еМагазин
Image default
Бизнис

Стопанската комора на Македонија во одбрана на вицепремиерот Кочо Анѓушев

Да престане практиката на јавни прозивки на компаниите во политички контекст и изнесување паушални констатации кои им нанесуваат штета на угледот. Фирмите треба да се оценуваат единствено преку критериумите на квалитетот на нивните производи и конкурентноста на понудените цени. Ако, пак, постојат можни сомневања за евентуален конфликт на интереси, да бидат изнесени пред надлежните државни органи и да бидат спроведени сите потребни дејства во насока на нивно расчистување, апелира денеска Стопанската комора на Македонија.

Во писмен допис до медиумите, Комората објаснува зошто стои зад Кочо Анѓушев, кој бил и токму нејзин предлог за вицепремиер задолжен за економси прашања.

Воедно оценува дека Анѓушев е еден од најактивните членови на Владата кој со својот ентузијазам, упорност и иницијативност дејствува во рамки на очекувањата на Комората за спроведување на неопходните чекори за промена на концептот на економски развој.

„Иницијативата на тогашниот мандатар Зоран Заев функцијата заменик за економски прашања да биде понудена од бизнис заедницата, ја оценивме како многу добра, но мора да нагласиме дека и тогаш се водеше конструктивна дебата во рамки на Комората околу можниот судир на надлежностите на носителот на таа функција, бидејќи однапред беше јасно дека околу тоа прашање ќе има различни толкувања.

Во таква ситуација Стопанската комора се одлучи да предложи најдобро персонално решение кое потекнува директно од производна и извозна компанија, согласно програмските определби и стратешките документи усвоени од страна на Комората. Едногласно беше утврдено дека тоа ќе биде проф. д-р Кочо Анѓушев, со оглед на фактот дека барањата на Комората од новата Влада беа целосна промена на концептот на економски развој, во насока на спроведување на процесот на реиндустријализација и унапредување на извозните потенцијали на македонската економија, со максимална поддршка на успешните компании“, објаснува Комората.

При тоа, дополнува, се имале предвид стручноста, професионалноста и реализираните резултати на Анѓушев во приватниот сектор, изразени преку растот на компаниите во кои бил сопственик/управител, но и неговата доследна посветеност на целите на коморското организирање и работење во Македонија, одразено преку неговиот активен ангажман во органите и телата на Стопанската комора и посветеноста кон подобрувањето на состојбите во македонската економија.

„Даваме целосна поддршка на активностите на Владата кои треба да придонесат за зголемување на домашните и странските инвестиции, пораст на вработеноста, зголемување на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионалната поврзаност, пораст на БДП, забрзување на економскиот раст, кои во крајна линија треба да овозможат и подобар животен стандард во земјата,“ стои во соопштението на Стопанската комора на Македонија.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Колку пари чуваат граѓаните во Стопанска банка Скопје

Редакција

Народната банка вработува секретар и помлад сметководител, плата до 38.641 денар

Редакција

Пад на извозот од 11,4% во јануари

Редакција