еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Што пишува во Преспанскиот договор за кратенката МКД и дали ФФМ треба да си го смени името?

Грција, која не учествува на Европското првенство во фудбал, Еуро 2020, бара од Македонија да го почитувала Преспанскиот договор и да не ја употребува кратенката „МКД„, а Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) да си го сменила името.

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, по повод учеството на Македонија на Еуро 2020, испратил писмо до македонскиот министер Бујар Османи, во кое бара целосна и доследна имплементација на Договорот од Преспа, но и употреба на кратенката „НМ“ или „РНМ“ наместо „МКД“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Грција бара да не ја употребуваме кратенката МКД на Европското првенство и ФФМ да си го смени името

ФФМ не е државна институција и нема обврски од Преспанскиот договор, одговори МНР на реакцијата на Атина до УЕФА

Дендиас во дописот напишал дека иако во Договорот, како што е предвидено во Член 1, кодот за името Северна Македонија во Меѓународната организација на стандардизација (ИСО), останува „МКД“, „употребата на конкретниот акроним на Еуро 2020 не може да биде прифатен од Грција“ и дека „Северна Македонија мора да користи акроним што одговара на нејзиното име, како што е „NM“ (North Macedonia) или алтернативно „RNM“ (Republic of North Macedonia)“.

Дополнително, во писмото Дендиас бара да се решило и прашањето со промена на името на ФФМ.

Претходно грчкиот министер за спорт Левтерис Автенакис во писмо до претседателот на УЕФА, Александар Чеферин побара да биде отстранет амблемот со кратенката ФФМ од македонскиот фудбалски дрес.

И според Автенакис, кратенката ФФМ што официјално ја користи Фудбалската федерација на Македонија била во спротивност со одредбите во Договорот од Преспа.

Нема прекршување на Договорот од македонска страна

Логото и кратенката на името на ФФМ кое стои на дресот на македонските фудбалери не е во спротивност со Преспанскиот договор, одговори Министерството за надворешни работи на реакцијата на Атина до УЕФА.

– Фудбалската федерација на Македонија е независна и непрофитна организација која во Централниот регистар е регистрирана како здружение, и како такво не прима државни пари.

Договорот од Преспа опфаќа институции кои примаат државни пари. И сè додека ФФМ не прима државни пари, нема обврска да се приспособи според Преспанскиот договор.

Трговските марки во Договорот се дефинирани: кодот е МК, МКД. Некои прашуваат зошто не е НМК, но тој код е дефиниран само за регистарските таблички, според Преспанскиот договор, изјави пред неколку дена министерот Османи.

Што пишува во Договорот од Преспа за овие прашања

Во Договорот јасно е напишано дека Македонија освен за регистарските таблички, има право да ја користи кратенката “МКД“ за сите други намени.

Еве што пишува во Член 1 од Договорот:

„д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО)“.

Во истиот член исто така јасно е определено кој треба да го користи новото име на Македонија, Северна Македонија. Невладините организации, здруженијата на граѓани, како што е и ФФМ, медиумите, приватните фирми… немаат таква обврска, освен ако се основани од државата или се финансирани од истата:

“ѓ) Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.

Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавкатаво однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4).

Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со член 7, став (3) и став (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според член1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа спогодба“.

Еве што пишува во Член 7 од Договорот:

“1.Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

2.Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.

3.Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

4.Втората страна изјавувадека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна…“.

А еве што пишува во Членот 1 (ж):

“ж) Во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво.

За спроведување на претходно наведените одредби, ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО.

Оваа Група на експерти ќе се формира во текот на 2019 г. и ќе ја заврши својата работа во рок од три години. Ниту една одредба од член 1, став 3 (ж) нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сè додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја„.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Пендаровски со Панчев и австрискиот амбасадор го гледаше натпреварот на Македонија со Австрија

(Фото) И сопругата на Заев од трибина во Букурешт ги бодри македонските фудбалери

Фотографија на денот: Македонци, Албанци, Турци заедно за Македонија

Фото: Влада/ФФМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Ново Село победи кандидатот на СДСМ Никола Андонов со разлика од 19 гласа

Редакција

(Видео) Откриен еден од крадците на сефот од маркетот во Црниче: Што сè е украдено

Редакција

Меѓу нив и 13-годишно девојче: Најмалку шест лица загинаа во земјотресот во Хрватска

Редакција