еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Светски ден за борба против ракот: Како да препознаете и да спречите појава на болеста?

Денеска се одбележува 4 февруари – Светскиот ден за борба против ракот, кој има за цел да спречи милиони смртни случаи секоја година преку подигање на свеста и едукација за канцерот со влијание врз владите и поединците ширум светот да преземат акција против оваа болест.

Знаци и симптоми на канцер

Бидејќи има многу различни видови на рак, симптомите се разновидни и зависат од тоа каде се наоѓа болеста. Сепак, постојат неколку клучни знаци и симптоми на кои треба да се внимава, вклучувајќи:

Невообичаени грутки или оток – канцерозните грутки честопати се безболни и може да се зголемат при напредувањето на канцерот.

Кашлање, останување без здив или потешкотии при голтање – бидете свесни за постојани епизоди на кашлање, останување без здив или потешкотии при голтање.

Промени во столицата – како што се запек и дијареја и / или присуство на крв во столицата.

Неочекувано крварење – вклучува крварење од вагина, анус или крв пронајдена во столица, урина или при кашлање.

Необјаснето губење на тежината – необјаснето и ненамерно губење на тежината за краток временски период (неколку месеци).

Замор – чувство на екстремен замор и сериозен недостаток на енергија. Ако заморот е резултат на канцер, индивидуите обично имаат и други симптоми.

Болка – вклучува необјаснета, постојана или повремена болка.

Нов младеж или промени на стар младеж – побарај промени во големината, формата или бојата, дали има лушпа, крварење или исцедок.

Компликации при мокрење – вклучува потреба од итно мокрење, зачестено мокрење или пак неможност за мокрење кога има потреба или има болка при мокрење.

Невообичаени промени на дојките – побарај промени во големината, формата или чувството, промени на кожата и болка.

Губење на апетит – чувство на недостаток на апетит од вообичаеното во подолг временски период.

Рана или чир што не заздравува – вклучувајќи брунка, рана или чир на устата.

Жарење (печење) или проблеми со варење – постојано или болно жарење во желудникот или проблеми со варењето.

Интензивни ноќни потења – бидете свесни за многу интензивни ноќни потења.

Превенција на канцерот

Повеќе од една третина од сите видови на рак може да се спречи со намалување на изложеноста на факторите на ризик, како што се тутун, дебелина, физичка неактивност, инфекции, алкохол, загадување на животната средина, професионални канцерогени материи и зрачење.

Превенцијата на канцер на црниот дроб и канцер на грлото на матката, може да биде ефективна и преку вакцинирање против вирусот на хепатитис Б (ХБВ) и хуман папилома вирус (ХПВ), соодветно.

Намалувањето на изложеноста на други канцерогени агенси, како што се загадувањето на животната средина, професионалните канцерогени материи и зрачењето, може да помогнат во спречувањето на појава на канцери.

Рано откривање на канцер

Постојат голем број на канцери кои можат рано да се откријат, што помага да се подобрат шансите за успешен исход од третманот, често со помали трошоци и со помалку (или помалку значајни) несакани ефекти кај пациентите. Постојат кост-ефективни тестови кои помагаат за рано откривање на колоректален канцер, канцер на дојка, канцер на цервикс и канцер на орална шуплина, а се развиваат тестови за рано откривање и на други видови на канцер.

Побарај од твојот лекар упатства со националните препораки во врска со вакцинирање, тестирање и скрининг. Овие може да се разликуваат од земја до земја.

Стадиуми на канцер

Класификацијата на ракот според анатомската распространетост на болеста, т.е. стадиум, е од суштинско значење за грижата за пациентите, истражувањето и контролата на ракот. Системот за одредување на стадиумот на ракот на Унијата за меѓународна контрола на канцер (Union for International Cancer Control – UICC) TNM класификацијата е вообичаена терминологија што ја користат здравствените професионалци од онкологија за да го одредат стадиумот на канцерот кај одделни пациенти.

Откако стадиумот на канцерот е одреден и познат, тоа е основа за одлучување за соодветен третман и индивидуална прогноза. Може да се користи за информирање и евалуација на упатствата за третман и претставува значајна информација за креаторите на политики кои учествуваат во контрола на ракот, прават планови за превенција и истражување.

TNM  класификацијата се фокусира на анатомската распространетост на туморот и се определува врз основа на проценка на следниве категории:

Т ја опишува големината на главниот (примарен) тумор

N опишува дали канцерот се раширил во блиските лимфни јазли

М опишува дали канцерот е метастазиран (се проширил од примарниот тумор на друг дел од телото).

Лекување на канцерот

Третманот зависи од видот на ракот, примарната локализација на ракот, големината на ракот,  дали е раширен и од општата здравствена состојба. Третманот може да биде: хируршки, хемотерапија, радиотерапија, хормонска терапија, имунотерапија и генетска терапија.

Преживување

Преживувањето се фокусира на здравјето и на физички, психолошки, социјални и економски проблеми кои влијаат врз луѓето по завршувањето на примарниот третман на канцерот, вклучувајќи ги и луѓето кои по завршувањето на третманот веќе немаат болест, луѓе кои продолжуваат да се лекуваат за да се намали ризикот од повторно враќање на канцерот и лицата со добро контролирана болест, кои примаат терапија за ракот како хронично заболување.

Грижата во периодот на преживување се однесува на проблемите поврзани со последователна нега, справување со доцните несакани ефекти од третманот, подобрување на квалитетот на животот и психолошкото и емоционалното здравје. Грижата во периодот на преживување вклучува и иден третман против рак, доколку е потребно. Членовите на семејството, пријателите и негувателите исто така треба да се сметаат како дел од процесот на преживување.

Палијативна нега

Палијативната нега се спроведува во целиот период на болеста на заболените од рак, од поставување на дијагноза, лекување, па се до крајот на животот и има за цел да им ги олесни симптомите и да го подобри квалитетот на животот на пациентите.

Целта на палијативната грижа е да им ги намали болките и страдањата на заболените од рак, а исто така да ги намали и контролира несаканите ефекти од третманот на канцер. Кај некои пациенти со напреднат канцер палијативната грижа може да помогне да живеат подолго и попријатно, иако тие не можат да бидат излечени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Светски ден за борба против ракот: Кои се главни фактори на ризик за појава на болеста?

Извор: Институт за јавно здравје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Фондот за здравство одбил да го покрие лекувањето на Леонид во Виена

Редакција

Околу 10.000 лица лани починале од срцеви заболувања: Меѓу нив голем број млади

Редакција

Безживотното тело на Ердон Рамадани, момчето кое со автомобил падна во Вардар, идентификувано од семејството

Редакција