еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Што го чека Груевски во затвор: Туширање еднаш неделно, наутро треба да си го мести креветот, да прави генералка на собата во сабота…

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, кој сега е пратеник, се уште не се јавил на издржување на затворската казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи судските работници не успееа да го најдат во петокот и да му го предадат решението.

Очекувањата се дека решението ќе му биде предадено утре, а доколку не се случи тоа може да биде приведен.

Тој треба да се јави на издржување на двегодишната затворска казна во затворот Скопје или во јавноста познат како затворот во Шутка.

Како изгледа приемот во затвор?

еМагазин користејќи го Куќниот ред за осудените лица во македонските затвори ќе се потруди да Ви долови што го очекува Груевски во затвор, но и сите други осудени лица.

Осуденото лице при влегување во затвор може да задржи предмети за лична употреба и тоа: облека, долни алишта, сопствена постелнина, нужен прибор за лична хигиена (четка за заби, сапун, крпа, шамивчиња, чешел), очила, семејни фотографии, прибор за пишување, часовник, списи и документација во врска со пресудата и кривичните дела, цигари и запалка, прехрамбени производи што не се подложни на расипување, а се набавени во трговската мрежа и се во оригинално пакување.

Осуденото лице може да задржи ортопедски и другите медицински помагала, а лекови само по претходно одобрение на лекар.

За одземените предмети се изготвува записник во кој се запишуваат видот, количината и други карактеристики на одземените предмети.

Осуденото лице се сместува во приемно одделение и веднаш по приемот се задолжува со постелнина. На осуденото лице му е дозволено користење на сопствена постелнина и средства за лична хигиена.

На осудените лица им се дозволува да носат сопствена облека и обувки кои мора да бидат пристојни и уредни.

При прием на осуденото лице во установата се врши лекарски преглед во рок од 24 часа.

Каде се сместува?

Класификацијата, распоредувањето и разместувањето на осудените лица се врши врз основа на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудени лица, па истото може да биде сместено во затворено, отворено или полуотворено одделение.

Општо познато е дека условите во овој затвор се лоши, за разлика од затворот во Идризово каде неодамна беше пуштено цело реновирано одделение, а медиумите деновиве пишуваат дека во затворот Скопје има реновирано неколку соби кои важат за „луксузни“ или наречени „хашки соби“.

Како изгледа просечен ден на осуденик?

Осудените лица се должни да постапуваат по следниот дневен распоред: будење, миење, местење на кревети и утринска хигиена, постројување за доручек и утринска прозивка, доручек, утринско редарство, подготовка за упатување на работа, работно време, одмор во текот на работата и маренда, постројување за ручек и пладневна прозивка, ручек, одмор, слободни активности и престој на чист воздух, попладневна прозивка, слободни активности во просториите на установата, вечерна прозивка, подготовка за ноќен одмор и вечерно редарство и ноќен одмор.

Во саботите осудените лица задолжително ја проветруваат постелнината и вршат генерално чистење, перење и слично.

Што добиваат осудениците?

На осудените лица им се обезбедува постелнина соодветна на климатските услови. Секое осудено лице се задолжува со еден комплет постелнина и тоа: два чаршави (чаршав и надчаршав), перница, навлака за перница, две ќебиња.

Во случај на неповолни временски услови (ниски температури) може да се одобри поголем број на ќебиња.

Постелнината треба да се менува на секои 14 дена.

Ќебињата треба да се перат еднаш годишно, а секоја сабота се врши нивно тресење и проветрување.

Одржувањето на постелнината и нејзиното перење се врши организирано во пералната на установата.

Хигиена

Осудените лица се должни да ја одржуваат хигиената во установата и тоа: наутро да го местат својот кревет, да ја одржуваат хигиената во спалните, да ги проветруваат просториите, да го чистат подот и корпите за отпадоци и да ја одржуваат хигиената во кругот на установата.

Одржувањето на хигиената во установата не се смета за работно ангажирање на осудените лица и за тоа не се плаќа паричен надоместок.

Капењето на осудените лица се врши организирано во заедничко купатило. Осудените лица се капат најмалку еднаш на секои седум дена, а по потреба може да се одобри и почесто капење во зависност од видот на работата која ја извршуваат при нивното работно ангажирање.

Средствата за лична хигиена осудените лица ги обезбедуваат лично, а за оние осудени лица кои немаат таква можност, истите им се обезбедуваат на сметка на установата.

Храна

Храната се дава во три оброци дневно во термини определени со дневниот распоред. Осудените лица кои работат на тешки работи добиваат четири оброци дневно.

Послужените оброци мораат да ги задоволуваат хигиенските стандарди и да бидат во согласност со возраста, здравствената состојба и природата на работата која ја извршува осуденото лице.

На осудените лица им се обезбедува храна во согласност на нивните верски убедувања, доколку постојат услови во установата. Менито на исхраната на осудените лица се утврдува на секои 15 дена.

Што може да се работи во затвор?

Работно ангажираните осудени лица во установата можат да вршат работи во областа на земјоделство, сточарство, работи во работилници од различен вид, одржување на зелените површини, одржување на хигиената во службените простории, перална, кујна, магацините, парното греење и слично.

