еМагазин
Image default
Бизнис

ССК: K-15 лаги и вистини за исплатата

Деновиве се погласно се зборува за регрес за годишен одмор или популарно наречен К-15, при што циркулираат информации со невистинити содржини, па дури се оди до таму и преку насловите во медиумите на работодавачите да им се испраќаат пораки за казни затвор доколку не исплатат регрес.

Што од тие информации е вистина? Потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Габриела Кулебанова, на седница на Советот на претседатели истакна повеќе клучни информации кои сите треба да се имаат предвид.

Исплата на регрес за годишен одмор: Што добива работникот и колку се казните за работодавецот? 

„Со Општиот колективниот договор за приватен сектор од областа на стопанството во член 35 се предвидува исплата на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата за пресметка на плата која важи на денот на донесување на одлука за исплата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор и во поголем износ, а се исплатува еднаш во текот на годината.

Тоа значи дека компаниите имаат обврска да исплатат само за оние вработени кои работеле кај нив повеќе од 6 месеци во календарската година“, потенцира Кулебанова.

Во случај на финансиски потешкотии во фирмата може да се исплати и понизок регрес.

„Компаниите како работодавачи треба да знаат дека со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор од 2015 година во членот 35 се додава дека работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со колективен договор.

Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците. Компаниите кои не генерираат доволно профит не смее да се ставаат во ситуација да подигнуваат кредити или да бараат позајмици за да исплатат регрес, со што дополнително ќе си ја отежнат ликвидноста.

Треба да се овозможи компаниите кои имаат тешка година да опстојат, а не дополнително да се оптоваруваат по секоја цена. Компаниите треба да знаат дека ја имаат оваа опција“, додаде Кулебанова.

Работодавачите го поддржуваат наградувањето на работниците, бидејќи тоа е начин на подобрување на продуктивноста, но тоа не смее да биде на штета на финансиската стабилност на фирмата и причина за нејзина неодржливост.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Софија градба„ ги продаде сите акции во ЗК Пелагонија, ги купи „Орка холдинг„

Редакција

„Македонски телеком“ ги предупреди корисниците за лажна наградна игра

Редакција

Кумановската „Делукс-ауто“ го доби тендерот на Царинската управа за набавка на 13 возила „тежок“ 325.000 евра

Редакција