еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Рашковски најави правна разврска за набавката на радарскиот систем, нема да поднесе оставка

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски најави правна разврска за случајот со објавената аудио снимка од состанок за тендерот за набавка на систем за управување со воздушниот простор за М-НАВ (Македонска навигација) по која имаше објави во јавноста за негови наводни незаконски влијанија во постапката.

Рашковски на прес-конференција рече дека нема да поднесе оставка за случајот, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде побараа одговори и покренаа постапка до Обвинителството против него, ја обвини за непознавање на надлежностите на функцијата генерален секретар и воопшто на правото.

– Ова е верзија на разговорот. Кога ќе стигне официјална пресуда од страна на судските органи, во кривичната постапка тогаш да седнеме и повторно да разговараме, рече Рашковски, одговарајќи на новинарско прашање дали има намера да поднесе оставка по објавениот разговор.

Рашковски им се извини на сите држави и националности што се нашле повредени во објавениот разговор и посочи дека е несериозно е да се објават само 15-тина минути од разговорот кој што траел околу еден час. Аудиозаписот, како што рече, е даден на вештачење.

Тој претстави документација за целиот случај, меѓу кои записник од седница на Влада со кој добил задолжување, заедно со останататите надлежни чинители, за вклучување во тендерската постапка, откако по промената на власта било утврдено дека со реализацијата на тендерот се доцни повеќе од четири години.

Изнесувајќи детали од случајот со набавката на АТМ системот за Контролата за летање, што се спроведува со финансии од Европската банка за обнова и развој, Рашковски информира дека договорот за избор на италијанската фирма е направен уште во 2017 година од страна на Живко Поповски, татко на поранешниот министер за надворешни работи, Никола Поповски.

Рашковски соопшти дека Климент Чепуњовски е разрешен од позицијата директор на техника во М-НАВ поради одредени пропусти во работењето и загрозување на безбедноста на македонското небо.

– Причината поради која е сменет Климент е дека постоеле одредени пропусти, но јавноста може да биде смирена, бидејќи сите тие пропусти се надминати, рече Рашковски, одговарајќи на новинарски прашања.

За случајот со радарите кои останале без сигнал во септември е разговарано на затворена владина седница, но информациите се класифицирани, бидејќи станува збор за доказна постапка во Обвинителството. По носење на одлуките од страна на Обвинителството, информациите ќе бидат јавни, рече Рашковски, појаснувајќи дека за случајот се разговарало на првата владина седница по добивање на извештајот од страна на Комитетот за воздухопловни несреќи.

Меѓу останатото, Рашковски наведе дека неговото вклучување во тендерската постапка е според задолжение од седница на Влада, целата јавна набавка се водела според англиското право со оглед дека таа се врши преку Европската банка за обнова и развој. За набавката досега имало седум рокови и според најновиот таа треба да се реализира во октомври годинава.

– Период со доцнење од 5,5 години, при ваков круцијален систем за безбендоста на воздушниот простор на Република Северна Македонија е апсолутно недозволив и затоа се сите задолженија и обврски дадени од Владата до генералниот секретар на Владата, Министерството за транспорт и останатите инволвираниани за целиот процес да добие динамика на реализација. Недомаќинско работење е 5,5 години да имате повлечено пари од ЕБОР, а да не ги искористите, а дали има основа за кривична одговорност ќе каже некоја друга инстанца, рече Рашковски.

По финалното одобрување од ЕБОР на првата фаза, а со тоа и да се продолжи со втората фаза во која се квалифицирале како учесници ИНДРА, Талес и Леонардо, на 6 јуни 2017 година од страна на М-НАВ до ЕБОР е испратена конечна сумарна анализа на евалуацијата за набавка на АТМ системот.

Тоа, рече Рашковски, значи дека од страна на М-НАВ веќе е извршен избор, потпишан од Живко Поповски и оти тие го избираат Леонардо за набавувач на опремата и изградба на зградата за системот.

М-НАВ во јули 2017 година, дополни Рашковски, добила писмо од ЕБОР, како давател на заемот, дека е во ред целокупната постапка и оти треба да се пристапи кон испраќање „letter of award“, со што сите пречки за почнување на потпишување на договорот се отстратени.

Оттогаш, укажа, се поминати две години, односно М-НАВ не го испратила писмото. При доаѓањето на новата власт, наведе Рашковски, откако затекнавме ситуација надвор од логиката и доцнење на реализација од четири години, беше дадено задолжение за серија состаноци за да се утврди целата ситуација.

Потоа, појасни, било утврдено дека нема потреба М-НАВ да ја враќа целата процедура назад и да се оди на ретендерирање. Посочи дека во тој случај целокупната постапка би траела до 2021 година, односно тогаш би се отвориле нова постапка и никој не би знаел како би завршила.

Коментирајќи ги обвинувањата за делот од верзијата на објавениот разговор за важноста на понудите, Рашковски рече дека повторно станува збор за елементарно непознавање на процедурите на ЕБОР.

– Од страна на Леонардо се испратени писма и анекси со кои тие ја продолжуваат важноста на гаранцијата за сериозност и банкарската гаранција. Потпишувањето на Договорот од страна на Леонардо се случува на 28 ноември 2018 година, а од странана М-НАВ на 14 декември 2018 година, бидејќи лицето Климент Чепуњовски не сака да го потпише на денот кога тука се присутни претставниците на Леонардо, рече Рашковски.

Климент Чепуњовски, вели Рашковски, треба да објасни што правеше во Владата на 4 април годинава.

– Најверојатно, пак да снима, барајќи да биде ослободен од кривична одговорност за инцидентот кој се случи, а за кој Владата расправеше на затворена седница и за којшто се поднесени документи до Обвинителството, рече генералниот секретар на Владата.

Во однос на делот од разговорот каде се споменува промена на Законот за воздухопловство, појасни дека од ЕБОР рекле оти ако сакаме да пристапиме кон потпишување на договорот треба да имаме минимум обезбедување на воздушниот простор од 500 милиони евра.

Моментно возушниот простор е обезбеден со 150 милиони евра. Таквото зголемување на осигурителната сума би значеле дополнителни 350 илјади евра годишно, а со цел да ги заштедиме пристапуваме кон измена на Законот, според кои до 150  милиони евра одговара М-НАВ односно осигурителната компанија, а над 150 милиони евра штета Република Северна Македонија, појасни Рашковски.

Согласно Договорот за реализација и динамиката на Леонардо му се исплатени 10 проценти од вредноста на Договорот.

МИА/Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Новинарите Салиу и Јовановски бараат оставка од Рашкоски оти ги навредил Ромите и Италијанците

Генералниот секретар Рашковски ќе тужи партии, новинари и медиуми

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За директорката на Инфективна, големиот број на нови случаи на Ковид-19 е последица на континуирано неодговорно однесување

Редакција

И се закани ли Јанева на власта за “Рекет“?

Редакција

Лекарска комора побара од Судот на честа за привремено или трајно одземање на лиценцата за работа на Нина Цаца Биљановска

Редакција