еМагазин
Image default
Македонија

Собранието и утре ќе расправа за уставните измени

Собранието на Република Македонија утре во 12 часот ќе ја продолжи седницата на која се расправа за утврдување на потребата од предлогот на Владата за уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.

На вториот ден од расправата, Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека има непочитување на претседателот, законските одредби од Уставот и Деловникот на Собранието при склучувањето на договорот со Грција.

– Ако се одеше според закон и ние како пратеници ќе знаевме што содржи договорот. Вие ја ограничивте и можноста да дебатираме преку ставањето на договорот на Комисијата за европски прашања. Тоа доведе сега пратениците да треба да одлучуваат, а и самиот референдум докажа дека е погрешно воден процесот, рече Каческа Милевска.

Нагласи дека факт e оти референдумот беше неуспешен и колку да се обидуваме, додаде, не можеме да ги промениме бројките кои се фиксни и се знаат.

– Сите сме согласни за ЕУ и НАТО, но не можете да организирате референдум и да прифатите промена на Уставот без да обезбедите национален консензус, посочи Канческа-Милевска.

Во реплика премиерот Зоран Заев порача дека процесот на преговори со Грција се водел најтранспарентно досега и за секој чекор бил информиран шефот на опозицијата, лидерите на поголемите политички партии и претседателот на државата, се до рамките со кои не се нарушувале преговарачките стратегии.

– Преговорите ги почнавме во ноември, а се до крајот на април имавме одлична соработка. Сите средби што ги имавме ги користевме за меѓусебно да се информиравме. Во април ни беше кажано преговарајте, а ако нешто договорите ние ќе си го кажеме своето, рече Заев и додаде дека и потоа продолжиле да ги информираат.

За референдумот премиерот рече дека опозицијата не си го кажала својот став и затоа се одлучиле да биде консултативен.

– Да беше опозицијата јавно макар и против, ние ќе одевме на задолжителен референдум. Во вакви околности некои одлучиле да гласаат за, некои против, а некои да не гласаат, рече Заев.

Тој посочи дека го критикуваат зошто е толерантен спрема опозицијата  и додаде, на критичарите им велам консензус ќе ни треба, важни прашања се решаваат.

– Свесен сум дека немам 80 пратеници. Направив се што можев да направам за да имаме инклузивен процес. Денеска носиме одлука да дадеме шанса да се отвори постапката, а на крајот не мора да ги гласаме уставните измени ако нешто е загрозувачки и тајно. Кој ни дал право јас и Димитров да изготвиме амандмани. Ние не смееме да чепнеме додека Парламентот не одобри, оти тогаш ќе ја силуваме демократијата и процедурата во  државата. Ветувам дека заедно ќе ги работиме со сите вас. Ако не се договориме имате право да не ги гласате, потенцира Заев.

Нагласи дека верува оти зборуваат за исти работи – да се потврди идентитет, јазик, целосно поништување ако не се потврди спогодбата од грчка страна,…

Претходно Соња Мираковска од НСДП посочи дека денеска им се обраќа само на 120. пратеници во Парламентот и порача дека колку и да е тешко да се разбрере, граѓаните токму ним им го предале својот суверенитет.

– Овој мандат за разлика од сите девет претходни имаше многу премрежија и дојдовме во момент секој да треба пред себе да застане и да одлучи како ќе гласа без влијание од тутрори, бидејќи ние сме оние кои ќе ја донесат одлуката. Ако сме доволно силни ќе донесеме одлука која граѓаните ќе ги води напред и така ќе го вратиме дигнитетот на Собранието кој во овие 30 години полека еродираше, рече Мираковска.

Потенцира дека токму пратениците се луѓето кои треба да ги донесат важните одлуки.

– Кога граѓаните ни даваат мандат не знаат што е во нашите програми, туку врз основа на она што ќе го кажеме можат да препознаат дали некој може да направи подобар живот и да ни ги отвори патиштата, потенцира Мираковска.

Рече дека е побезболно прашањето да се реши сега и, како што нагласи, да се помириме со комшиите, да станеме дел од НАТО, да почнеме преговори со ЕУ и да дојде свеж капитал. Тоа, пак, ќе значи повеќе работа и поголема плата за сите.

Во реплика Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека мнозинството до пред неколку месеци не ги ни поздравувало пратениците од опозицијата, а сега ги моли да гласаат за договорот што сами го направиле, без никого да консултираат, и за кого граѓаните со молкот што го направија на Реферндумот се искажаа како треба да се гласа.

Неговиот сопартиец Влатко Ѓорчев кажа дека во Штип од 42.000 гласачи на Референдумот гласале само 12.000. – За што тие ви дадоа мандат, рече Ѓорчев и додаде дека гласачите на изборите ги гласале за економскиот напредок што го ветувале, а не за промена на името на државата.

Фросина Ременски од СДСМ порача дека секој што се сомневал дека ќе исчезне и ќе го снема, покажува сомнеж дека постои.

– Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик опстоиле и во време кога владееле други влади и други држави. Затоа не држи дека со договорот со Грција ќе се прекине постоењето, рече Ременски.

Овој договор, со уставните измени, посочи таа, не донесува пред одговорноста да го заокружиме правниот интегритет на Македонија.

– Во иднина нашето гласање ќе се цени како исчекор кон иднината или како промашено заради инает, рече Ременски.

Независниот пратник Павле Богоевски, пак, истакна дека е дел од промашената македонска генерација, која, како што рече има сеќавања само на чекање.

– Претходните влади не успеале да ги реализираат нашите црвени линии во преговорите со Грција. Доколку останеме на нив ќе чекаме уште 50 години. Ако не ја искористиме сегашната прилика може да бидеме сигурни дека вратите ќе ни бидат позатворени, рече Богоевски.

Катерина Кузмановска од СДСМ рече дека очите на сите во земјава, но и на меѓународната јавност се вперени во Собранието на Република Македонија заради одлуката што треба да ја донесе.

– Знам дека во сето ова има премногу емоции и прашања на кои сакаме да го најдеме одговорот, но знам дека има и само една вистина, дека има само една Македонија која ни припаѓа нам. Патот кон ЕУ и НАТО треба да не прави поединствени и не треба да заборавиме дека не сме сами, рече Кузмановска.

Ја имаме, посочи,  честа и можноста да го отсонуваме големиот сон и да го избереме патот на сигурноста.

– Со донесувањето на уставните измени убедена сум дека се зацврстува идентитетот на македонскиот народ, и суштинското име Македонија останува нечепнато и само ја заменува ПЈРМ. Ако останеме надвор не демнеат опасности, потенцира Кузмановска.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Земјотрес почувствуван во Кичево и околината

Редакција

Ковачевски и владина делегацијa на Конференцијата за безбедност во Минхен

Редакција

Со пиштол се заканувал на медицинска сестра во тетовската болница

Редакција