еМагазин
Image default
Локално

Првите инфо денови од ИПАРД Програмата започнаа од Велес и Лозово и ќе продолжат во Штип и Радовиш

Покрај двете работилници кои се одржаа во Струмица и Тетово, денес од Велес и Лозово започна бранот на инфо денови во склоп на едукативната кампања за ИПАРД Програмата 2014–2020.

Утре, 17.01.2019, четврток, ќе бидат организирани и инфо денови во големата сала на општина Штип и Домот на културата „Ацо Караманов“ во Радовиш.

По одржување на овие инфо денови едукативната кампања на ИПАРД Програмата 2014-2020 продолжува со инфо денови, работилници и форуми низ целата територија на Република Македонија.

Во Велес присуствуваше и заменик директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, Авдуљ Селам – Селами, кој порача:

„Чест и задоволство е денеска овде во Вардарскиот дел на земјава да се објаснат можностите кои ги нуди ИПАРД програмата.

Овој крај е еден од позначајните за домашното земјоделство, но и за преработувачката индустрија, затоа многу е важно навреме да ги знаете сите правила и процедури кои треба да се запазат за да ги искористите средствата кои ни се на располагање преку ИПАРД програмата. Во моментов со Мерките 1 и 3, на располагање се 25 милиони евра.“

Тој додаде дека е врвен приоритет да се искористат што повеќе средства од ИПАРД 2 програмата со што на домашното стопанство ќе му се овозможи со европските средства да се создадат производи со додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни, а тоа ќе обезбеди поголем економски раст.

Претставниците од Одделението за програмирање и проценка при Телото за управување со ИПАРД од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја презентираа Мерка 1: Инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства од ИПАРД можностите за македонското земјоделство и руралниот развој.

Додека, претставниците од Секторот за одобрување на проекти при Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој ги потенцираа деталите од постапката за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020.

Во, Лозово, покрај Мерка 1 беше претставена и Мерка 3 за преработка на земјоделски производи. Фокусот беше на секоја мерка поединечно.

За време на инфо денот во Велес, беа организирани и работи во групи со практична вежба за подготовка на Технички предлог проект и Деловен план на претпоставени предлог проекти за мерка 1 и беше претставен пример на успешно реализиран проект од претходен јавен повик.

Во големата сала во Општина Штип со почеток во 10:00 и во Домот на културата „Ацо Караманов“ во Радовиш во 14:00 ќе се претстават двете мерки, и тоа Мерка 1: Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства за примарно земјоделско производство и Мерка 3: Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.

За секој заинтересиран овој инфо ден е одлична можност за запознавање со методите за користење на ИПАРД 2014-2020.

На 29-ти јануари истекува рокот за поднесување на барања за мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“. Рокот за поднесување на барања за мерката 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ истекува на 9-ти февруари.

За повеќе детали околу ИПАРД Програмата и потребните документи и информирации може да се посетат веб страниците на ИПАРД Македонија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и тоа ipardpa.gov.mk, ipard.gov.mk, mzsv.gov.mk, agencija.gov.mk или да се јават во сектор ИПАРД при МЗШВ на 02/3134-477 локал 113, 114 и 115 во АФПЗРР 02/3097-460 и АПРЗ 047/228-330 и 047/228-370.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Го нападнале по расправија за паркинг место во Скопје

Редакција

На „Тиквешки гроздобер“ испиени 25 илјади литри вино, на последната вечер Кавадарци го посетиле 65 илјади лица

Редакција

Уништени куќи: Попуштиле потпорните ѕидови при ископ за станбена зграда на улица „Алжирска“

Редакција