еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Студенти го учат бизнисот во македонските компании кои се дел од групацијата „Балфин“

Со цел да им се даде шанса за раст и развој на младите луѓе, инвестициската групација „Балфин“ постојано отвора нови и ги подобрува веќе постоечките опции за студентска пракса и стажирање во речиси сите компании кои се под нејзина капа. Станува збор за околу 18 претпријатија кои функционираат во различни сфери, а сместени се во седум држави и бројат повеќе од 5.000 вработени.

Во нашата земја дел од тоа големо семејство се: компанијата „Ист гејт“ која работи на изградба на мултифункционален комплекс со исто име во Скопје и „Нептун“, најголемата малопродажна и дистрибутивна мрежа на производи од бела техника, апарати за домаќинство, ТВ, аудио и видео опрема, компјутери, телефони, фотоапарати и камери, производи за нега и убавина, ладење и греење.

Во „Нептун“ годинава е склучен и договор со Економскиот факултет при УКИМ за изведување практична настава и планираат наскоро да почнат да соработуваат и со други институции.

– Студентите, особено оние кои сакаат да се вклучат во практичната настава, се огромен потенцијал за идни вработувања затоа што носат ентузијазам, нови идеи, нови технологии и за нив ништо не е невозможно. Дополнително, сметаме дека секој студент би можел многу да научи во „Нептун“ и тоа искуство да го пренесе на било кое работно место, без разлика дали станува збор за технички вештини или однос кон работата и организациска култура.

Очекуваме оваа програма многу да се развие. Моментално сме на почеток, но целта е во секое време да имаме по неколку практиканти и во иднина голем дел од новите вработувања да се бидат токму овие лица – вели менаџерот за човечки ресурси во „Нептун“, Ана Костовска.

Постојани обуки и тренинзи и за вработените

Во „Нептун“ истакнуваат дека покрај стажирањето, од огромно значење е обуката и развојот на вработените на кое многу внимаваат.

– Сите нови вработени поминуваат задолжителна воведна обука со која се запознаваат со компанијата, групацијата „Балфин“, процесите и процедурите, колегите и сѐ што им е потребно за успешен почеток во работата. Колегите кои почнуваат со работа во некоја од продавниците на „Нептун“ добиваат и детална обука за комуникација и продажба.

Ова се однесува на воведување во работењето, додека за оние кои веќе се вработени, одделот за човечки ресурси заедно со соодветниот менаџер на одделот секоја година прават план за обука и развој и согласно тоа се предвидува и буџет. Обуките кои ги поминуваат вработените се и интерни и екстерни, технички и за меки вештини, зависно од потребата, посочуваат од „Нептун“.

Додаваат дека имаат и активности за развој на таленти каде одреден број на вработени се обучуваат за повисоки позиции. Резултатите од овие активности се: 27 вработени во 2018 година и досега 14 вработени во 2019 година кои се назначени на повисоко работно место од претходното.

Работно место или препорака за стажантите

Заложбата на групацијата „Балфин“, чие седиште е во Тирана, да им овозможи на студентите шанси за раст и развој е забележлива и во тоа што компанијата има склучено договори за соработка со неколку приватни универзитети во Албанија. Воедно, лани потпиша договор за соработка со Swisscontact за да се подобри квалитетот на стручното образование и тренинг во земјата.

– Групацијата овозможува пракса за сите квалификувани студенти во сите свои компании. Корпоративната општествена одговорност и придонесот кон заедницата е мисија на која гледаме сериозно. Нашите компании се места каде младите луѓе може да гледаат како образованието со кое се здобиле на факултет се применува во пракса.

Достапноста до стажирање им се нуди на студентите кои покажуваат дека имаат желба и се посветени на учење. Во тек на праксата ќе се запознаат со сите „брзини“ кои овозможуваат да се движи и расте еден бизнис. Во суштина најважното е дека им се овозможува да работат на проекти заедно со некои од најпознатите професионалци во сферата во нивната земја, појаснуваат од „Балфин“.

Но, работата на групацијата не завршува тука. Менаџментот им дава оценка и во зависност од тој фидбек може да добијат и препорака која ќе им користи во иднина.

– Професионалното стажирање го користиме и како систем за регрутирање на вработени во компаниите. Голем дел од нашите вработени станале дел од групацијата токму по пат на стажирање и во зависност од тоа дали покажуваат посветеност при извршување на задачите кои им биле доделени во тек на стажирањето, велат од „Балфин“.

„Балфин“ е една од најголемите приватни инвестициски групации во регионот, која е позната по своите инвестиции во трговски центри, резиденцијални и комерцијални објекти, туристички проекти, како што Green Coast Resort и Vala Mar Residences, активности во модната и во рударската индустрија, како и во сферата на малопродажбата со „Нептун“, „Џамбо“, SPAR и други. „Балфин“ неодамна заедно со нашата Комерцијална банка го комплетираше купувањето на Тирана банк.

Покрај во Албанија и во нашата земја, групацијата е присутна со различни типови на проекти и во: Австрија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина и Холандија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починаа 9 лица заразени од корона вирусот, од нив 7 од Скопје

Редакција

Македонски Телеком донираше T Tablet за дваесет семејства во социјален ризик

Редакција

Бранителите на Канческа Милевска побараа ослободителна пресуда

Редакција