еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Протуѓер спаднал на ниски гранки, вели Груевски за неговото сведочење, а откри и дека имал здравствени проблеми поради загадениот воздух

Во врска со вчерашните сведочења за случајот “Плацеви на Водно“ се Фејсбук се огласи поранешниот премиер Никола Груевски, кој е еден од обвинетите.

“Денес имаше нови сведочења и нови партиски мотивирани интерпретации на провладините медиуми, делумно и вадења од контекст, со наслови како да ги добиле од штабот на СДСМ.

Јасно е дека власта и Обвинителството, она што не го добиле во судницата или не го обезбедиле како доказ, се обидуваат да го добијат како перцепција кај граѓаните, со помош на повеќе партиски диригирани медиуми, кои селективно пренесуваат, вадат од контекст, особено наслови, и прават се да се создаде перцепција за нешто што не е така или не е кажано или докажано во судницата. Некои тоа го нарекуваат и медиумски линч.

Обвинителството нема апсолутно никаков доказ дека јас сум купил, а подоцна и продал земјишта и сум купил станови за кои всушност постои писмен доказ дека се изнајмени. Ниту пак може да има доказ, бидејќи такво нешто не се случило.

Во една таква ситуација тие се обидуваат да дејствуваат со сведоци врз кои имаат начин како да извршат притисок и уцена за да го кажат она што ним, на ова партиско контролирано Обвинителство им е потребно.

Тоа се луѓе кои имаат еден или повеќе судски постапки и обвиненија против нив, луѓе кои во секој момент можат да ги притворат, дел луѓе кои за да не бидат обвинети за дел од предметите се согласиле да бидат нивни соработници, или луѓе кои се веќе ставени во затвор. Нагласувам, дека и тие луѓе се дел од политичкиот прогон на власта кон минатата власт, и тие се жртви на прогонот, и дека случаите за кои ги осомничуваат или теретат, или дури ги осудиле, се политички договорени и конструирани и немаат врска со реалноста.

Сепак, факт е дека таквата ситуација ги прави ранливи и зависно од карактерот и интегритетот на секој од нив, различно реагираат.

Но, интересно е и уште нешто. И во таква ситуација каква што се, тие со сведочењата тежнеат кон тоа да говорат нешта што ќе се повеќе блиску до вистината, а делумно да нафрлат и по нешто што веројатно се надеваат дека нема да ми направи голема правна штета во контекст на судскиот случај, но сепак ќе има некој елемент, со кој тие ценат дека ќе ги задоволат апетитите на партиски контролираното Обвинителство кое со “со меч им стои над главата“.

На тој начин се надеваат дека ќе се спасат од можна агресивна реакција со некаква казна на Обвинителството кон нив лично.

Ваквите ситуации не се непознати во нашата историја, па еве ги гледаме и како актуелни денес.

Јас барем така ги разбирам нивните реакции. Но, да почнам по ред.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски ми спомна дека купил земјиште на Водно, рече Протуѓер на денешното судење за „Плацеви на Водно“

Најактуелно денес е сведочењето на Мартин Протуѓер, мој поранешен шеф на кабинет, член на Извршниот комитет на партијата и еден период и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Протуѓер кажал дека понекогаш покрај политичките разговори сме разговарале и приватни работи. Всушност денeс тој цело време говорел за наводни приватни разговори меѓу нас двајцата без присуство на трети лица, па на крајот и самиот на прашање на еден од адвокатите потврдил дека за тоа што го кажал нема никаков доказ.

Тој кажал дека сум имал хроничен здравствен проблеми со респираторниот систем, што е точно.

Истото помалку или повеќе јавноста го има забележано, бидејќи секоја зима некаде помеѓу ноември/декември и некаде до месец март имав големи проблеми со обилно кашлање, за кои ниту еден лекар во Македонија, а во два наврати и во странство, не можеа да утврдат на што се должи, па некако на крајот констатираа дека најверојатно е алергиска реакција на некои честици од загадениот воздух.

Уште повеќе што кога ќе отидев неколку дена на планина, кашлицата престануваше или се сведуваше на минимум. Додатен доказ ми е што одкако сум дојден во Будимпешта, каде воздухот е многу почист од скопскиот, тој проблем или го немам или се јавува многу ретко и многу пократко, наместо цели 4 месеци како во минатото.

Ако некој сака, ова може да го интерпретира дека јас бев еден од засегнатите од загадениот воздух во Скопје, и во тој контекст, особено во вториот дел од мандатот ставив голем акцент на тоа да се истражат причините за загадувањето и евентуални можни акции за подобрување на состојбата, но тоа е друга тема за која сум говорел.

Кашлицата беше толку силна, што со големи тешкотии ги водев состаноците и тоа изгледаше многу непријатно и за мене и за сите присутни, па некако стана интерна тема, а стана и тема во јавноста на некои од изборните кампањи кои беа во тој период, бидејќи често кашлав на самата говорница.

Се сеќавам дека една докторка која се трудеше со разни лекови да ја скроти кашлицата шеговито во една прилика ми рече дека најдобар лек би ми дала ако ми ги даде клучевите од нивната викендица на планина.

