еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Сите детали: „Поштенска банка“ нова истрага на СЈО, кој е осомничен?

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите или како што е познато во јавноста-Специјално јавно обвинителство (СЈО) отвори нова истрага, наречена „Поштенска банка“.

Станува збор, како што соопштуваат од СЈО, за финансиска истрага, во рамки на која, три од осомничените девет лица се приведени пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1.

„Истрагата опфаќа повеќе поврзани настани за сторени кривични дела – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 и со истата се опфатени девет лица Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев.

Од СЈО наведуваат дека од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра.

„Во почеток на 2001 година Љубчо Георгиевски, како претседател на Владата на Република Македонија, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка“, организирале во основањето на Банката, покрај „Македонска пошта“, која била во државна сопственост, да учествуваат и правните лица кои тие ги избрале – „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и печатница „Европа 92“ Кочани“, појаснуваат од СЈО.

Според СЈО, на сопствениците на овие правни лица, на Томе Главчев и Ратко Димитровски им било кажано дека во основањето на Банката нема да учествуваат со сопствени средства, туку со пари кои ќе ги обезбедат од кредити. Планот бил основањето на „Поштенска банка“ да не биде со средства на осомничените, туку со средства од други извори, што е спротивно на Законот за банки.

„Согласно добиените насоки од наведените владини функционери, осомничените Томе Главчев, сопственик на „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и Ратко Димитровски, сопственик на „Европа 92“ Кочани, со кредити подигнати од три банки, ги уплатиле основачките влогови во „Поштенска банка“, по што осомничениот Коле Смилевски, како генерален директор на „Поштенска банка“ АД Скопје, овозоможил кредитирање на правните лица „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и „Европа 92“ Кочани и правни лица поврзани со нив. Сите средства добиени од кредити од „Поштенска банка“ се слеале на сметките на овие две правни лица и се искористени за враќање на првобитните кредити“, велат од СЈО.

Станува збор, како што додаваат, за индиректно кредитирање на основачките влогови со средства од банката која се основа, што е спротивно на Законот за банки и преставува кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.

Воедно, посочуваат од СЈО, осомничените Томе Главчев и Ратко Димитровски, искористувајќи ја нивната позиција во „Поштенска банка“, издејствувале осомничениот Коле Смилевски да овозможи одобрување на повеќе кредити на правните лица „Ноел“ и печатница „Европа 92“, како и на друштвата кои што биле директно поврзани со нив.

“Овие вториве, добиените кредитни средства веднаш ги префрлале на сметките на „Ноел“ и „Европа 92“, кои ги користеле за сопствени потреби. За сите овие одобрени кредити заедничко е дека било договорено воопшто да не се враќаат на Банката, со што била прибавена корист за „Ноел“ и „Европа 92“, а Томе Главчев, Ратко Димитровски и Коле Смилевски сториле Злоупотреба на службената положба и овластување, истакнуваат од СЈО и додаваат дека поради проток на време во однос на лицата Љубчо Георгиевски, Марјан Ѓорчев, Никола Груевски, Томе Главчев и Ратко Димитровски, настапила застареност на кривичното гонење за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување“, велат од СЈО.

Во соопштението стои дека во насока на прикривање на фактот дека паричните средства кои потекнуваат од незаконски добиените кредити, како и фактот дека акциите во „Поштенска банка“ ги стекнале на незаконски начин, осомничените Томе Главчев и Ратко Димитровски во временскиот период од 2005 година до 2010 година презеле дејствија на перење пари и други приноси од казниво дело.

„Осомничените Томе Главчев и Ратко Димитровски преку нивните друштва-„Ноел“ и „Европа 92“ подигнале кредити од „Еуростандард банка“, кои биле наменети за сервисирање на обврските од претходните кредити подигнати од „Поштенска банка“. Како гаранција за подигнатите кредити во „Еуростандард банка“, истите ги заложиле сопствените акции од „Поштенска банка“.

Со оглед на фактот што кредитот кон „Еуростандард банка“ откако поминал рокот за плаќање не бил вратен, Еуростандард банка“ го активирала обезбедувањето на кредитот и станала акционер во „Поштенска банка“. На овој начин осомничените со пренос на незаконски стекнатиот имот – акциите во „Поштенска банка“ и средствата добиени од кредитите од „Поштенска банка“, го прикриле нивното противправно потекло, со што сториле кривично дело Перење на пари и други приноси од казниво дело“, појаснуваат од СЈО.

Од СЈО додаваат дека дејствијата на осомничените лица не завршуваат тука. Имено, осомничените Смилевски, Главчев и Димитровски со цел, незаконски да извлечат парични средства од „Поштенска банка“ направиле обид за докапитализација на Банката со издавање втора емисија на акции за однапред познати купувачи.

Ваквата докапитализација Народна Банка на РМ не ја одобрила, затоа што управителите на друштвата „ГД Тиквеш“ АД Кавадарци, „ГП Бетон“ АД Тетово, АД „МИК“ Кавадарци, „Венгал“ АД Скопје, „Езимит Груп“ ДОО Штип и АД „Жито Скопје“ – Скопје како потенцијални купувачи постапиле спротивно на чл.38 од Законот за банки, со тоа што се обиделе акциите од втората емисија во „Поштенска банка“ АД Скопје ДА ги купат од средствата на истата банка.

„Притоа, осомничениот Смилевски, со управителите на овие правни лица кои се обиделе да учествуваат во втората емиција на акции, склучил договори и на сите им признал побарување во износ од по 13 милиони денари за наводно обештетување, иако истите не претрпеле никаква штета и реално немале право на вакво нешто.

Притоа, било договорено износот кој го примаат правните лица на име обесштетување да биде искористен за затворање на преостанатите обврски кои по основ подигнати кредити од „Поштенска банка“ ги имале правните лица „Ноел Експорт импорт Гевгелија“ и „Европа 92 Кочани“. На овој начин истите се стекнале со противправна имотна корист од 81.703.525 денари“, велат од СЈО.

Појаснуваат дека управителите на правните лица кои ги склучиле договорите за обесштетување знаеле за фиктивноста на договорите, но дејствувале како членови на група што се занимава со перење на пари заедно со осомничените Смилевски, Главчев и Димитровски, поради што постои основано сомнение дека и лицата Викица Поповски, Зоранчо Митровски, Георги Каратолис, Ристо Милев, Златко Ѓорчев и Кирил Јаневски сториле кривично дело Перење на пари и други приноси од казниво дело.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Истрага „Поштенска банка“: Георгиевски и Груевски поради застареност на делото нема да бидат гонети од СЈО

Штета на буџетот од 80 милиони евра: 6 нови истраги на СЈО, осомничени Ставрески, Османи, Груевски…

Фото: СЈО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Груевски хит на Твитер: „Го нема никаде, ко мајка ми да го кренала“

Редакција

Заев очекува екстрадиција на Груевски: Унгарија да не штити криминалец кој направил штета на граѓаните

Редакција

Рашковски, кој е во домашен притвор имал решение од судот да излегува и оди на лекар

Редакција