Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагира на денешната изјава на министерката за финансии во врска со олабавувањето на условите за задржување на бројот на вработени при користење на мерката за субвенции на плати за стопанството.
Од Синдикатот бараат итна средба со министерката за финансии со цел да се надмине оваа, како што велат, погубна уредба.
– Сојузот на синдикатите на Македонија и се „заблагодарува“ на министерката за финансии Нина Ангелова, што во целост ги поддржува и применува мерките од „газдите“ и придонесува да се зголеми бројот на невработени во Република Северна Македонија, како честитка по повод претстојниот 1- ви Мај, Меѓународниот ден на трудот.
Сојузот на синдикатите на Македонија ги потсетува Министерството за финансии и Владата дека давање на финансиска поддршка која на крајот на денот ќе се враќа од парите на работниците и преку даноците на граѓаните не смее да овозможува намалување на бројот на вработени односно државата да го финансира отпуштањето на работниците под притисок на работодавачите.
Во овие моменти кои се исклучително тешки за македонските работници, Владата, ниту пак Министерството за финансии, не смеат да носат уредби по нарачка и притисок од работодавачите, коморите и сл., кои се на штета и на грбот на работниците, се вели во реакцијата.
Министерството за финансии денеска ги презентираше новите услови за мерката 14.500 денари субвенции за плати во стопанството.
Една од новините се дека се олабавуваат условите за задржување на бројот на вработени при користење на мерката.
Со новите услови малите и микро претпријатија можат да го задржат истиот број на вработени минус 15 проценти, средните до минус 10 проценти и големите фирми до минус пет проценти од вработените.
Пред промената на овој услов, тие беа обврзани да го задржат истиот број на вработени до јули, односно два месеца по користење на мерката.
МИА/Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сите детали: Нови услови за мерката 14.500 денари субвенции за плати во стопанството