еМагазин
Image default
Бизнис

ССК: Многу прашалници и предизвици околу трансферот на вработени од јавниот во приватниот сектор

Сојузот на Стопански комори на Македонија (ССК) смета дека во врска со најавата за трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор треба да се посвети поголемо внимание како ќе се прецизираат критериумите за овие лица, дали анализите кои се прават прецизно ќе утврдат какво образование и вештини поседуваат, како би биле атрактивни за премин во приватниот сектор.

Приватниот сектор, велат од ССК, со оглед на континуираниот одлив на квалификувана работна сила со кој се соочува, активно бара на пазарот на труд лица со дефицитарни и специфични занимања, пред се од техничките и строго специјализирани струки.

„Деновиве се погласно се зборува за идната имплементација на моделот за премин на вработените од јавната администрација во приватниот сектор, кој е најавуван од страна на Министерството за информатичко општество и администрација.

Овој процес за кој е неопходна сеопфатна анализа и сериозни преговори, го отпочна ресорното министерство, кое во изминатата година покажа подготвеност за дијалог и соработка со деловната заедница, земајќи го предвид интегрирањето на дел од нашите забелешки за измени на законски решенија во негова надлежност“, се вели во соопштението од ССК.

Она што е предмет на дискусија во последно време и на кое треба да се посвети големо внимание, сметаат оттаму, е најавата за трансфер на службеници од јавен во приватен сектор, лица за кои ќе се оцени дека нема повеќе потреба во јавната администрација.

„Се отвораат важни прашања, како ќе се одвива самиот процес во моделот на премин од јавен сектор во приватен, кој за прв пат ќе се применува во земјава, дали ќе биде овозможена извесна доквалификација или преквалификацијата на овие кадри и кој ќе го изврши истото, колку време би траел тој процес на адаптација за ново работно место и кој би бил очекуваниот степен на продуктивност по преквалификација за оние работни места за кои приватниот сектор има потреба“, вели претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Предизвиците кои ќе треба да се надминат во овој процес се бројни, смета таа, како мислењето особено на младата популација за високиот степен на атрактивност за вработување во јавната администрација, општото мнение дека работата во јавниот сектор нуди поголема сигурност, но и дека помалку труд се вложува за разлика од приватниот сектор.

„Воедно согласно анализите, со исклучок на одредени сектори како ИТ и енергетскиот сектор, платите во јавната администрација се во просек повисоки во споредба со платите во приватниот сектор, што креира дисторзија во перцепцијата за атрактивност на работните позиции.

Затоа можеби и треба да се запрашаме дали ќе успее моделот од аспект на тоа дали вработените од јавната администрација воопшто ќе сакаат да преминат во приватниот сектор. Тука клучна улога ќе имаат и синдикатите кои ги застапуваат правата на работниците од управата, со кои е потребно темелно да се разговара за тоа кои се нивните ставови по овие важни прашања кои се отвораат“, потенцира Арсовска.

Очекувањата се, додава таа, во следниот период отворено да се дискутира по овие точки особено откако ќе се види анализата и предлог моделот на Министерството за информатичко општество и администрација, по што одговори ќе има на голем број дилеми кои се отворија во изминатиот квартал.

„Обезбедување ефикасна и ефективна администрација е барање на приватниот сектор, кој континуирано бара спроведување на неопходните структурни реформи, чие отпочнување и реализација е приоритет за идна интеграција во Европската Унија.

За сите мерки независно од чија страна се предложени, потребно е да се демонстрира волја и слух за потребите на засегнатите страни во процесот, во спротивно сигурно нема да се постигне посакуваниот епилог.

Економија со здрави темели, пазарно ориентирана, со конкурентен приватен сектор кој ќе биде високо продуктивен и ќе генерира нови и повисоко платени работни позиции, треба да биде крајната цел на овој процес, потенцира претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Фото: ССК

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЈП „Улици и патишта“ лани со добивка од 33.5 милиони денари

Редакција

Од утре почнува етапната исплата на јануарските пензии

Редакција

„Саудиа ерлајнс“ регрутирa кандидати од Македонија

Редакција