одлуките што се однесуваат на учебниците е потребен период од неколку месеци. Тоа треба да се има предвид за да се имплементира веднаш, што влезе во сила Договорот од Преспа, во согласност со распоредот на кој се обврзаа двете страни„, соопштија од грчкото МНР.
Комитетот ќе се среќава два пати годишно, по што ќе треба да поднесе годишен извештај до идниот Совет за соработка, предводен од премиерите на Македонија и на Грција, за наодите од ревизијата и донесените одлуки.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