еМагазин
Image default
ЖИВОТ

#СлушниЈА: Стави крај на насилството врз жени и девојки – започна кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени и девојки“

Владата на Република Македонија им се приклучи на стотиците значајни знаменитости и институции ширум целиот свет коишто вчера блеснаа во портокалово во знак на поддршка на ставањето на крај за насилството врз жени и девојки, што го означи и почетокот на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени и девојки“.

Настанот во организација на семејството на Обединетите нации и Владата на Република Македонија, на едно место ги собра претставниците од невладиниот сектор, дипломатскиот кор како и локалните и меѓународните институции, кои ги истакнаа своите заложби и подготвеност за соработка при борбата против родово базираното насилство.

На настанот свое обраќање имаа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев којшто во оваа прилика истакна:

„Владата на Република Македонија е посветена на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените. Работиме на јасни и недвосмислени законски решенија со коишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство. Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кои се однесува на секој еден од нас. Токму затоа мора да работиме заеднички да ставиме крај на истото“.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го потенцираше прогресот во акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција притоа потенцирајќи дека Владата веќе иницира измени на кривичниот законик, но и воспостави интерсекторска соработка и протоколи за третман на жртви на насилството.

„Без одлучност и конкретна акција секоја боја ќе остане само боја. Во следните 16 дена Владата ја осветлуваме во портокалово, по повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените. Меѓутоа, против насилството врз жената треба да се бориме секој ден, да создаваме услови за препознавање на ризикот, пријавување и трајно извлекување на жените од насилната средина. Голема почит и благодарност кон сите оние кои секојдневно работат да им овозможат помош и поддршка на жените жртви на насилство. Секој од нас може да спречи насилство“, рече министерката Царовска.

Свое обраќање имаше и Амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која, кој посочи:

„Едно поново истражување на ОБСЕ за насилството врз жените во државата покажува дека 14% проценти од жените биле жртва на физичко или сексуално насилство откако наполниле 15 години, од партнер или од друго лице. Околу 44% од жените биле жртви на психолошко насилство од интимен партнер, 3 од 10 жени биле жртви на сексуално вознемирување, а 1 од 10 жени тоа го доживеала во последните 12 месеци. 7% од жените биле следени од демнач. Многу долго, молчењето и стигмата овозможија насилството врз жените да продолжи, а отсуството на критика на самите наши општества дополнително ја влошува ситуацијата. Дојде време да го запреме ова“.

в.д. Постојаниот координатор на Обединетите нации, Бенџамин Перкс, пак додаде:

„Ги повикуваме сите да направат се што е во нивна моќ за да стават крај на семејното насилство, сексуалното вознемирување, раните бракови и сите форми на насилството врз жените. Насилството врз жените е извор на страдање за сите што се засегнати, кривично дело и повреда на човековите права. Ние можеме и мораме да работиме заедно за да ставиме крај на насилството“.

Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ во Македонија се одбележува од 2014 година и има за цел да ја подигне општествената свест и да поттикне на размислување за индивидуалниот и колективниот придонес во борбата за спречување на родово базираното насилство, и се случува секоја година во текот на 16 дена во периодот помеѓу 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Во текот на овие шеснаесет дена ќе бидат реализирани бројни активности со цел промоција на кампањата ширум целата земја, меѓу кои и вклучување на јавни личности од сите сфери од општественото живеење кои ќе ја споделат својата поддршка, бројни панели и работилници, како и низа активности во медиумите и на јавните места.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Децата во Македонија дневно на интернет од два до девет часа

Редакција

(ВИДЕО) Која е Царовска приватно: Сака да сними дует со Бредли Купер, омилен филм и е „Џокер“

Редакција

(Видео) Родители внимавајте: Четворица основци од Битола сечеле вени инспирирани од интернет игрите „Момо“ и „Синиот кит“

Редакција