еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Стагфлација до крајот на годината и веројатност од рецесија кон почетокот на идната година, предвидуваат од „Фајнанс тинк“

Во вториот квартал од 2022, бруто-домашниот производ (БДП) се зголеми за 2,8 отсто на годишна основа. Овој раст е сличен на динамиката од 2021 година, но е под очекуваниот, остварен е во услови на нагласена неизвесност која произлегува од руско-украинскиот конфликт, како и во услови на забрзан раст на цените.

Со оваа состојба е сврзан нискиот раст во преработувачката индустрија (1,5 отсто), како и продолжената стагнација кај градежништвото (0,2 проценти), стои во анализата на „Фајнанс тинк“.

Од друга страна, како што посочуваат од таму, пост-пандемиската консолидација продолжи со солидна динамика од 8,1 отсто кај трговијата, транспортот и хотелиерството.

-Извозот и увозот ја задржаа својата динамика од почетокот на годината, 14,7 отсто и 25,2 проценти, соодветно, додека бруто-инвестициите бележат изненадувачки висок раст (46,5 отсто), но тој е веројатно сврзан со акумулацијата на залихи во пресрет на растечките неизвесности на глобалната сцена, велат од макроекономскиот монитор на организацијата „Фајнанс тинк”.

Стабилниот пазар на труд и растот на платите, како што посочуваат, ја поддржаа приватната потрошувачка, иако со благо забавен раст (4 отсто), додека јавната потрошувачка бележи силен пад од 7,2 проценти, што е во линија со несразмерната реализација на буџетскиот дефицит (една четвртина за половина година).

-Невработеноста во вториот квартал од 2022 понатамошно благо се намали, на 14,5 отсто од претходните 14,8 проценти (К1-2022). Благо подобрување бележи и вработеноста, од 47,1 отсто на 47,3 проценти, но нема особени знаци на значајно реактивирање на работоспособното население кое се пасивизираше во текот на пендемијата, се наведува во анализата.

Според „Фајнанс тинк” во вториот квартал од 2022, инфлацијата се искачи на 12,3 отсто на годишна основа. Овој раст на цените, како што додаваат, е скоро во целост движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но тие се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошничка, особено во делот на домување, транспорт и ресторанско-хотелски услуги.

-Неизвесноста во економијата останува висока, додека видливата стагфлација во вториот квартал од 2022 ќе станува поинтензивна до крајот на годината, со зголемена веројатност од рецесија од почетокот на идната година.

И покрај намалувањето на цените на храната на глобалните пазари од јуни 2022, понатамошното зголемување на цените на енергентите укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со претходните очекувања.

Оттука, „Фајнанс тинк” надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 на 2,1 отсто (од претходните 2,8 отсто), додека проекцијата за годишната стапка на инфлација нагорно на 12,2 проценти (од претходните 9,7 проценти), се вели во анализата на „Фајнанс тинк”.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерството за правда утре ќе го соопшти составот на работната група за уставни измени

Редакција

(Вознемирувачко видео) 20 лица загинале во Доњецк во наводен напад на украинската војска

Редакција

Кои се обичаите: Почнува рамазанскиот пост

Редакција