еМагазин
Image default
Македонија

Собранието без опозицијата ги усвои измените на Деловникот во однос на употребата на јазиците

Собранието на Република Северна Македонија во продолжението на 106-та седница го изгласа Деловникот за изменување и дополнување на деловникот на Собранието на РСМ, по скратена постапка.

„За“ измените на Деловникот, што се поврзани со Законот за употреба на јазиците,  гласаа 63 пратеници, без поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

За оваа точка од дневниот ред на 106-тата седница вчера реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, според кого со носење по скратена постапка не се почитува процедурата и не е во согласност со процесот „Жан Моне“ во кој политичките партии, како што рече, консензуално се договaраат за донесување деловник во Собранието.

Тој го праша предлагачот, претседателот на Собранието, Талат Џафери зошто предлогот за измени содржи дел од незатворени прашања од процесот „Жан Моне“ и не им  е оставено на пратеничките групи заедно и консензуално да го донесат.

Мицевски го обвини дека исто како и Законот за јазици, продолжува со иста тактика и бара донесување измена на Деловникот.

„Немаме против употребата на јазици кои ги зборуваат другите националности во Македонија, но имаме против начинот на кој се донесе и Законот за јазици и  Деловникот кој денеска го предлагате“, рече координаторот на опозициската партија.

Џафери одговори дека Законот за употреба на јазиците донесен во 2018 година е во сила и дека со него начелно е предвидена законска обврска во рок од шест месеци да се усогласат подзаконските акти на Собранието.

Измените на Деловникот се во врска со Законот за употреба на јазиците и се однесуваат на користењето на јазикот на седниците на Собранието и на седниците на работните тела, печатот на Собранието, пратеничките легитимации и стенограмите од седниците на Собранието и седниците на работните тела.

Во образложението на предложените измени на Деловникот се наведува дека измените и дополнувањата на Деловникот на Собранието на РСМ е усогласување на Деловникот со Законот за употреба на јазиците, како и почитување и спроведување на одредбите на Законот за употреба на јазиците, од кои произлегуваат обврски за Собранието во однос на употребата на службен јазик покрај македонскиот и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија.

Работата на Собранието е регулирана со Деловникот и поради тоа за целосно спроведување и применување на Законот за употреба на јазиците е потребна измена на Деловникот на Собранието на Република Македонија.

„Предлог-деловникот за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Македонија се заснова на истите начела врз кои се заснова Деловникот на Собранието на Република Македонија. Основните решенија на овие измени и дополнувања придонесуваат за целосна примена на Законот за употреба на јазиците“, се вели во образложението на предложените измени на Деловникот.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Петровска во обиколка на градовите Ирпин и Буча каде минатата година се водеа жестоки борби за одбрана на Киев

Редакција

Детален преглед на состојбата со Ковид-19 по скопските болници

Редакција

Денеска трет обид за завршни зборови во судскиот процес за модуларната болница во Тетово

Редакција