еМагазин
Image default
Локално

ЈСП „Скопје“ ги демантира објавите за натепани патници од страна на возачи и контролори

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) преку соопштение ги демантира зачестените објави во медиумите за натепани патници од страна на возачи и контролори.

Сите објави биле базирани исклучиво на информации од МВР каде случаите биле пријавени и на чие расветлување се работи, без притоа ниту еден медиум да побара изјава/објаснување од ЈСП „Скопје“, велат од ЈСП.

– Последните два примера во изминативе десетина дена во кои наводно возач, односно контролори натепале патник, не соодвествуваат со вистината. Тоа го докажуваат исказите на инволвираните страни во Внатрешната контрола на ЈСП „Скопје“, а извесно е дека тоа ќе се докаже и по целосно расветлување на случаите од страна на МВР, велат од ЈСП „Скопје“.

За случајот од 14 февруари годинава, во кој патник пријавил оти на линијата 19 бил натепан од страна на контролори, бидејќи не поседувал билет, од ЈСП „Скопје“ велат дека контролорите воопшто не примениле сила. Напротив, како што се наведува, патникот давал отпор и физички се обидел да посегне по контролорите, но во меѓувреме стигнала екипа на МВР и го презела случајот.

Во случајот од 7 февруари годинава во кој патник пријавил дека бил натепан од возач на линија 33, според ЈСП „Скопје“ не станува збор за напад и додаваат дека возачот не применил сила, туку имало само вербална расправија.

– Патникот кој го пријавил случајот бил во алкохолизирана состојба и возачот поради безбедноста на другите патници во автобусот го отстранил, односно го симнал патникот од автобусот, по што тој пријавил наводно тепање од страна на возачот, се вели во соопштението.

ЈСП „Скопје“ информира дека се отворени и достапни за соработка со медиумите за било какви прашања.

– За сите инциденти во јавниот превоз информирана е и нашата Внатрешна контрола и сите случаи се регистрирани така што медиумите во секое време можат да добијат навремена и комплетна информација за било кој пријавен инцидент, велат од ЈСП „Скопје“.

Од претпријатието потсетуваат дека контролорите и возачите не смеат да употребат физичка сила, а исклучок се ситуации кога станува збор за самоодбрана.

Во изминатиот месец извршена е 31 контрола на пријавени недоразбирања (инциденти) меѓу контролори и патници. Утврдено е дека во 11 ситуации биле виновни контролорите и против нив се покренати дисциплински постапки. Останатите 20 случаи, пак, завршиле со помирување на двете страни, при што патниците признале дека се виновни за предизвикување на инцидентот.

Од ЈСП „Скопје“ апелираат патниците уредно да се валидираат при користење на јавниот превоз. Укажуваат дека и понатаму соодветно ќе бидат санкционирани сите злоупотреби на картичките „Скопска“ (зачестено возење на лица со туѓа персонализирана картичка).

Линиската контрола во јануари годинава има издадено 1.075 казнени билети од кои речиси 50 се заради злоупотреба на „Скопска“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Излегол од автомобил и му го застрелал кучето

Редакција

Несекојдневна измама во Скопје: Им земале пари за семинари за алтернативен туризам

Редакција

Масовна тепачка синоќа на булевар „Кочо Рацин“ во Скопје

Редакција