еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Шилегов бил надлежен за 187 од 1.000 дрвjа во Скопје и е изненаден од каде баш сега интерес за „заробените“

Само 187 од 1.000 дрвjа на територијата на Скопје, чии што стебла се забетонирани, асфалтирани или на друг начин оштетени и поради тоа им се заканува сушење, се во надлежност на Градот и на нивно „ослободување“ градските власти ќе работат до крајот на оваа година, пишува „meta.mk“.

Ова го соопшти на прес-конференција по повод акцијата „Дрво за секое дете“, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, според кого Градот е надлежен само за оние дрвја кои се наоѓаат на градските улици, додека останатите дрвја биле грижа на општините.

Одговарајќи на прашањето на „Мета“ до каде се градските власти со реализацијата на обврските кои ги превзедоа со потпишувањето на меморандумот за соработка со Шумарскиот факултет во јануари годинава, при што тој, од името на Град Скопје се обврза да ги ослободи сите дрвја чиј што опстанок е загрозен со градежни и инфраструктурни зафати, Шилегов не даде прецизна бројка на досега ослободени дрвја.

„Градот досега ослободи некаде 15 проценти и јас очекувам до крајот на ова сезона се она што е во градска ингеренција, градски улици ќе биде завршено за да може во текот на наредната година да ги помогнеме другите институции кои имаат такви заробени дрвја, да го исполниме цел тој процес заедно“, рече Шилегов.

Најголем број од веќе ослободените дрвја, според скопскиот градоначалник, се лоцирани на улица Рузвелтова.

Прашан кога ќе се спасуваат останатите дрвја за кои тврди дека не се во негова надлежност, Шилегов одговори дека се надева дека тоа ќе се случи до крајот на идната година и дека Градот ќе им помогне на општините и на институциите, како што кажа, во чија надлежност се останатите дрвја, да го завршт својот дел од работата.

„Истовремено ќе инсистирам кај општините да внимаваат при идната изработка на проекти на улици и тротоари“, рече скопскиот градоначалник, додавајќи дека е изненаден за интересот за оваа тема, бидејќи феноменот на заробување на дрвјата се случувал изминативе 12-15 години и тогаш немало реакција зошто се заробуваат.

Прашан зошто Градот не се ангажира поинтензивно на ослободувањето на заробените дрвја, од кои, според мислењата на експертите околу 200 големи, разгранети дрвја ќе угинат оваа, или најдоцна следната година доколку не им се ослободат стеблата и коренскиот ситем за доток на вода и кислород, Шилегов рече: „Не ви е точна констатацијата дека умираат, но нарушена им е вегетацијата“ и додаде дека со акцијата се ослободуваат приоритетните дрвја кои се мапирани од Шумарскиот факултет за да не дојде до потрајно оштетување.

Во Законот за Град Скопје, во член 10, точка 4 стои дека Градот е надлежен за одржување на зеленилото на магистралните и на собирните улици, додека пак во член 15 точка 4, одржувањето на зеленилото на сервисните и на станбените улици е во надлежност на општините.

Но, во истиот закон, како обврска на Градот стои и заштитата и превземањето мерки за заштита на природата на целото подрачје на Град Скопје, при што, секако, и дрвјата се дел од природата која Градот има обврска да штити.

„Крајно неодговорно од Град Скопје и од градоначалникот Шилегов е да се изземат од ослободувањето на преку 1.000 угушени и заробени повеќедецении стари дрвја, ограничувајќи ги своите надлежности само на 178 дрвја“, вели Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.

Според Законот за Град Скопје, постои Координативно тело со кое раководи самиот тој, Шилегов и во кое членуваат сите градоначалници на скопските општини токму за да се координираат заедничките активности на целата територија на градот, па сосема е возможно да се искоординира и заедничка акција за релативно кусо време и без големи финансии и труд да се ослободат далеку поголем дел од дрвјата, од кои најмалку 200 до 300 се толку загрозени што веќе за време на летните горештини ќе угинат.

Екологистите потсетуваат дека градските власти имаат обврска да реагираат веќе и поради тоа што нивното Јавно претпријатие „Паркови и зеленило“, како надлежни и компетентни за одржување на градското зеленило во Скопје потфрлиле во нивното одржување, но и алармирање на локалната самоуправа дека дрвјата се загрозени со непрописно изведени градежни работи.

„Секакво изземање значи немање желба да се ослободат 1.000 дрвја кои значат одгромен потенцијал за прочистување на воздухот во градот и свесно оставање тие да умрат“, велат од „О2 Иницијатива“.

Мета/Фото: Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Активисти: „Борбата“ против загадувањето во Кавадарци најмногу се води околу мерните станици

Редакција

Расчистен воздухот во Битола и Тетово, престануваат да важат мерките

Редакција

Текстилната индустрија огромен загадувач: Секој тон обработен текстил, генерира од 15 до 35 тони јаглерод диоксид

Редакција