еМагазин
Image default
Македонија

Судењето за „Рекет” продолжува со презентирање на нови материјални докази

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Рекет“. Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со презентирање докази.

На претходното рочиште беа прикажани снимки од камерите во куќата на Јордан Камчев, што тој во својство на сведок ги има доставено во Обвинителството како доказен материјал. Станува збор за снимки на кои се прикажани Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милески -Кичеец и Камчев, што беа објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“, а потоа и во македонските медиуми, само што истиот настан беше прикажан од повеќе агли односно од други камери.

Беше пуштена и снимка од необјавена емисија „Инсајдер”, а презентирани беа и фискални сметки од обвинетиот Бојан Јовановски од 2019 година за облека што ја купувал од брендирани бутици во Италија.

Сметките, преку 20, се на износи од 300 до 9.000 евра и повеќе. Вкупниот износ е 148.000 евра, потрошени за три дена во Италија.

Во доказите беа презентирани и извештаи од вештачењето од мобилните телефони на Јовановски за комуникација на Ватсап меѓу Боки и Катица Јанева на која и праќал слики од мебел и ја известил дека е стигнат.

Како докази беа презентирани и пораки од Јордан Камчев и од пратеничката Фросина Ременски, испратени до Боки 13.

Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милески за „примање награда за противзаконито влијание“.

Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември лани, третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 1.908 случаи на Ковид-19, од нив 254 се реинфекции

Редакција

СДСМ: Во податоците на ДИК недостатоци и грешки кои може да дадат неточна слика за конечниот резултат

Редакција

Убава вест: 454 оздравени пациенти од Ковид-19

Редакција