Како и да е, точно е дека тоа го имам разговарано со Мартин Протуѓер на таа тема повеќе пати и во тој контекст и препораката на лекарите да најдам начин почесто да сум на повисоки места, каде воздухот не е загаден. Во еден таков контекст, како што денес и навел Протуѓер, точно е дека повеќе пати имам раговарано со него и имам споделено размислување да најдам некое земјиште во општината Сопиште, кое истовремено е многу блиску до Скопје, цената на земјиштето е ниска и прифатлива, а воздухот далеку почист отколку во градот.

Точно е дека десетина години повремено особено во периодите на обилна кашлица ќе го спомнев тоа во негово присуство, иако за жал презафатен со обврските не преземав конкретна акција.

Сè до тука Протуѓер ја зборува вистината и тој ме подржуваше во таа намера, па дури и размислуваше и тој во иднина да се пресели во таа соседна општина на градот Скопје.

Но, оној дел од неговата изјава каде говори дека во некој момент сум му спомнал дека сум земал земјиште на Водно од 10 илјади метри квадратни не само што е неточна, туку ценам дека е дел од притисокот и уцената кој врз него систематски се прави од страна на партиски контролираното Обвинителство.

За воља на вистината тој веднаш се корегирал на некој начин и тоа со три интервенции.

Првата е што кажал дека тоа околу Водно, еднаш сум му го спомнал некаде во 2010/2011, но кратко потоа пак сум продолжил да зборувам за потребата од барање живеалиште во Сопиште и тоа во повеќе наврати, по што, како што денес тој кажал, сфатил дека тоа наводно купување земјиште на Водно, не се реализирало.

Покрај ова тој додава и дека кога опозицијата ме нападнала за истото во 2015 година, јас јасно сум му кажал дека тоа што ме напаѓаат не е точно и сум побарал да се демантира, а потоа и лично го демантирав.

Третото негирање на некој начин е што Протуѓер, сакајќи да угоди на Обвинителството искажувајки невистина, направил и една прилично голема грешка, која само докажува дека не ја говорел вистината, а тоа е дека кога наводно сум му го кажал тоа тој сфатил дека тоа е во близна на куќата на бизнисменот Ристо Гуштеров.

Земјиштето за кое имам неосновано обвинение и за кое се води судска расправа е можеби на околу два километри оддалеченост од посоченото место од страна на Протуѓер, (што ако се спореди со населбите во центарот на Скопје, може да се спореди како да ме обвинуваат за локација на пример кај Олимпискиот базен, а Протуѓер да посочил локација на пример во Дебар Маало).

Надвор од ова, Протуѓер коректно кажал и дека не видел некогаш дека јас сум земал или на некој начин добивал пари од партијата, што е точно, но кажал и дека јас сум морал по функција да имам некаков клуч од сеф каде се чувале пари, за кои и самиот тврди дека знаел дека биле мали износи за тековно функционирање на партијата, од типот како што навел менување на сијалици и слично.

Не, по функција не сум морал, ниту сум требало да имам таков клуч, ниту сум сакал да го имам, ниту пак сум го имал, што лесно може да се прочита од статутот и другите партиски акти од тоа време, кои ги опишуваат надлежностите и обврските на сите функционери на партијата, а што судот доколку сака да ја установи вистината, може по службена должност да ги побара и прибави овие акти и да се увери.

Се на сè, можам да кажам дека тој дел од изјавата на Протуѓер, колку и да се трудам да ја разберам неговата ситуација, е недостоинствен, неприфатлив и неточен.

Во изминатите една година читав многу шпекулации низ медиумите и слушав од некои поединци околу тоа како тој панично се обидувал да се спаси од прогонот, умилкувајќи се на Заев и на Обвинителството и покренувајќи различни и прилично недостоинствени иницијативи, со кои на моја лична штета, неоправдано и нечесно, тој би сакал да добие поповолна позиција кај нашите заеднички политички прогонувачи, а и дека се обидувал и други да навлече на тој пат.

Ако е тоа точно, а повеќе непотврдени различни извори говорат за тоа, тогаш тоа е поразително за него како личност и би ми било многу жал што еден мој соработник за кој имав многу подобро мислење, спаднал на такви ниски гранки.

Сепак, за разлика од него, јас не би тврдел нешто што не сум го видел, туку само сум го прочитал или чул од некои лица како непотврдена информација.

Втор денешен сведок бил Влатко Чинговски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

И Чинговски сведочеше на судењето за “Плацеви на Водно“

Колку што разбрав од неговото сведочење и тој кажал дека бил на листа на осомничени за предметот “Талир 1“ и бил повикуван во Обвинителството, но подоцна некако го преместиле на листата на сведоци наместо обвинети. Нема да навлезам во толкувања и интерпретации на тоа.

Од неговото сведочење може да се констатира дека кај него се јавил некаков сомнеж и ништо повеќе од тоа.

