еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Со законски измени крај за лихварските провизии и трошоци кај кредитите

Собранието вчера ги усвои измените на законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити со кои се прави обид да се стави крај на лихварските провизии и трошоци што ги наплаќаа кредитните друштва за таканаречените брзи кредити кои се во помал износ.

Што предвидуваат законските измени?

Со членот 1 од законот се менуваат исклучоците односно со измената се брише прагот од 200 евра во денарска противвредност со што овој закон ќе важи и за кредитите на помал износ од 200 евра во денарска противвредност.

Дополнително, со бришење на точката 11 законот ќе важи и за договорите за кредит по чие склучување од потрошувачот се бара да депонира предмет кај кредиторот како гаранција.

Со членот 2 од законот се воведува ограничување на годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити. Со оваа измена ќе се ограничат вкупните трошоци (провизии, надоместоци и сл.) кои ги плаќаат кредитокорисниците и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на кредитокорисниците кои имаат проблеми со отплата на кредитот (односно заштита од „спиралните” трошоци).

Со членот 3 се утврдуваат глоби до 3.000 евра за кредитор доколку склучи договор за кредит со годишна стапка на вкупни трошоци поголема од утврдената во законот.

„Имајќи предвид дека годишната стапка на вкупни трошоци не е ограничена, кредиторите пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрувањето на потрошувачките кредити.

Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за кредит на мали износи и со кратки рокови на враќање. На тој начин, голем број од кредитокорисниците имаат потешкотии при отплата на кредитот, при што најчесто се принудени да земат нов кредит за покривање на претходниот (т.н. спирално кредитирање).

Од направената анализа на ограничувањето на годишната стапка на вкупни трошоци во земјите од ЕУ и регионот, се утврди дека повеќе земји (Полска, Финска, Велика Британија, Естонија, Хрватска, Бугарија и др.) имаат воведено горна граница на годишната стапка на вкупни трошоци.

Имајќи го во предвид искуството на дел од земјите во ЕУ а во насока на намалување на ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, предложените измени и дополнувања предвидуваат намалување на трошоците кои граѓаните ги плаќаат при одобрување и отплата на потрошувачките кредити“, се вели во образложението на законот.

Целиот закон ТУКА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Конструктор“ го доби тендерот за конзервација и адаптација на излози во Старата скопска чаршија вреден 186.000 евра

Редакција

Нови 326 случаи на Ковид-19 од 2.562 тестирања

Редакција

„Благој Ѓорев“ неколкукратно ја зголеми добивката

Редакција