еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Пропаст наместо нов газда: Можеше ли да се спаси Еуростандард банка?

Не стивнуваат реакциите по вчерашната одлука на Народната банка да ја затвори Еуростандард банка и да побара стечај.

Банката зад која стои еден од најпознатите македонски бизнисмени Трифун Костовски подолг период работеше со загуба, но виси одговорот на прашањето дали можеше да биде спасена со оглед на тоа што лани се водеа преговори за нејзина купопродажба.

Имено, во септември 2019, Комерцијална банка АД Скопје преку Македонската берза ја извести јавноста дека ја разгледува можноста за стекнување акции издадени од Еуростандард банка АД Скопје, поради што е остварен контакт со раководството на банката за првична размена на информации.

Тогаш, од Еуростандард банка ја прифатија поканата за разговори.

По неколку месеци, во декември 2019 година, Комерцијална банка АД Скопје соопшти дека се прекинати почетните разговори и натамошното стекнување на информации поради очигледните разлики во вреднувањето на Еуростандард банка со нејзините акционери.

„Наместо тоа, а на нивно барање, Комерцијална банка АД Скопје одобри долгорочен кредит во износ од 615.000.000 денари (10 милиони евра) на друштвото за трговија и услуги „Гофи“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје како должник и „Гофи груп оф фајненс енд инвестмент“ како заложен должник.

Долгорочниот кредит е обезбеден со залог од прв ред над 3.200 обични акции со номинална вредност од 1.000 евра по акција, издадени од „Еуролинк Осигурување“ АД Скопје и друг недвижен имот“, соопшти тогаш Комерцијална банката.

НОВОТО ЗАДОЛЖУВАЊЕ ПРЕСУДНО ЗА ПРОПАСТ?

Финансиските извештаи покажуваат дека Еуростандард банка работи подолг период работи со загуба и дека има проблеми со исполнување на обврските за адекватност на капиталот што ги наметнува Народната банка.

 

Исто така, извештаите покажуваат дека заклучно со крајот на 2018 година банката веќе била изложена повеќе отколку што треба кон повеќе правни лица, меѓу кои и Комерцијална банка.

КАКВО Е ОБРАЗЛОЖЕНИЕТО ОД НАРОДНАТА БАНКА?

Од Народната банка вчера соопштија дека постапувајќи согласно со Законот за банките се укинува дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минимални законски услови за работење на банка.

„Во изминатиот период, заради поголема изложеност на ризици, „Еуростандард банка“ АД Скопје беше под засилен теренски и вонтеренски супервизорски надзор.

Народната банка постојано изрекуваше мерки со кои бараше „Еуростандард банка“ АД Скопје да ги отстрани слабостите во своето работење, да ја намали изложеноста на ризици и да ги подобри процесите за управување со ризиците, a особено со кредитниот ризик.

Притоа, клучно, беа изрекувани и мерки во насока на зголемување на капиталот на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Клучните проблеми на „Еуростандард банка“ АД Скопје се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби“, соопшти Народната банка.

Оттаму додаваат дека со супервизорско следење, во 2019 година, кај „Еуростандард банка“ АД Скопје е утврден недостиг на капитал (поткапитализираност), поради што Народната банка презеде повеќе мерки, a една од клучните мерки беше барање за докапитализација на „Еуростандард банка“ АД Скопје.

„Преземените обврски за докапитализација за 2019 година беа делумно исполнети, но обврските за потребната докапитализација преземени за првата половина од 2020 година не беа исполнети.

Неисполнувањето на обврските за докапитализација и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик ја намалија стапката на адекватност на капиталот на „Еуростандард банка“ АД Скопје под 2%. Со тоа, согласно со Законот за банките, „Еуростандард банка“ АД Скопје е несолвентна“, соопшти Народната банка

Поради ова, Народната банка, согласно со Законот за банките денеска до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во „Еуростандард банка“ АД Скопје.

„Со отворањето на стечајната постапка, се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите на „Еуростандард банка“ АД Скопје“, соопшти Народната банка.

УДАР ВРЗ БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ?

Учеството на „Еуростандард банка“ АД Скопје во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем, со состојба на 30 јуни 2020 година е само 1,3%, 1,7% и 1,6%, соодветно, и со тоа воопшто не ја доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем, информираа од Народната банка.

„Банкарскиот систем е и останува стабилен и добро капитализиран, со висока ликвидност. Потврда за ова се податоците за банкарскиот систем со состојба на 30 јуни 2020 година. Стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем забележа натамошен раст и е во рамки на историскиот максимум, 17%.

Таа е повеќе од двојно повисока од законскиот минимум. Со изземање на „Еуростандард банка“ АД Скопје, адекватноста на капиталот на системот се зголемува и изнесува 17,2%.

Кај сите други банки, стапката на адекватност на капиталот е во распон од околу 14% до 22%, односно кај најголем дел е двојно повисока од минималното законско барање, што е од клучно значење за стабилноста и на одделните банки и на банкарскиот систем во целина.

Сите други банки во првата половина од оваа година работат со добивка и ликвидноста ја одржуваат согласно супервизорските стандарди (околу 30% учество на ликвидна актива во вкупна актива на банкарскиот систем). Со изземање на „Еуростандард банка“ АД Скопје, со оглед на загубите во нејзиното работење, кај финансискиот резултат на банкарскиот систем се забележува подобрување за речиси 21%.

Нефункционалните кредити се одржуваат на историски ниско ниво од 4,7%, при што кај најголем дел од банките има нивно намалување. Со изземање на „Еуростандард банка“ АД Скопје, нивото на нефункционалните кредити на банкарскиот систем е значајно помало и изнесува само 3,7% од вкупните кредити“, велат од Народната банка.

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО ШТЕДАЧИТЕ?

Депозитите на граѓаните во „Еуростандард банка“ АД Скопје кои согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити се осигурени ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), во износ до 30.000 евра по лице.

Од ФОД ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4% од физичките лица – депоненти во „Еуростандард банка“ АД Скопје.

Исплатата од страна на ФОД ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари (со состојба на 31 јули 2020 година). ФОД располага со доволен обем на средства и исплатата на депозитите ќе се спроведе навремено.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Каде треба да се обратат физичките и правните лица кои користеле услуги на Еуростандард банка

Народна банка ја затвори Еуростандард банка, утре ќе побара отварање стечајна постапка

Трифун Костовски и Гале Галев заминуваат од Надзорниот одбор на Еуростандард банка

Ќе успее ли Трифун Костовски да ја извади Еуростандард банка од потешкотии?

Комерцијална нема да ја купи Еуростандард банка, но му даде кредит од 10 милиони евра на Трифун Костовски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Европската комисија повикува на конструктивен дијалог во македонското Собрание

Редакција

Каков имот пријавил Арафат Шабани, заменикот министер за образование и наука

Редакција

ДИК склучи договор со печатницата Киро Д. Дандаро вреден 845,5 илјади евра

Редакција