еМагазин
Image default
Македонија

Сведоци во „Титаник“: Не знаевме дека во наше име е уплаќано на сметката на ВМРО-ДПМНЕ

Шест членови на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од 2011 година, денеска сведочеа во Кривичниот суд за предметот „Титаник“ во кој се обвинети повеќе лица за изборни нерегуларности и незаконско финансирање на предизборна кампања.

Сите шестмина прашани од обвинителката Лиле Стефановска изјавија дека не знаеле дека во нивно име е уплатена сума од 60.000 денари на партијата ВМРО-ДПМНЕ како донација и дека за тоа дознале при давањето изјава во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кога им биле посочени уплатници.

Даниела Груевска вработена во ОУ „Марко Цепенков“ во општина Зелениково, како и Наталија Гелева вработена во СВР Струмица, рекоа дека ниту тие дале, ниту пак на некому му дале 60.000 денари да уплати во нивно име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како донација.

Сведокот Стојанчо Арсов рече дека пратеничката Бети Кузмановска го повикала и му кажала да пополни уплатница на која ќе бидат уплатени пари од членарина и дека не му потврдиле дека таа е уплатена, ниту пак му бил познат износот на уплатницата која е уплатена.

Звонко Митковски рече дека ниту дал дозвола, ниту пак некој близок негов уплатил илјада евра донација за ВМРО-ДПМНЕ и дека на увидот во СЈО забележал дека уплатницата е пополнета пола од него, а половина со друг ракопис.

Истото го наведоа и другите сведоци дека не се запознаени за уплата на таква сума, но кажаа дека донирале пари за партијата, едни од околу 300.000 денари, другиот околу 5.000 и дека тоа го правеле на каса прими.

Судењето ќе продолжи на 11 март за кога се предложени осум сведоци.

Во „Титаник“, освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 199 случаи на Ковид-19, во Скопје најмногу 157

Редакција

Да се објави договорот со „Бехтел и Енка“ за да се спречи грабеж на столетието, велат од Демократски сојуз

Редакција

Пратениците како мали деца: Нема кворум, нема пари за граѓаните и фирмите

Редакција