еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Светски ден за борба против ракот: Кои се главни фактори на ризик за појава на болеста?

Денеска се одбележува 4 февруари – Светскиот ден за борба против ракот, кој има за цел да спречи милиони смртни случаи секоја година преку подигање на свеста и едукација за канцерот со влијание врз владите и поединците ширум светот да преземат акција против оваа болест.

Што е канцер?

Ракот е болест која се јавува кога промените во групата нормални клетки во организмот доведуваат до неконтролиран, абнормален раст, формирајќи грутка наречена тумор. Ова важи за сите видови на рак, освен леукемија (канцер на крвта).

Доколку не се лекуваат, туморите можат да растат и да се шират во околното нормално ткиво, или во други делови на телото преку крвотокот и лимфниот систем и можат да ги нападнат дигестивниот, нервниот и циркулаторниот систем или да ослободат хормони кои можат да влијаат на функции на телото.

Туморите можат да се поделат во три групи: бенигни, малигни и преканцерози 

Бенигните тумори не се канцерозни промени и ретко го загрозуваат животот. Тие имаат тенденција да растат доста бавно, не се шират на други делови од телото и обично се составени од клетки доста слични на нормалните или здравите клетки. Тие ќе предизвикаат проблем само ако порастат многу големи, правејќи притисок на други органи – на пример тумор на мозокот прави притисок во внатрешноста на черепот. 

Малигните тумори побрзо растат од бенигните тумори и имаат способност да се шират и да го уништуваат соседното ткиво. Клетките на малигни тумори можат да се откинат од главниот (примарен) тумор и да се шират на други делови од телото преку процес познат како метастазирање. По напаѓањето на здравото ткиво на новата локација, тие продолжуваат да се делат и растат. Овие секундарни места се познати како метастази, а состојбата се нарекува метастатски канцер.

Преканцероза (или премалигнитет) ја опишува состојбата што вклучува абнормални клетки кои може (или веројатно) ќе се развијат во канцер. 

Видови на канцери

Ракот може да се класифицира според видот на клетката од каде започнува. Постојат пет главни типа: 

Карцином – канцер што настанува од епителните клетки. Карциномите може да ги нападнат околните ткива и органи и да метастазираат во лимфните јазли и другите делови на телото. Најчестите форми на канцер во оваа група се канцер на дојка, простата, бели дробови и дебело црево. 

Сарком – Вид на малиген тумор на коските или мекото ткиво (масно ткиво, мускули, крвни садови, нерви и други сврзни ткива кои ги поддржуваат и опкружуваат органите). Најчестите форми на сарком се леомиосарком, липосарком и остеосарком. 

Лимфом и миелом – лимфом и миелом се канцери кои започнуваат во клетките на имунолошкиот систем. Лимфомот е канцер на лимфниот систем, кој поминува низ целото тело, и затоа може да се појави насекаде. Миеломот (или мултипли миелом) започнува во плазма клетките, еден вид бели крвни клетки кои произведуваат антитела за да помогнат во борбата против инфекцијата. Овој канцер може да влијае на способноста на клетката ефикасно да произведува антитела. 

Леукемија – леукемија е канцер на белите крвни клетки и коскената срцевина, ткиво што ги произведува крвните клетки. Постојат неколку подтипови; чести се лимфоцитна леукемија и хронична лимфоцитна леукемија. 

Рак на мозокот и ‘рбетниот мозок – овие се познати како канцери на централниот нервен систем. Некои се бенигни, додека други можат да растат и да се шират. 

Причини за рак

Како и многу други болести, повеќето канцери се резултат на изложеност на различни ризик фактори. Важно е да се запамети дека, додека некои ризик фактори не може да бидат изменети, околу една третина од случаите на канцер може да се спречат со промена на ризичното однесување и неправилната исхрана. 

