еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Смилев: Неспособните од нашата прекрасна држава прават регионална депонија

Еден од најзаслужните граѓани на Велес со чиешто дејствување пред неколку години, Топилница не се рестартираше и не продолжи да ги труе велешани, Игор Смилев ја доби наградата за активист на годината за 2019 година од страна на Општина Велес.

„Тешко беше да се излезе на бината пред моите велешани. Многу потешко од легнувањето пред багерите на Водно. Трите скали до бината беа слични како петте врвови до Титов Врв. Најавата за мене ја доживеав емотивно, како што го доживеав емотивно чинот кога за прв пат се легитимирав како обвинет во судскиот процес против Топилницата“, вели Смилев за наградата.

Ќе каже дека е во постојан интимен дијалог со неговиот град. Без маски, но со предигра која со децении трае. Актот и чинот на љубов е само една природна кулминација на тој дијалог.

Како после толку години, не ве напушти желбата за активизам?

– Волонтеризмот е зараза, зависност, стил на живот, совест на општеството и средината, и највозишена форма од циклусот на животот. Тоа е Врховен господар на индивидуалната и колективната зрелост и најубавиот тег на вагата наспроти кој стои несовршениот и рудиментиран систем на изместени вредности. Неодамна, на една клупа во градскиот парк во Загреб прочитав графит кој дава совршен одговор на вашето прашање: „Волонтерот не можеш да го платиш, бидејќи неговата работа е непроценлива“.

Во центрифугата на ова општество во која е собрано се и сешто, само преку волонтеризмот, емпатијата и солидарноста може да се исфрли вишокот на непотребна течност и од машината да го извадиме вешот со 100% чистота. Волонтеризмот е клучната состојка која се додава во предперењето, и има за цел отстранување и на најотпорните видови дамки.

Сменивте ли нешто?

– Јас се променив, а самото тоа е основен предуслов за почеток на промените во локалната средина, па нагоре по скалите на општеството. Фала му на бога и планините, стекнав кондиција за илјадниците скали. Во учебниците по психологија така не учеа – за да го промениш светот, промени се првин себе.

А себе си ќе се промениш ако излезеш од комфорната зона. Твојот карактер ќе ти биде благодарен за таквата промена. И во тоа е промената. Кога ја напуштив зоната на комфор, пред мене видов високо поставена летвичка. Со години ја уривав, неуспешно обидувајќи се да ја прескокнам. Но, со упорност и постојан тренинг успеав да станам волонтерски репрезентативец на Македонија (некој така ме опиша…хахаха).

Летвичката се уште е недостижна за мене, ама од многуте членови на репрезентацијата, прашање е на денови кога некој од нив ќе ја урне и ќе воспостави нови критериуми и вредности во ова длабоко девастирано општество.

Да, Топилница е голем успех, но вие колку што добивте, веројатно и изгубивте. Сменето ли е времето и контекстот на борба за подобро утре?

– Од времето на мојот активизам против Топилницата добив/напишав брилијантно сценарио за филм. Несомнено, филмот ќе биде сериозен опијат кој ќе те однесе во друг универзум. Само не знам, дали првин ќе се напише книга па ќе се сними филм, или ибратно ( хахахаха). Шегата настрана, колку и да звучи ова што ќе ви го кажам научнофантастично, сепак е вистинито.

Се промени доста тлото – активизмот во минатото предизвика тектонски поместувања на плочите на тлото по кое се движиме. Од рушевините на еколошки уништената Македонија излегоа бројни активисти. Во секој град ги има се повеќе и повеќе. Бројот на вакви освестени граѓани е единствениот најбрзорастечки параметар во нашето општество. Тоа не е ниту економијата, ниту БДП, ниту странските инвестиции.

Колку сме позагадени, толку бројот на освестени расте. Еден ден ќе израсне до големина на бумеранг и ќе ги „чукне“ по главите сите неспособни авторитети (и политички и експертски). Никој досега не успеал да го победи или сопре најмоќното и наједноставно оружје во рацете на граѓанинот- бумерангот.

Што се плановите за 2020 година, повторно ли ќе биде активистички ударна година?

–  Хм…тешко прашање…во 2014 година (кога Топилницата капитулираше), станав еколошки ветеран, или пензионер ако поубаво ви звучи. И како секој пензионер, очекував мирен, спокоен и идиличен живот. Со книга во раце, седнат на клупа во парк и си ја трошам волонтерската пензија (хахаха).

Ама се случи Водно, Иловица, Штука, Шар Планина, Лешница, и еден куп други одвратни исцедоци. И на мојот пензионерски живот му дојде крајот. Затоа не планирам на годишно ниво во Македонија. Тука е бре тешко да планираш за следните два до три дена. Единствено временската прогноза за пет денови досега не ме изненадила.

Останувам буден, со ширум отворени очи и плус пар очила на себе, за да можам појасно да гледам како неспособните во нашето општество од нашата прекрасна држава прават регионална депонија.
Единствено предвидливо во 2020 е нивната неспособност да создадат здрава и чиста животна средина.

Дали сте среќен?

-Да, зарем не се гледа од сето погоре напишано (хахахаха).  Среќен сум – бидејќи пишувате за екологија. Има моќни зборови од една песна на Linkin Park…велат: „Beyond every bend is a long blinding end It’ s the worst kind of pain I’ve known“ . Среќен сум што не се наведнав и останав исправен, па се лишив од можноста да ја доживеам најголемата болка. Среќата меѓу другото е отсуство на болка и присуство на здравје. Затоа толку многу од животот посветив на борбата за здрав живот – во таа борба ја барав изгубената среќа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Русите со проектили ја уништија главната телевизиска кула во Киев

Редакција

Приведено едно од лицата кое агресивно се однесуваше во автобус на ЈСП и се закануваше на жена дека ќе ја топи во киселина

Редакција

Убава вест: Оздравени 197 заболени од Ковид-19

Редакција