еМагазин
Image default
Бизнис

Специјални авиони ќе ги штитат земјоделските производи од град

Владата на вчерашната седница ги усвои измените на Уредбата за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој, со кои што се додаде нова подмерка „Услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви“, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

„Станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди кој што предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. Тоа подразбира надлетување на небото со специјално опремени авиони кои ќе испуштаат раствор за спречување на формирање на мраз во облаците.

Со овој вид на заштита од природни климатски непогоди како што е градот се постигнува најефикасен систем за превенција и неколку кратно поекономичен систем од старите ракетни системи.

Проценетата вредност за набавка на услугите е 90 милиони денари, што е неколкукратно поекономично од инвестициите во ракетен систем чија проценета вредност за инсталација и одржување е еднократна инвестиција од 1 милијарда и 200 милиони денари и дополнителни трошоци за одржување и набавка на материјали од 300 милиони денари на годишно ниво“, се вели во соопштението на МЗШВ.

Од таму додаваат дека поради сѐ позачестените негативни последици од климатските промени и појава на град, „МЗШВ, интензивно работи на мерки со кои што ќе се заштити земјоделското производство од штети од временските непогоди, конкретно од град, и овој нов систем е само дел од мерките за заштита од временски непогоди“.

„И натаму на земјоделците на располагање им стои мерката од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година за кофинансирање на трошоците за премијата за осигурување за надоместок на штета врз земјоделското производство во висина од 60 отсто.

Вкупната сума во Програмата за оваа намена е 70 милиони денари. Дополнително, МЗШВ работи и на нов модел за зголемување на осигурувањето на земјоделското производство“, велат од МЗШВ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Прилепска пиварница со намалена добивка во првите девет месеци

Редакција

„Фабрика Карпош“ ја удвои добивката

Редакција

Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони склучи договор со “Стентон градба“ вреден 2,4 милиони евра

Редакција