еМагазин
Image default
Бизнис

Стопанска банка Битола лани работела со добивка, една од најуспешните години во повеќедецениското работење

Стопанска банка АД Битола оствари позитивен финансиски резултат за периодот 1.1.2021 – 31.12.2021 година, односно нето-добивка во износ од 345,10 милиони денари, а со тоа 2021 година е една од најуспешните во повеќедецениското работење на Банката, информираат од Банката преку Македонската берза.

„Нето-приходите од камати за периодот 1.1.2021 – 31.12.2021 година се задржаа на релативно стабилно ниво и изнесуваат 290,42 милиони денари, без поголеми апсолутни промени во однос на остварените во истиот период од претходната година.

Во услови на надолен тренд на активните каматни стапки на ниво на банкарски сектор, паралелно со намалувањето на основната каматна стапка на НБРСМ, како и неминовното влијание на ковид-кризата врз субјектите во економијата, приходите од камати се пониски за 2,25% споредено со минатата година, и покрај растот на кредитната активност.

Во извештајниот период се преземаа засилени активности за контрола на трошоците, меѓу кои и оптимизирање на изворите на средства и нивната цена, така што расходите по камати заблежаа подинамично намалување од 7,34%.

Паралелно со промените во приходите и расходите, нето-приходите од камати се намалија за само 0,20 % на годишна основа. Реализацијата на планот за нето-приходи од камати изнесува 82,15%“, велат од Банката.

Нето-приходите од провизии и надоместоци се повисоки за 10,72% споредено со претходната година, велат од Банката.

„Притоа кај приходите од провизии и надоместоци беше евидентиран позначаен годишен раст од 22,68 милиони денари, одразувајќи го растот на провизиите главно во делот на кредитирање, како и приходите од провизии од картично работење, додека расходите за провизии и надоместоци растеа со побавно темпо и бележат зголемување од 7,93 милиони денари.

Остварените нето-приходи од провизии и надоместоци се повисоки од планираните за 23,96%.

Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 26,06 милиони денари и бележат зголемување од 24,42% на годишна основа. Остварувањето во оваа позиција го надминува планот за 2021 година за 4,25%.

Останатите приходи од дејноста се повисоки за 19,57%, а тоа е резултат на ослободувањето резервации за потенцијални обврски во тековната година, што не е случај во претходната година. Исто и во оваа позиција реализацијата е поголема од планот за 2021 година за 3,86%.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е позитивна во износ од 281,17 милиони денари, што главно се должи на ослободената исправка на вредноста од наплатата на претходно отпишано побарување нетирано со издвоената исправка на вредност за пласмани според проценките за квалитетот на кредитните изложености.

Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нетооснова е позитивна и изнесува 18,21 милиони денари, следствено на продажба на дел од преземениот имот во согласност со поставените плански цели.

Трошоците за вработените бележат намалување од 0,52% споредено со претходната година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 94,54%.

Останатите расходи од дејноста регистрираа контролиран годишен раст од 3,11%, а реализацијата на планот изнесува 96,24%. Амортизацијата на годишна основа бележи зголемување од 12,35%, одразувајќи ги промените во недвижностите и опремата. Реализацијата на планот во оваа позиција изнесува 84,44%“, велат од Банката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Владимир Ефтимоски реизбран за претседател на Управниот одбор на Стопанска банка Битола

Раст од 364,66% на добивката на Стопанска банка Битола

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Внеси боја – кампања за подигнување на свеста за последиците од сивата економија

Редакција

Најчитано на еМагазин во 2019: Како да остварите поврат на 15 отсто ДДВ?

Редакција

ЈП за државни патишта склучи договор со Гранит за непредвидени работи на патот Неготино-Демир Капија

Редакција