еМагазин
Image default
Македонија

Се најавува нова средба за Законот за јавно обвинителство, партиите до утре треба да поднесат амандмани

Повеќе од два часа траеше средбата на работната група на власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство, на која беа присутни министерката за правда Рената Дескоска, како и претставници од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Денешната средба следува по дводневната јавна расправа на која претставници на политичките партии и експерти од оваа област имаа можност да ги изнесат своите забелешки. Министерството за правда најави дека дел од нив ќе бидат вградени во предложеното законско решение кое треба да се најдат на собраниска седница доколку политичките партии ги усогласат ставовите.

Министерката Рената Дескоска побара утре до 12 часот политичките партии да поднесат амандмани. Потоа најверојатно до понеделник ќе биде одржана нова средба, на која ќе се разговара кои од амандманите ќе бидат прифатени.

Дескоска рече дека ВМРО-ДПМНЕ на средбата не дале амандмани, туку прочитале забелешки од различни ескперти што произлегоа од јавната расправа.

„Ние отворивме и дебата за толкувањето на определени ставови на експертите и видовме дека има различно читање на одредени ставови, така што се побара од нив да подготват амандмани исто како и другите политички групи што доставија и тоа да го направат до утре до 12 часот“, рече Дескоска.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски предлага Министерството за правда да ги повика правните експерти кои дале мислење на расправата за законот и со нив да изготват амандмани. Тој  рече дека се подготвени за нови средби.

ВМРО-ДПМНЕ, како што изјави по средбата Милошоски, нема намера да изигрува експерт и затоа предност им дава на правните експерти. Смета дека амандман подготвен од експерти е подобар од амандман подготвен од политичка партија.

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери вчера изјави дека има деловничка можност Предлог-законот да биде веднаш ставен на собраниска седница доколку текстот биде усогласен.

„Има таква деловничка можност“, изјави Џафери на средбата со новинарите, додавајќи дека сè зависи од волјата на парламентарниот состав.

На неопходноста од донесување на Законот за ЈО укажуваат и владините претставници и меѓународната заедница.

Новиот Предлог-закон за јавно обвинителство се очекува да биде донесен до 12 февруари, кога треба да се распушти овој собраниски состав. За неговото донесување неопходно е двотретинско мнозинство.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Партиите во нов обид за компромис за Законот за јавно обвинителство

Заврши стручната дебата, законот за Јавно обвинителство се враќа во работните групи

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ганка Цветанова со порака до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставните измени

Редакција

(Фото) Кандидатот за лидер на СДСМ, Ковачевски со Зечевиќ ја презентираше својата програма

Редакција

За време на викендот локализирани десетина пожари

Редакција