еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Собранието ќе продолжи со седницата за избор на министри в понеделник

Собранието в понеделник ќе ја продолжи расправата по 104. седница за Предлогот за избор на членови на Владата.

Пратениците продолжија со работа и по 18 часот, а по неколку излагања и реплики претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина седницата. Поради престојните верски празници, тој најави дека Собранието ќе продолжи со работа по оваа седница в понеделник.

Во текот на дебатата пратеникот Борислав Крмов од Левица се осврна на експозето од премиерот Димитар Ковачевски, при што меѓу другото, оцени дека не го разбира оправдувањето зошто се случува ротацијата на Алтернатива со Алијанса за Албаниците (АА) во владината коалиција.

Според него, не држи наводното образложение дека целта е европска коалиција и т.н. окрупнување, тука се работи за класично купување „ден за ден влада“, и како што рече, за целосно заложништво на СДСМ од страна на ДУИ.

Според него, „СДСМ дефакто е веќе малцински партнер, бројот на пратениците не е релевантен и најголем дел од министерствата не се во нивни раце.

-Над 90 отсто од клучните институции ги држи ДУИ, за СДСМ се само трошките, очигледно единствена мотивација е само да продолжат бизнисите, вели Крмов.

ДУИ, пак, според него, сега има два проблеми, првиот да спречи обединување на албанската опозиција, а вториот е внатрешната фракција. Влезот на АА во Владата, вели е за една година и потоа таа партија ќе биде делигитимирана.

-За внатрешната фракција која има три пратеники со влезот на Алијанса, моќта на огнените е намалена и скоро и да немаат моќ и сега може да се посвети ДУИ на внатрешна чистка, рече Крмов.

Арта Биљали Зендели од ДУИ му реплицираше на искажаните ставови за проблемите во партијата.

-ДУИ може да има не два, илјада проблеми, но се додека вие се занимавате со ДУИ рејтингот на партијата само ќе расте. А на крај ќе дојдат избори каде сите ќе го земеме тоа што сме го заслужиле, рече Биљали Зендели.

Со владината реконструкција за министер за правда е предложен Кренар Лога, за за здравство Фатмир Меџити, за министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу и за министер за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Расправата за изборот на новите министри почна вчера, откако по 10-дневна дебата беа разрешени министрите од Алтернатива, за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор за дијаспора Џемаил Чупи.

На 104. седница по изборот на министрите треба да се расправа и гласа за разрешување на пет заменици министри и да бидат именувани нови.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) 11-годишно девојче со продажба на крофни собра пари за лекување на нејзиниот татко и го воодушеви Балканот

Редакција

Левица поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одлуката за референдумот за името

Редакција

Жената од Кочани имала убодни рани во градите, стомакот, вратот и рацете, убиецот заврши во притвор

Редакција