еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Советникот на Заев, Љубе Бошкоски имал над 100 состаноци со потенцијални инвеститори, ама не донел ни 1 инвестиција

Посебниот советник за странски инвестиции на премиерот Зоран Заев, Љубе Бошкоски за период од една година и три месеци, од кога е на оваа функција, не донел ни една инвестиција.

Од Владата за еМагазин велат дека за овој период тој обезбедил контакти со над 20 потенцијални инвеститори во земјава, а во странство остварил над 100 состаноци со можни инвеститори од разни области со фирми од Италија, Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, почнувајќи од културата завршувајќи со инфраструктурата.

Со кои потенцијални странски инвеститори остварил контакти

Од Владата за еМагазин посочуваат и дел од потенцијалните странски инвеститори со кои Бошкоски остварил контакти:

„Со претставници на компанијата „Адрис Груп“ со седиште во Загреб, Хрватска. „Адрис Група” важи за една од најуспешните компании во Хрватска и регионот. Капиталот кој компанијата го остварува помага во развојот на економијата на земјата но исто така и во развојот на земјите од регионот.

Разговори со фирмата „Лоренз ГмбХ“ од Швајцарија, компанија заинтересирана за инфраструктурни проекти.

Со компанијата „CNTIC“ државна компанија од Народна Република Кина, специјализирана за трговија со технологија, договарање на проекти, управување со проекти, интегрирани услуги, инвестирање и финансии. Заинтересираност за учество во енергетски и инфраструктурни проекти во Република Северна Македонија.

Со компанијата „Winsten Ltd“ со седиште во Софија, Бугарија се занимава со рециклирање на отпад и користење на истиот.

Одржана средба со потенцијални италијански инвеститори за органско земјоделско производство.

Како и средба со претставници на германската компанија „НатурПур“. „НатурПур“ е компанија која се занимава со производство на леб од пченкарни никулци“.

Колкава плата има Бошкоски

Љубе Бошкоски има месчна плата од 50.000 денари нето или 74.957 бруто.

За својата работа, тој одговара пред Заев.

Кој е Бошкоски?

Љубе Бошкоски, познат во јавноста и како Брат Љубе е поранешен министер за внатрешни работи и лидер на партијата „Обединети за Македонија“.

Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1985 година. По дипломирањето работел како приправник во суд, а потоа како правник на Фондот за здравствено осигурување во Ровињ – Хрватска.

Како кадар на ВМРО-ДПМНЕ тој беше и заменик на директорот на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК), а потоа и државен секретар во Министерството за внатрешни работи (МВР).

Прв човек на МВР стана за време на воениот конфликт, а потоа беше и пратеник.

Имаше и амбиции да стане претседател на Македонија, но неговата кандидатура беше отфрлена од страна на Државната изборна комисија (ДИК), поради неисполнување на условот за 15 години непрекинато живеење во Македонија.

Во 2004 година остана без пратеничкиот имунитет, поради сомневање за негова вмешаност во случајот „Раштански лозја“, по што тој замина во Хрватска, а по објавената меѓународна потерница, заврши во притвор во Пула – Хрватска.

Тој беше обвиниет за овој случај, но заради барањето од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг да биде депортиран во затворот во Шевенинген за случајот „Љуботен“, судењето беше прекинато.

Во 2005 година откако Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија покрена обвинение против него и Јохан Тарчуловски заврши во Хаг.

Три години подоцна Бошковски е прогласен за невин од страна на Хашкиот трибунал за настаните во скопското село Љуботен во 2001 година и беше ослободен.

Неколку години подоцна, во 2011 година, Бошкоски беше уапсен под сомнение за нелегално финансирање на изборна кампања, за што ќе добие пет години затвор.

Тој беше обвинет и во случајот „Ровер“.

Од затвор излезе во 2016 година, а за неговото апсење, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го отвори случајот „Тортура„, кој се уште нема епилог.

Фото: СДСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Хорор во тетовско Селце: 45-годишник ја убил сопствената мајка со секира

Редакција

Починаа пет пациенти од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Редакција

ППЦ – мајката фирма на ЕДС која се „бори“ на тендерот за снабдувач за домаќинствата, под истрага од Европската комисија

Редакција