еМагазин
Image default
Македонија

Што сведочеше професорот Борче Давитковски на судењето за „Маџар телеком“

Во Кривичниот суд во Скопје денеска сведочеше професорот Борче Давитковски во предметот „Маџар телеком“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Давитковски бил претседател на бордот на директори на Македонски телеком од 3 февруари 2002 до август 2004 година.

Давитковски на прашања на одбраната сведочеше дека тој имал професионални односи со обвинетиот Атила Сендреи и дека тој и тројцата претставници на владата цело време инсистирале на заштедување на средствата на намалување на цената на телефонијата додека пак останатите членови во бордот се бореле за поголем профит на компанијата.

На прашање на одбраната, Давитковски појасни дека кога компанијата предвидела технолошки вишок, тој и другите тројца претставници на владата инсистирале за поголема опремнина, доколку, пак, шесте членови од Унгарската компанија како сопственици барале да се почитува законот за отпремнини кој предвидувал 12 отпремнини.

– Јас им посочив дека доколку тоа се случи ќе има социјални немири во Македонија и затоа инсистирав да се склучи спогодба во која партнери ќе бидат синдикатот и бордот на Телекомот во која ќе бидат точно обележани надоместоците за секој вработен, појасни Давитковски, кој додаде дека во негово време биле исплатени околу 14 милиони евра за отпремнини.

Вработените кои биле прогласени за технолошки вишок, според сведокот, земале од 40 до 80.000 евра по лице.

Давитковски рече дека Македонски телеком до 2007 година имал право да троши 5 до 7 милиони евра на консултантски услуги и можел да ја зголемува цената до 2006 година. Тој како претседател на бордот на директори рече дека имал право на вето на ребрендирање на компанијата и на продажба на акции на над 20 проценти. Појасни дека тогаш тој го искористил ветото за да не се ребрендира телекомот во T-home.

Обвинителката Лиле Стефанова не поставуваше прашања, со образложение дека сведокот бил на функција во тогашниот Македонски телеком, пред да се случи кривично правниот предмет.

Пред почетокот на рочиштето бранителот на второобвинетиот Владо Илиевски по однос на декласификацијата на ревизијата што ја побара на минатото рочиште обвинителката Стефанова, побара да не се прифати предлогот да се изведе како доказ, бидејќи како што рече, вештачењето не е извршено од вештаци кои се лиценцирани од листата на вештаци на судот и не е нарачана од судот.

Стефанова истакна дека овој извештај не е изготвен по наредба на странско лице туку, како што рече, напротив, стои дека е изготвен согласно дозволите на T-mobile Македонија чиј сопственик е Маџар телеком.

-Овој извештај постои во архивата во Македонија и побарав од претставникот на правното лице да биде доставен до судот и да биде отстранета класификацијата доверливо. Овој доказ има особена важност за обвинението бидејќи се однесува токму на договорите кои се предмет на обвинението, рече Стефанова.

Судијката Ленка Давиткова рече дека за ова ќе одлучи дополнително.

Судењето за „Маџар телеком“ почна во 2011 година, а од неодамна случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство.

За злоупотреба на службената положба се обвинети генералниот директор на Македонски Телеком, Атила Сендреи, финансискиот директор, Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус, кои беа осомничени дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ и Буџетот на Македонија, бидејќи Владата била акционер.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Завршни зборови на Никола Митрески –Кољо за „27 април“: Бевме изманипулирани од политичарите и Тиранската платформа

Редакција

Од Ковид-19 починале седум лица, најмладиот на 46-годишна возраст

Редакција

Потпишан Протоколот за приемот на Македонија во НАТО

Редакција