еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Прво научи ги луѓето да фрлаат ѓубре во контејнер, потоа дај им по една електронска картичка

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во „Топ Тема“ на „Телма“ најави дека за некое време граѓаните ќе ги отворале контејнерите со електронски картички. Секој станар ќе си имал картичка и ќе го отворал контејнерот покрај зграда кога ќе требало да фрла ѓубре. Контејнерите ќе биле затворени, ѓубрето немало да лета кога има ветер, немало да се преполнуваат…

Во град кој што се дави во ѓубре, со депонии кои постојано горат, каде пластичните шишиња, хартии, ќесиња се декор на улиците и парковите, во град во кој граѓаните немаат основна еколошка култура, фрлаат ќесиња со ѓубре од прозор, ги закачуваат по гранки, прават мини депонии и немаат минимум совест за тоа што значи да се грижиш за околината, ти ним ќе им дадеш електронска картичка. Сите ѓубрето ќе ти го оставаат покрај контејнер.

Електронска картичка за контејнер може да функционира на пример кај Словенците, кои се во краен стадиум на свест и совест за чиста околина.

А овде, овде треба да се почне од А во азбуката. Да се воспостави систем на контроли и високи казни. Да има редари кои ќе прават контроли и да казнуваат.

Ако не знаете како да го решите проблемот, следете примери. Ама бидете дисциплинирани и доследни во спроведувањето на мерките, а не популисти, да не ги казнувате гласачите-загадувачи.

Кому ќе му дадете електронска картичка? На оние кои играат фудбал со кантите, кои фрлаат од прозор на кола, на оние кои не си го собираат ѓубрето кога се во природа, кои фрлаат цел инвентар од домот по езера и реки? Најдете начин како да се подигне свеста на граѓаните.

И кога може активистката Ирена Ристиќ со дваесетина луѓе да се организира, да набави материјали за работа, да лоцира жешки точки, можете и вие со сета моќ во рацете, плејада на административци и ресурси на располагање.

Но не, прво електронска картичка. Во екологија, како и во се, не се почнува од опашката.

Фото: Општина Карпош

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Собранието ги одложи пописот и локалните избори

Редакција

(Видео) Иванов пред три години објави аболиција, ќе има ли ново помилување?

Редакција

Во последните 100 дена од Владата, премиер ќе биде Албанец: Заев и Ахмети договориле, Ковачевски ќе почитува

Редакција