Сомнеж кога во два или три наврти Кирил Божиновски му се пожалил дека во некои пликоа со документи како што Чинговски денес посочил, кои Чинговски му ги дал на Божиновски, а ги добил од лица кој не знаел да ги наведе, не ја имало очекуваната содржина што Божиновски наводно ја очекувал.

Но, на прашање на некој од адвокатите, дали тој видел пари во тие пликоа со свои очи и дали се зборувало за пари, тој рекол дека немало такво нешто, но дека тој се посомневал дека можеби станувало збор за пари.

Тоа е суштината и клучното од неговата изјава и јас не знам што всушност Обвинителството сака да постигне со вакви сведоштва.

Чинговски исто како и Протуѓер и Јанкулоска и другите кажале дека никогаш не ми дал пари лично на мене.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Некогаш донаторите ги даваа парите на Груевски, кажа Јанкулоска на судењето за „Плацеви на Водно“

Понатаму дознав дека сведочела и Гордана Јанкулоска, чие сведочење е сосема коректно укажувајќи дека јас никогаш не сум земал или побарал пари од партиската каса, во тие години кога таа е генерален секретар од есента 2004 до средината на 2006 година.

Таа посочила и дека во тие години партиската сметка е речиси цело време блокирана, а дека партијата се финансираше од помали донации и од средства кои се исплаќаа од буџетот по освоени гласови на изборите.

Навела и дека донациите кои беа во мали износи се користеа за тековно работење како канцелариски материјал, бензин и слично, дека по правило донациите по функција ги примала таа лично во нејзината канцеларија и дека еднаш или двапати кога била приватно отсутна од штабот, се случило донаторот да ги оставил средствата кај секретарката или кај мене, по што веднаш штом дошла сме и ги предале. Таа потоа го викала донаторот и му издала каса прими за донираниот износ.

Единствена работа за која не била сигурна кога ја прашале заради поминати над 15 години од тогаш и за што со доза на резерва одговорила, е дека “мисли“ дека и кај мене во работната канцеларија имало сеф, што не е точно.

Но, не гледам што е проблемот и ако сум имал сеф, бидејќи секое правно лице има повеќе сефови каде се чува документација.

Јас имав еден дел од мебел изработен од дрво во работната соба со шкафови во кои стоеја разни документи.

Интересно е што медиумите блиски до власта, во недостаток на реални аргументи, денес по сведочењето на Јанкулоска се обидоа токму од оној дел каде таа вели дека “мисли” дека веројатно сум имал сеф, (освен што извлекоа наслови), да направат сензација.

Јас да имав сеф во канцеларијата на поранешниот штаб, би кажал дека имав, бидејќи не гледам што е погрешно или лошо ако во некоја канцеларија има сеф.

Потоа сведочеле уште две лица, еден поранешен претседател на еден од месните комитети во Тетово, кој кажал дека донирал мал износ на средства во месниот комитет со кој го поправале кровот, купувале сокови и слично. Човекот посочил дека никогаш не ме запознал ниту ми давал некакви пари.

Последна сведочела сметководителката на фирмата Сирах, која раскажала како работела и што сработила за фирмата Сирах и на прашање одговорила дека јас за таа фирма и се немам јавено, немам ништо барано, ниту пак било што приватно за мене лично во животот сум побарал од неа.

Ете тоа се сведочењата од денес, за кои партиски диригираните медиуми на СДСМ цел ден прават сензација со наслови извадени од контекст и многу лажни интерпретациии.

Ова само покажува дека СДСМ и Обвинителството се свесни дека имаат празен со докази предмет и се обидуваат да создадат перцепција кај јавноста дека имаат докази, односно дека барем имаат изјави на сведоци, што ако подобро се проанализира се гледа дека всушност немаат ништо корисно за нивните цели.

Овој случај е само за цели за одвлекување на вниманието на јавноста од реалните економски и други проблеми во општеството и обиди за мое и на партијата, дискредитирање заради нивни партиски цели.

Тие мислат дека ако мене ме дискредитираат, народот повеќе ќе им верува и ќе ги подржува, што нема да се случи.

Тие се една неспособна за работа криминална банда, која како никој досега во крајна мера ја злоупотребува политичката моќ која произлегува од власта и врши политички прогон, а истовремено прави огромен криминал на секој чекор, во секој миг и во несогледливи размери.

Затоа и пропаѓаат.

Заради неискреноста, предавствата на националните интереси, криминалот, корупцијата, неработењето и лажењето.

Ова ќе биде кратката анализа кога ќе паднат од власт“, напиша тој на Фејсбук.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

За што се работи во предметот „Плацеви на Водно“ во кој се води истрага за Груевски, Мијалков и Камчев

Фото: Груевски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

На изборите во Холандија победи Вилдерс, познат по антиисламски, антиимигрантски и анти-ЕУ ставови

Редакција

Зеколи: Тевдовски навреме не разбра дека успешен министер кај нас мора да има свои гангстери, новинари, проститутки…

Редакција

Нови 1.347 заболени од Ковид-19 од 4.096 тестирања

Редакција