Работно ангажираните осудени лица за извршената работа имаат право на исплата на надоместок за работа. Од надоместокот за работа осуденото лице може 70% да користи за задоволување на личните потреби, а остатокот од 30% се чува во установата како депонирани средства и му се предава на осуденото лице при неговото отпуштање од издржувањето на казната затвор.

По барање на осуденото лице во текот на издржувањето на казната затвор може да се одобри дел од заштедата да се даде на неговото семејство.

Одмор, слободни активности и прошетка

Осуденото лице има право на осум часовен непрекинат одмор во текот на денот и на еден ден одмор во текот на неделата.

На осуденото лице кое казната затвор ја издржува во затвореното одделение во установата му се обезбедува дневна прошетка, најмалку два часа дневно, надвор од затворените простории под надзор на службени лица од секторот за обезбедување.

Осудените лица можат да ги реализираат слободните активности преку разни секции и тоа: музичка, драмска, хорска, рецитаторска и други, читање на книги, дневен печат и други списанија, радио и ТВ емисии, организирање на спортски активности, мал фудбал, ракомет, кошарка, одбојка, пинг-понг, шах и слично.

На осуденото лице му е дозволено и може да чита книги, дневни и месечни списанија како и да има достапност до аудио визуелните средства за јавно информирање. Доколку во установата постои библиотека, на осудените лица им се достапни сите книги со кои располага библиотеката за што се води посебна евиденција.

Посети

Осуденото лице има право на две посети во текот на месецот од членовите на неговото потесно семејство, а по одобрение на директорот на установата, можат да го посетуваат и други лица.

Посетата се реализира со или без присуство на службено лице во зависност од видот на установата во која ја издржува казната затвор и одделението во кое е класификувано осуденото лице.

Осуденото лице за време на престојот во приемното одделение до 15 дена има право на една посета, а за време на престој во приемно одделение до 30 дена има право на две посети, при што посетите се реализираат во присуство на службено лице.

Посетите се остваруваат во времетраење до 60 минути во посебна просторија во установата.

Осудените лица класифицирани во отвореното и полуотворено одделение имаат право на две посети во месецот без присуство на службено лице. Осудените лица класифицирани во затвореното одделение имаат право на две посети во месецот со присуство на службено лице.

Право на пратки од надвор

Осудените лица имаат право да примаат пратки. Пратката може да содржи прехрамбени производи што не се подложни на расипување и други работи кои не се забранети со oвој Куќен ред, а се набавени во трговската мрежа и се во оригинално пакување.

Пратка може да се прими еднаш месечно. Тежината на пратката може да изнесува до 10 килограми.

Пратките може да се доставуваат преку пошта или при посета на осуденото лице во деновите кога се врши посета.

Осудените лица може да примат парична пратка. Парите се чуваат во благајната на установата, а осуденото лице може месечно да троши до 5.000 денари за лични потреби во осуденичката кантина–продавница. Во овој износ се сметаат и парите кои осудените лица ги примаат како надоместок за работа.

Привилегии

За добро поведение и залагање во работата, за поттикнување на добро однесување и за развивање на чувство на одговорност, интерес и соработка во третманот што се спроведува во установата, на осудените лица можат да им се дадат два вида на погодности и тоа:

-Погодности кои се состојат од ублажување на условите во установата установата: уредување на животниот простор со лични предмети, почесто примање на пратки и примање на пратки со поголема тежина.

-Погодности кои се состојат од почести контакти со надворешен надворешен свет: продолжени посети или посети без надзор во просториите на установата, телефонирање без надзор, престој со брачен или вонбрачен другар во посебна просторија без надзор во траење од 90 минути во текот на еден месец, посети надвор од просториите на установата, слободен излез од установата до 7 часа, отсуство до 15 дена во текот на година, со тоа што отсуството во текот на месецот на може да биде подолго од три дена, целосно или делумно користење на одмор надвор од установата.

Услови за користење на погодности Услови за користење на погодности Член81 Услови кои треба да ги исполни осуденото лице за да може да му се дадат определени погодности се: – добро поведение, кое опфаќа давање на позитивен пример во средината и примерно однесување; – залагање во работата, кое опфаќа извршување на дадените задачи и самоиницијативност во нивната реализација; – потикнување на добро однесување; – изградено чувство на одговорност и – поддржување на интересот и соработката во третманот што се спроведува во установата.

Фото: На фотогрфијата е затворот Идризово/Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски и во затвор ќе зема пратеничка плата и ќе му тече работниот стаж

Груевски хит на Твитер: „Го нема никаде, ко мајка ми да го кренала“

Цела листа: Како гласаа пратениците за пратеничкиот мандат на Груевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МПЦ-ОА бара верниците да ги почитуваат мерките против Ковид-19 за Велигден

Редакција

(Видео) Грчката полиција застрела во глава 16-годишно момче оти не платило сметка од 20 евра за бензин

Редакција

(Видео) Илјадници граѓани излегоа „За“ европска Македонија

Редакција