еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Сите детали: Што пишува во извештајот на ЕУ за Македонија?

Европската комисија во годишниот извештај препорачува безусловен почеток на преговорите со Македонија и Албанија.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во својот воведен говор пред Европскиот парламент нагласи дека и двете земји покажаа значаен напредок во реформските задачи поставени минатата година од страна на Советот на ЕУ.

„Северна Македонија продолжи да ја исполнува реформската агенда и постигна и историски договор со Грција, сѐ ова заедно дава пример како да се зацврстат билатералните односи и е сјаен пример и сведоштво за моќта на привлечноста на ЕУ“, рече Хан.

Комесарот порача дека сега е време за Европската Унија да ги исполни своите ветувања, „кога земјите кандидати ги исполнуваат своите“.

Европратениците ја поздравија препораката на Европската комисија.

Во име на Социјалдемократската група, европратеничката Кати Пири, сепак, забележа дека нејзиното политичко семејство очекуваше да не се прават пакети помеѓу земјите.

„Мојата група се надева дека одлуката во јуни ќе биде позитивна за двете земји, претпочитавме тоа да не биде пакет, туку процес базиран на заслуги, но сега нема причина за одлагање“, истакна Пири.

Извештајот генерално бележи напредок во сите области, посебно клучните реформи поставени лани на Советот за општи работи на ЕУ.

„Северна Македонија продолжи да одржува стабилен чекор во имплементацијата на ЕУ реформите за целиот период од извештајот“, стои во извештајот.

Европската Комисија смета дека земјата поминува низ “темелни промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера“ и дека конкретни резултати се видливи во сите клучни реформски области: судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби и јавната администрација.

Извештајот ги поздравува напорите на Владата на Северна Македонија да воведе дијалог со опозицијата и со граѓанското општество.

Напредокот во делот на борбата против корупцијата треба да продолжи со оглед на распространетоста на оваа појава во општеството.

„Властите треба да направат поголеми напори да докажат дека борбата против корупцијата е национален приоритет за секое ниво на власт“, потсетува Европската комисија и ја поздравува транспарентноста на новоименуваната комисија за спречување на корупцијата.

Во однос на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Европската комисија нотира дека ова тело ја докажала својата водечка улога во гонењето на високопрофилна корупција.

„Земјата покажа континуира одлучност за подобрување на судскиот систем и имплементацијата на новата правна рамка е солидна база за постојан прогрес. Нов закон за интегрирање на СЈО во обвинителниот систем е подготвен, судовите донесоа пресуди за високопрофилни предмети од СЈО“, стои во извештајот.

Сепак, ЕК бара дополнителен напор од „сите судски институции“ за враќање на довербата на јавноста во судството.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Европската комисија препорача почеток на преговори со Македонија и Албанија

Могерини: Северна Македонија ја заврши работата и сега е ред на ЕУ

Жбогар: Ви честитам за посветеноста, но и за жртвите што ги направивте

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Петков денеска ќе достави до бугарското Собрание француски предлог за укинување на ветото

Редакција

Заклучоци од Берлинскиот Самит: Проширувањето останува стратешка цел и за ЕУ и за земјите од Западен Балкан

Редакција

Фуере: Многу од елементите на бугарската позиција се против она за што се бори ЕУ

Редакција