Влегува ли Трифун Костовски, еден од најистакнатите македонски бизнисмени и поранешен градоначалник на град Скопје во помирни води е прашање што заслужува внимание по неколку настани поврзани со неговите компании.
Тој неодамна се обиде да ја продаде неговата „Еуростандард банка“ на Комерцијална банка, а вчера излезе и информацијата дека на продажба оди неговата осигурителна компанија „Еуролинк осигурување“.
Имено, Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување на последната седница пред неколку дена даде согласност на австриската Grazer Wechselseitige Versicherung Aktiengesellschaft AG да стекне акции, кои претставуваат вкупен кумулативен износ кој надминува 75% од вкупно издадените акции со право на глас во Акционерското друштвото за осигурување „Еуролинк“ Скопје.
„еМагазин“ веќе пишуваше дека акционерското друштво „Еуролинк“ е формирано во 2002 година како странска директна инвестиција со основачки капитал од 3,2 милиони евра.
„Трифун Костовски, воден од желбата да придонесе за економскиот развој на Република Македонија, преку својот инвестициски фонд GOFI – Group of Finance and Investment SA, од Швајцарија, заедно со уште три странски друштва од Италија и од Швајцарија, го основаат „Еуролинк осигурување“.
Од 2009 година, со преземање на акциите од другите основачи, GOFI –Group of Finance & Investment SA станува единствен акционер на друштвото“, пишува на сајтот на компанијата.
ПРОМЕНИ ВО НАДЗОРНИОТ ОДБОР НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА
Неодамна, Централниот Регистар постапувајќи по пријавата за промена во Надзорниот одбор на „Еуростандард банка“ односно упис на нови членови донесе решение со кое се одобрува пријавата.
Со неа, досегашните членови на Надзорниот одбор, Трифун Костовски и Гале Галев се избришани од евиденцијата, а на нивно место се впишани Филип Ивановски, како независен член и Емил Ханџиски како член на Надзорниот одбор.
Според веб-сајтот на банката, Костовски бил член на Надзорниот одбор од нејзиното основање.
Исто така, „еМагазин“ неодамна пишуваше за обидот за продажба на „Еуростандард банка“ на „Комерцијална банка“, кој заврши неуспешно откако двете страни не се договорија за цената.
Тогаш, наместо купопродажба, „Комерцијална банка“ им даде на акционерите на „Еуростандард банка“ кредит од 10 милиони евра.
„Во врска со претходната објава на „Комерцијална банка“ АД Скопје за разгледување на можноста за стекнување акции издадени од „Еуростандард банка“ АД Скопје, „Комерцијална банка“ АД Скопје ја известува јавноста дека се прекинати почетните разговори и натамошното стекнување на информации поради очигледните разлики во вреднувањето.
Наместо тоа, а на нивно барање, „Комерцијална банка“ АД Скопје одобри долгорочен кредит во износ од 615.000.000 денари (10 милиони евра) на друштвото за трговија и услуги „Гофи“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје како должник и „Гофи груп оф фајненс енд инвестмент“ како заложен должник.
Долгорочниот кредит е обезбеден со залог од прв ред над 3.200 обични акции со номинална вредност од 1.000 евра по акција, издадени од „Еуролинк Осигурување“ АД Скопје и друг недвижен имот“, соопшти банката.
Зад компаниите кои се корисници на кредитот стои бизнисменот и поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, а „Гофи груп“ се јавува и како мнозински акционер во „Еуростандард банка“.
БОГАТА КАРИЕРА СО МНОГУ УСПЕСИ
Трифун Костовски е можеби најпознатиот бизнисмен од Македонија од генерациите кои работат уште од времето на порнашена Југославија,
Тој од 1971-1989 работел во „Технометал-Вардар“ од каде бил испратен и во Варшава како претставник на компанијата.
Потоа, откако ја напушта компанијата и влегува во приватните води во Австрија и Швајцарија, неговата кариера се вивнува и станува еден од побогатите луѓе во Македонија.
Станува збор за човек-патриот кој својот капитал го инвестира во развој на многу бизниси во земјава, но и во спортот. Имено, тој е најодговорен што нашата земја преку Кометал Ѓорче Петров застана на европскиот пиедестал во женскиот ракомет.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трифун Костовски го продава „Еуролинк осигурување“
Трифун Костовски и Гале Галев заминуваат од Надзорниот одбор на Еуростандард банка