еМагазин
Image default
Македонија

Џафери повика на лидерска за потврда на изборите, расправата за Законот за ЈО денеска на собраниска седница

Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера на седницата за Законот за Јавно обвинителство предложи за денеска одржување на лидерска средба на која, како што рече, ќе се потврди желбата на сите партии за одржување на изборите на 12 април.

Тој претходно ја одложи седницата оти се пријавиле повеќе од 30 говорници и поради тоа што пратениците цел ден му се жалеле дека биле преморени од чекање.

Џафери синоќа во 22 часот ја почна седницата на која требаше да се расправа за предлог законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители и по кратко време ја прекина и ја презакажа за денеска во 11 часот.

Собранието денеска во рамки на 135. седница треба да расправа по законите, кои веќе поминаа во Комисијата за европски прашања и во матичната Законодавно-правна комисија.

Двотретинско мнозинство е потребно за Законот за ЈО, кој не е официјален услов за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, но сепак од високите европски претставници се споменува како позитивен сигнал кој би можел да го придвижи процесот.

Собранискиот спикер на пратениците кои вчера му праќаа пораки на Фејсбук им порача дека нема профил на социјалната мрежа и дека ако преку такви пораки повикуваат дека имало можност да се создаде ново парламентарно мнозинство, да одржат лидерска средба.

-Се додека примам пораки дека има можност да се создаде друго мнозинство дека ќе биде поуспешно, јавно ги повикувам партиските лидери доколку сериозно мислат дека имаат потреба да создадат друго мнозинство, јавно ќе организирам преку мојата покана во текот на утрешниот ден да имаме лидерска средба согласно Пржинскиоит договор, согласно договорот за предвремените избори од 12 април, да потврдиме дека има желба да се одржат изборите на 12 април, истакна Џафери.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски вчера изјави дека има можност за формирање ново парламентарно мнозинство и редовни избори.

-Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на било кој начин се оневозможи гласање на важните законите, а особено Законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи… во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори, изјави Љупчо Николовски, во гостувањето на телевизија 21.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак вчера на емисија на телевизијата Алфа рече оти е убеден дека на 12 април ќе има предвремени избори, а ако Собранието не се распушти до недела, според него ќе настапи сериозна политичка криза.

Во одговорот на прашањето дали по барањето за разрешување на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи е можно да се случи престврт и да се доведе во прашање одржувањето на изборите, Мицкоски рече дека во Собранието се вршел пазар за да се обезбеди двотретинско мнозинство за Предлог законот за јавно обвинителство.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Продолжува судењето за „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

Поднесено обвинение за грозоморното убиство на Пино Секондо

Редакција

Владата се откажала од мерцедесот, Заев не се возел со него

Редакција