еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Лекција од Словенија: Развојот на локалните места треба да потекнува од луѓето кои живеат таму, нивните идеи и вложување

Едни од најпознатите туристички места во Словенија, Блед и Бохињ од 2008 до 2018 година бројот на туристи го зголемиле двојно. Тие се мали општини, но она што е карактеристично за нив, како и за другите мали места, е што меѓусебе соработуваат. Заеднички развиваат проекти, знаат во кој правец посакуваат да го носат туризмот, идеите ги црпат од локалното население.

Интересно е што општините во Словенија најмногу се финансираат од даноците на жителите кои живеат во нив.

На пример доколку жител на Блед, работи во Љубљана, општината сепак има дел од неговиот данок. Оттука и „борбата“ помеѓу општините која од нив ќе создаде подобри услови за младите од странство и од Љубљана да ги врати назад. Тие меѓусебе се натпреваруваат со идеи, со добра инфраструктура за да ги вратат луѓето од чиишто пари и се развиваат како туристички места.

И успеваат во тоа. Љубљана е скапа за живот, па младите брачни парови со деца одлучуваат да живеат од местата каде што потекнуваат или пак едноставно купуваат имоти каде што е мирно и поевтино. Се враќаат и граѓаните кои живеат во странство, бидејќи тие заминуваат на неколку години на студии или работа, а потоа започнатите бизниси може да ги продолжат во нивната држава. А и зошто да не, кога се враќаат во една од најдобрите земји во светот за живот.

Зошто општините им се развиени?

Затоа што граѓаните вложуваат во заедницата. Кога ќе им заврши работното време околу 16 часот, Словенците поминуваат време со семејството, а потоа за некоја активност во местото каде што живеат, за доброто на сите. Има развиено голема мрежа на волонтери. Во секое помало место таа мрежа е многу силна. Секоја недела прават забави или одреден вид на други активности, собираат пари, купуваат опрема и ја јакнат пожарникарската служба. Имаат голем број на волонтери кои во секој момент може да помогнат при лавини, сообраќајни несреќи, пожари.

Високогорските спасувачки служби исто така функционираат на база на волонтеризам. Има 17 спасувачки служби во кои се регистрирани 480 луѓе кои се распоредени на различни точки. Нивниот буџет изнесува половина милион евра за кој сметаат дека е малку. Тие акциите за спасување ги извршуваат бесплатно, а нивните барања се во иднина, секоја интервенција да им биде платена. Во несреќите кои годишно изнесуваат околу 50, најчесто учествуваат повозрасни волонтери кои се во пензија, бидејќи младите волонтери работат.

Свеста на граѓаните е толку многу развиена што речиси за секој проект како на пример Планинскиот музеј во Мојница, 80 проценти од парите биле собрани преку општините, заедницата, граѓаните. За каков било одржлив проект, во кој граѓаните ќе препознаат дека е добар за развој на туризмот и за привлекување на туристи во нивниот крај, отвораат фондови и собираат пари.

Државата, односно централната власт има минимална улога во идеите, проектите, финализацијата  на истите.

ГИЗ Северна Македонија им овозможи на земјите од регионот да ги видат овие позитивни искуства кои можат да се применат на локално ниво и меѓусебна соработка, за која се потребни проекти.

Планината им е во срцето

Планината им е во срцето на Словенците. Толку многу ја сакаат што, нивната Алпска федерација брои еден милион членови од два милиони народ. Не само што уживаат во тој планинарење, возење велосипед тие и помагаат во развојот на планинискиот туризам.

За да ја зачуваат природата од автомобили во овие мали места кои се преплавени со туристи, се повеќе размислуваат за воведување на еко-автобуси кои од одредени паркинг-места ќе ги превезуваат туристите.Тие се исправени пред предизвикот како да ги развиваат туристичките производи, а воедно да ја заштитат природата за што обрнуваат големо внимание.

Словенците користат и европски пари, на пример со 40 милиони евра е реновирана Планица, односно најпознатиот светски нордиски ски-центар за ски-скокачи. Најважните европски и светски натпреварувања се одржуваат таму.

За да ги поштедат тие мали места со природни убавини а и самата Планица, бројот на посетители е ограничен на 35.000.

Уште еден туристички производ развиен со европски пари, а кој се нуди во овој предел е „Патеката на мирот“ која Словенија ја поврзува со Италија, Австрија. Се оди по патека која што има голем број на воени објекти кои биле користени за време на Првата светска војна и каде што се одвивала една од најголемите битки. Во Кобалид има и музеј каде што се изложени сите оние предмети пронајдени за време на војната, но исто така се промовираат и патеките по кои може да се планинари, вози велосипед, параглајдинг.

Туристички производи со додадени вредности

Освен планинарење, параглајдинг, возење велосипед низ цела Словенија па се до Италија, туристички производ кој одлично се продава е рафтинг на можеби една од најубавите реки во Европа, долината Соча. Реката со најуникатна боја на светот зелено-сина, е запоседната од 50 компании кои нудат рафтинг и кајакарење. Локалните компании се жалат на напливот на странски компании кои доаѓаат само на лето во Бовец, Кобалид и сите тие места кои гравитираат во оваа долина, „го собираат кајмакот“ и си одат. Тие се обидуваат да направат некакво ограничување за странците.

Бидејќи како што велат, најдобро е заработените пари да ги вратите назад во инфраструктурата. Таа останува и носи уште поголема заработка.

Земјоделието се уште е развиена гранка во Словенија и населението се уште преферира да купува локални производи. Помалите фармери се здружуваат за да се задоволат потребите на пазарот и со обезбедувањето на пласман се поттикнува производството.

Одличен пример е фабриката „Планика“ за млечни производи која е од огромно значење за сточарите кои гравитираат во околината на Кобалид и долината Соча и чие што млеко со врвен квалитет има загарантиран откуп таму. Млекото им се откупува за 24 денари по литар. Производите кои се произведуваат од тоа млеко се органски.

Платите не се многу високи, просечната плата е околу 700 евра, а оние кои заработуваат над 1.000 се сметаат за со одлични примања.

Словенија е една од ретките земји во која, во националните паркови живеат околу 2.000 луѓе. Истите, имаат голем број на привилегии но и обврски кои треба да ги почитуваат, бидејќи живеат во заштитени подрачја. 36% од територијата е заштитено подрачје.

Со вложувањето во општините, со изградбата на музеи, развој на туристички производи, се вработува локалното население, им се помага на локалните угостителски објекти како и на сместувачките капацитети. Истовреме, вредноста на имотите огромно расте.

Имајќи го предвид нивното искуство, силата како држава им потекнува од народот. Од граѓаните им се идеите, проектите, парите за реализација, создавањето на приказни кои одлично ги продаваат. Тие дишат заедно со планините и природните убавини.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) Во најчистата Словенија: Да се потсетиме колку е убаво, кога е се чисто

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 85 случаи на заразени со корона вирусот од 1.188 тестирања

Редакција

По смртта на двајца пациенти во прилепската болница, Обвинителството отвори предмет

Редакција

Најмногу активни случаи на Ковид-19 во Скопје, Куманово, Прилеп, Тетово и Велес

Редакција