еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Првиот пациент со трансплантиран црн дроб од починат донор заминува дома со здрав орган и шанса за нов живот

По три недели поминати во болница, пациентот на кој му беше направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор, денес заминува од Клиниката за Дигестивна хирургија во добра состојба, со здрав орган и со шанса за нов живот.

„Среќен сум што сум денес овде со вас и со моите колеги со кои ја направивме првата трансплантација на црн дроб во земјава и еве по три недели го испративме пациентот дома во добра здравствена состојба со функционален орган и со шанса да има нормален и квалитетен живот.

Морам да признаам дека не беше лесно да се дојде до ова. Работевме многу, вложивме многу и еве успеавме сите заедно да отвориме едно ново поглавје не само во полето на дигестивната хирургија, туку и во македонското здравство.

Горд сум на мојот тим лекари и медицински сестри како и на соработката која ја имавме со останатите тимови вклучени во трансплантацијата, на соработката со Националниот координатор за трансплантација и со Министерството за здравство. На крајот сакам јавно да се заблагодарам на семејството на донорот.

Без нивната хуманост немаше да имаме здрав пациент кој денес заминува дома и да го направиме овој успех во здравството,“ вели проф. д-р Зоран Караџов, директор на Клиниката за Дигестивна хирургија и координатор за трансплантација на оваа клиника.

Првата трансплантација на црн дроб се случи на 24 ноември кога семејството на жена кај која беше дијагностицирана и потврдена мозочна смрт даде согласност да се донираат органите и притоа да се спасат неколку животи. Покрај црн дроб се трансплантираа и два бубрега.

„Пациентот кој го прими органот е 60 годишен пациент со напредната болест на црниот дроб за кој практично не постоеше друг начин да му се спаси животот. Денес истиот тој пациент заминува дома со нов орган и нова шанса за живот и тоа е убавината на трансплантацијата и на органодонорството. За мене како хирург и за моите колеги, беше предизвик да се започне оваа приказна.

Двонеделниот престој во центарот за трансплантација во КБЦ Меркур во Загреб, соработката со тимот на Клиниката за дигестивна хирургија и со сите останати тимови, амбицијата и желбата да се влезе во оваа приказна и да се биде дел од Програмата за трансплантација, беше тоа што не водеше кон овој успех,“ вели проф. д-р Светозар Антовиќ, кој е дел од тимот кој ја направи првата трансплантација и воедно шеф на катедрата по хирургија при УКИМ.

Инаку, во тимот кој ја направи првата трансплантација покрај проф. д-р Зоран Караџов и проф. д-р Светозар Антовиќ учествуваа и науч. сор. д-р Љубомир Огњеновиќ, асс. д-р Ќемаљ Рушити од Клиниката за дигестивна хирургија, како и нивните колеги лекари, клиничкиот фармацевт и медицинските сестри. Тимот анестезиолози од КАРИЛ, кои го водеа реципиентот, предводени од прим. д-р Татјана Спировска. Потоа екипите од Клиниката за гастроентерохепатологија, предводени од проф. д-р Бети Тодоровска, науч. сор. д-р Елена Цуракова Ристевска, кои го подготвија донорот.

„Да не ги заборавиме и другите екипи кои учествуваа во трансплантацијата, а тоа се екипите од Клиниката за урологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за трансфузиологија, и секако, болничките координатори, кои го процесираат пациентот во мозочна смрт, предводени од доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, д-р Билјана Андоновска, како и медицинските сестри, инструментарки, вработените во лабораториите и сите вклучени, кои со заеднички заложби го постигнаа овој огромен успех,“ се вели во соопштението од Клиниката за дигестивна хирургија.

Министерот за здравство Беким Сали истакна дека ова е историски чекор за македонското здравство, со кој се вброивме меѓу врвните здравствени системи кои успешно работат трансплантација на црн дроб.

„Ова е шеста трансплантација од починат донор од почетокот на годината и прва на црн дроб во историјата на македонското здравство. Заедничката и тимска работа на преку 100 лекари, медицински сестри и админстративен персонал, резултираше, годинава, да се трансплантираат 10 бубрега од починат донор, две срца кај тешки пациенти и извршени 10 инплантации на коскени ткива.

За последниве две години тоа се вкупно осум срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива и еве сега и првиот црн дроб“, рече тој.

„За мене нема посреќен момент од тој кога пациентот ќе си оди дома. Тогаш сите ја гледаат смислата на органодарителството. Повторно би сакала да се заблагодарам на сите досегашни семејства кои донирале и успеале да спасат живот,“ вели д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за транспланатција на органи и ткива.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) Солзи радосници: Прва трансплантација на црн дроб во Македонија од починат донор

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Весна Дамева е нов претседател на Судски совет

Редакција

Николовски за „еМагазин“ за патувањето во Дубаи: „Користев три дена за приватни потреби, сега сум овде“

Редакција

МВР за тврдењата на Јанкулоска дека е под опсада: Преземаме стандардни мерки

Редакција