еМагазин
Image default
Интервју

Стојчевска: Децата се инспирација која треба да ја искористиме за нивен развој и среќен раст

„Врти од А до Ш“ е едукативен проект односно креативна игра за деца со букви. Таа им помага да ги научат буквите и зборовите. Проектот на македонски јазик е дело на мајката – креативец Елена Стојчевска.

Елена, од каде идејата, што те поттикна за еден ваков поинаков проект?

– Идејата за овој проект ја добив преку мојот син, тој е мојата инспирација. Сакам да го поттикнам неговиот развој на секој можен начин: визуелизација, моторика, говор, интерактивност. Едукативната игра пред сѐ е за запознавање, а потоа и за изучување на македонските кирилични букви и азбука, на лесно прифатлив начин без употреба на модерните технологии, на кои за жал децата во денешно време се многу изложени и стануваат лесно зависни од нив.

Колку време беше потребно да се креира едукативната игра, каков е процесот од идеја до реализација?

– Инспирација ми беше старата игра „На буквата, на буквата“, па така почнав да истражувам на интернет. Тогаш ја добив идејата. Сликите и зборовите се мој личен избор, секако од фондот на зборови кои ги користеше мојот син во тој период и кои ги користат децата на таа возраст. Се обидов да направам еден состав на зборови за секоја буква, водејќи се по критериумот зад секоја буква да се содржи по еден збор за животно, превозно средство, овошје, зеленчук, делови од домот, делови од човековото тело и слично, нормално колку што буквата го дозволува тоа.

Сепак, визуелизацијата на децата од три до пет години е најлесен начин да се прошири спектарот на спознавање и знаење нови работи, се обидов сликите да ги направам соодветни за возраста со цел полесна визуелизација и помнење.

Која е целната група за која е наменет проектот?

– Целната група се децата од три години до предучилишна возраст, овие букви може да се користат и етапно, прво детето да ги препознава симболите и буквите, потоа низ препознавање на сликите да се именуваат буквите, да се поврзува глас со буква, за на крај веќе да се вежба изговор на зборчињата кои се прикажани на сликите.

Оваа едукативна игра ќе биде промовирана на Саемот на книгата на 11-ти мај…

– Една од најважните работи за овој проект е што издавачката куќа Едука Мак, која важи како главен промотор на интерактивни игри за деца, го препозна потенцијалот на овој проект и благодарение на нивната желба, упорност и доверба, проектот излезе во печатена форма.

Кутијата веќе ја има на штандот на издавачката куќа Едука Мак, на саемот на книга, а  главната промоција ќе се одржи во сабота на 11-ти мај во 11 часот во Салата за промоции. За буквите ќе говорат професори од Педагошкиот факултет, секако од издавачката куќа, ќе има присуство на логопед да одговори на прашањата на родителите и секако работилница за најмладите посетители.

Колку е важно во вакви проекти да се вклучат и логопеди и останати експерти?

– Искрено, додека не ја споделив мојата домашна верзија на социјалните мрежи, не бев свесна колку овие букви се значајни пред сѐ за логопедите и на мое огромно задоволство добив пораки со позитивни и конструктивни коментари, конкретно за недостигот на материјали за работа со деца од овој тип.

Кога разговараме за среќно детство, сакам да напоменам дека се восхитувам на македонските автори на сликовници за деца кои неуморно работат на проекти за изучување и распознавање на кирилицата, меѓутоа проектите како што беше „Бушава азбука”, по кои мојата генерација ја запознаваше и изучуваше кирилицата на начин кој изобилуваше со детска игра преточена во едукативна насока се поретки.

Која е твојата порака до другите родители кои сакаат да работат на поттикнување на развојот на нивните деца?

– За среќа по социјалните мрежи денес постојат профили на родители кои на најразлични начини ги активираат своите деца кои можат да ни послужат на сите како пример и инспирација. Мојата единствена порака до родителите е дека со децата треба да работиме колку што можеме подалеку од технологијата, дали надвор на отворено или да твориме дома. Децата се инспирација која треба да ја искористиме за да ги поттикнеме да се развиваат и да растат среќно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Усаинова: Македонија е единствена земја на Балканот со силен ромски граѓански сектор

Редакција

Насилниците ја губат силата кога гледаат дека има кој да ви помогне, вели жртва на семејно насилство

Силвана Жежова

Данчевска: Сообраќајните несреќи кои се случуваат поради престигнување и движење со голема брзина, се со умисла

Силвана Жежова