еМагазин
Image default
Македонија

Што го плаши претседателот Стево Пендаровски?

Безбедносната состојба во земјава е стабилна. Нема никакви индикатори ниту внатре во нашите граници, ниту надвор од границите во блискиот и поширокиот регион дека таа би можела битно суштински да се влоши до ниво да го загрози интегритетот и суверенитетот на Република Северна Македонија.

Сепак, треба да се има предвид дека следува период што може да биде турбулентен поради очекуваното членство на земјава во НАТО, но и можното отворање на преговорите со ЕУ.

Ова го истакна вчера претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на првата конститутивна седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, на која претставници од надлежните служби и надлежните министерства реферирале за безбедносната состојба во земјата и во регионот со импакт на внатрешната безбеносна динамика.

„Заклучок беше дека Република Северна Македонија во наредните 40 до 50 дена влегува во еден период кој може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект, затоа што во наредниот период очекуваме завршување на неколку битни ратификации во однос на нашето НАТО членство и во средината на следниот месец очекуваме одлука на Европскиот Совет за отворање на пристапните преговори со Европската Унија“, рече Пендаровски.

Сепак, како што потенцира, нема никакви индикатори дека претстои опасност по нашата безбедност, како и оти нема такви трендови и тенденции кои се лоцирани и препознаени од нашите служби во регионот и околината кои можат да предизвикаат внатрешни консеквенци.

Претседателот Пендаровски вели дека оценката за можност периодот кој следи да биде турбулентен е поради сличните примери во нашето непосредно опкружување кога државите биле на прагот да влезат во НАТО или во Европската унија, а, како што рече, тоа на некои структури пошироко, не само во нашиот регион, не им одговарало.

„Ние мора да антиципираме што на тој план евентуално може да се случи затоа што сите ние мислиме дека работата не е веќе завршена и сите служби мора да бидат подготвени да ги анализираат сите информации до кои ќе дојдат и да предвидуваат што може да се случи.

Државата е на прагот на НАТО членство и на прагот на отворање преговори со ЕУ. Особено во делот на безбедноста го потенцирам членството во НАТО каде работите се движат во добра насока и со добро темпо, но не можете до последниот момент, до формалното наше зачленување да исклучите дека нешто да се случи и некој да се обиде да го попречи тој пат“, рече Пендаровски.

Според него, во следниот период внимание треба да се посвети и на развојот на дијалогот Белград – Приштина.

„Од највлијателните меѓународни фактори доаѓаат засега половични информации дека е можно заживување на дијалогот Белград-Приштина независно што на Косово наскоро ќе има избори. Тоа прашање само по себе има огромен потенцијал да влијае на добар или на лош начин врз остатокот од регионот на Западен Балкан.

Ние граничиме со двете држави на север и мора да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално можат да се случат во рамки на преговорите“, рече тој.

Шефот на државата рече дека на седницата договориле динамика на следните средби кои, како што додаде, ќе се случуваат на секои два до три месеци.

„Живееме во таков временски период и улогата на Советот е така уставно поставена, што е значајно да има редовна размена на информации и координација на највисоките полтички органи во оваа земја за тоа што се случува и што би можело да се случува“, рече Пендаровски.

Во овој контекс, како што посочи, битно е да се напомене дека Советот за безбедност на претседателот на државата добива и нагласена улога и значење со новиот закон, кој неодамна беше усвоен и стапи на сила, за координација на разузнавачко – безбедносната заедница.

На седницата, иако бил поканет не присуствувал лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Пендаровски рече дека нема информација зошто Мицкоски не дошол на седницата, додавајќи дека не се разговарале приватни или партиски теми, туку за безбедноста на државата.

Националниот Совет за национална безбедност го сочинуваат девет члена. Покрај шефот на државата, по функција членови се и претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Никола Димитров и за одбрана Радмила Шекеринска.

На предлог на претседателот Пендаровски, дел од ова советодавно тело се и професорот и прв министер за одбрана Трајан Гоцевски, професорот на УЈИЕ Ветон Љатифи и професорот од Правниот факултет при УКИМ Ненад Марковиќ.

Советот разгледува прашања во врска со безбедноста и одбраната на државата и дава предлози до претседателот, Собранието и Владата. Советот го раководи шефот на државата.

МИА/Фото:Кабинет на претседателот

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Прва седница: Кои се новите членови на Советот за безбедност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Го прекрши ли Џафери Деловникот со одложувањето на гласањето за уставните измени

Редакција

Казни за 517 лица за неносење маски во текот на изминатото деноноќие

Редакција

Убава вест: Продолжува трендот на поголем број на излечени од активните случаи со корона вирусот

Редакција