еМагазин
Image default
Свет

САД ја менуваат стратегијата во однос на Грција и Кипар

САД усвоија Закон за партнерство за безбедност и енергетско партнерство во Источен Медитеран од 2019 година со што се овозможува официјален Вашингтон во целост да го поддржи тристраното партнерство на Израел, Грција и Кипар преку иницијативи за соработка во областа на енергетиката и одбраната.

Со Законот се предвидува и укинување на ембаргото на трансфер на оружје кон Република Кипар, воведени во 1987 година.

Американскиот сенатор Боб Менендез од Комитетот за надворешни односи на Сенатот и член на Демократската партија и сенаторот Марко Рубио од редовите на Републиканската партија го објавија воведувањето на Законот, кој го одобрија двете партии.

Со законот се сака да се актуелизира стратегијата на САД како последица на промените во источниот сердоземноморски регион, вклучително и неодамнешното откривање на големи наоѓалишта на природен гас, но укажува и на влошените односи на Анкара со Вашингтон.

Освен укинувањето на забраната за продажба на оружје на Кипар, новопретставениот Закон предвидува формирање ебергетски центар САД – Источен Медитеран за олеснување на енергетската соработка меѓу САД, Израел, Грција и Кипар, три милиони долари помош за странско воено финансирање на Грција, два милиони долари за меѓународно воено образование и обука за Грција и два милиони долари за Кипар.

Исто така, со Законот се запира доставување авиони Ф-35 за Турција се додека Анкара продолжи со плановите за купување систем за против-воздушна одбрана С-400 од Русија.

Освен тоа, се бара од администрацијата до Конгресот да достави стратегија за зајакната соработка во областа на безбедноста со земјите од Источен Медитеран, како и извештаи за штетни дејности на Русија и други земји во регионот.

„САД имаат значајни интереси за национална безбедност во источниот дел на средоземноморскиот регион, поддржани од силните и продлабочени односи со Грција, Израел и Кипар. Соработката во областа на енергетската безбедност меѓу тие земји во последните години го отвори патот за соработка со поширок дневен ред, кој ја опфаќа безбедноста, економијата и енергетиката“, изјави сенаторот Менендез.

Тој оцени дека е дојден моментот за САД да ја продлабочат таа соработка и да ја надградат со конструктивен напредок, постигнат од нашите сојузници за да ја осигура безбедноста на Источен Медитеран. Менендез појасни дека законот ќе ги зајакне пријателските врски преку заедничките напори за мир, просперитет и безбедност.

„Законот, поддржан и од Републиканската и од Демократската партија ќе продолжи да ја зајакнува нашата взаемна соработка во областа на енергетика и безбедноста со нашите сојузници во Источен Медитеран“, изјави Рубио.

Тој посочи дека со укинувањето на ембаргото за оружје за Кипар и проширувањето на неопходната странска воена помош за Грција, Законот овозможува сеопфатен пристап кон стабилноста на клучните регионални партнери.

Пред два дена „Фајненшл тајмс“ објави дека во последните месеци е зголемен ангажманот во секторот за гас во Источниот Медитеран. По речиси една деценија шпекулации за потенцијалот на ресурсите во регионот, последните случувања конечно тргнаа во вистинска насока.

Во јануари во Каиро се сретнаа министрите за енергетика на Кипар, Египет, Грција, Јордан и Израел, со претставници на Италија и палестинските власти, за да разговараат околу регионалната соработка во однос на експлоатацијата гас од морското дно.

Резултатот беше создавање на Источномедитерански форум за гас, насочен кон развој на регионален пазар на гас и искористување на инфраструктурата за течен природен гас во Египет.

Тој беше проследен со договор во декември помеѓу Египет и Кипар за создавање и одржување на услови за изградба на гасовод, кој ќе ги поврзе гасните полиња Афродита во крајбрежјето на Кипар, со египетските капацитети за течен природен гас.

Имаше нов развој на 28 февруари кога „ЕксонМобајл“ најави дека открил ново наоѓалиште на гас во водите близу Кипар, што двојно ги зголеми проектираните ресурси во кипарските територијални води.

Заинтересираните страни сега треба да ги остават настрана сите разлики меѓу себе и да ја искористат можноста.

Кон крајот на 2012 година кипарските власти соопштија дека Кипар има наоѓалишта на природен гас за следните 250 години.Според тогашните податоци, наоѓалиштата на природен гас во тој регион се 60 трилиони кубни фита (еден кубен фит изнесува 0,028316 кубни метри).

Експертите велеа дека во „блокот12“ веројатно има меѓу осум и 12 трилиони кубни фита природен гас. Се смета дека чистата заработка само од конкретниот блок изнесува 86 милијарди евра.

Вкупната вредност на наоѓалиштата во исклучителната економска зона на Кипар во Средоземното Море изнесува 2,1 трилиони евра, а чистата заработка би била над 800 милијарди евра.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во војната во Украина досега убиени двајца новинари

Редакција

Американците очекуваат војната во Украина да трае уште многу месеци

Редакција

Трамп или Бајден: Денеска претседателски избори во САД

Редакција