Фактори на ризик кои може да се менуваат се: 

Алкохол – Доказите дека сите видови алкохолни пијалоци се причина за голем број случаи на рак, сега се посилни од кога било досега. Алкохолот може да го зголеми ризикот од одредени видови на рак, вклучувајќи ги ракот на цревата (колоректален), дојките, устата, фаринксот и гркланот (устата и грлото), езофагусот, црниот дроб и желудникот. Доказите сугерираат дека воопшто, луѓето  што многу консумираат алкохол имаат поголем ризик за многу видови на рак и дека дури и умерено внесување алкохол го зголемува ризикот од канцер. 

Прекумерна тежина или дебелина – прекумерната тежина е поврзана со зголемениот ризик од развој на 12 различни видови на рак, вклучувајќи рак на црева и панкреас. Во принцип, поголемо зголемување на телесната тежина, особено кај возрасните, е поврзано со поголем ризик од канцер.

Исхрана – Експертите сугерираат дека исхраната, особено исхрана богата со црвено месо, преработено месо, солената храна и мали количини на овошје и зеленчук имаат влијание врз ризикот од канцер, особено на колоректум, назофаринкс и желудник. 

Физичка активност – редовната физичка активност не само што помага да се намали вишокот на телесни масти и ризиците од канцер поврзани со вишокот телесни масти, туку физичката активност може да помогне да се намалат ризиците од развој на канцер на дебелото црево, дојка и ендометриален канцер. 

Тутун – Чадот од тутун содржи најмалку 80 различни супстанции што предизвикуваат рак (канцерогени агенси). Кога се вдишува чад, хемикалиите влегуваат во белите дробови, поминуваат во крвотокот и се пренесуваат низ целото тело. Ова е причината зошто пушењето или џвакањето тутун не само што предизвикува рак на белите дробови и уста, туку е исто така поврзано со рак на други органи. Колку подолго еден човек пуши и колку помлад почнува да пуши, толку повеќе се зголемува ризикот од канцер. Употребата на тутун е причина за околу 22% од смртните случаи од рак.

Јонизирачко зрачење – Канцер може да настане кај лица кои се изложени на јонизирачко зрачење од радон, х-зраци, гама зраци и други форми на високо-енергетско зрачење. Продолжената и незаштитена изложеност на ултравиолетово зрачење од сонцето и солариумите, исто така, може да доведе до меланом и малигнитети на кожата. Луѓе со светла кожа, лица со многу младежи (бемки) или кои имаат семејна историја на меланом или рак на кожата, се со најголем ризик. Сепак, луѓето со сите бои на кожа можат да развијат канцер на кожата, вклучително и лица со потемна кожа.

Опасности на работно место – Некои луѓе на работното место може да бидат изложени на супстанции што предизвикуваат рак. На пример, откриено е дека работниците во индустријата за хемиски бои почесто заболуваат од  рак на мочниот меур. Азбестот е добро познат причинител на канцер на работното место – особено канцер наречен мезотелиом, кој најчесто ја напаѓа обвивката на белите дробови. 

Инфекција – Инфективните агенси се одговорни за околу 2,2 милиони смртни случаи од рак на годишно ниво. Инфекција која е последица на вирус може да предизвика промени во клетките со што се зголемува веројатноста тие да станат канцерозни.

Околу 70% од канцерите на грлото на матката се предизвикани од инфекции со хуман папиломавирус (ХПВ), додека канцерот на црниот дроб и не-Хочкин лимфом може да бидат предизвикани од вирусот на хепатитис Б и Ц, а лимфомите се поврзани со Еpstein-Barr вирус.

Бактериските инфекции не се сметале за предизвикувачи на рак во минатото, но поновите истражувања покажале дека луѓето кои имаат инфекција со хеликобактер пилори на желудникот, развиваат воспаление на слузницата на желудникот, што го зголемува ризикот од рак на желудникот.

Неменливи фактори на ризик се: 

Возраст – Многу видови на канцер стануваат позастапени со возраста. Колку подолго живеат луѓето, толку е поголема изложеноста на канцерогени материи и има повеќе време да се случат генетски промени или мутации во нивните клетки. 

Супстанции кои предизвикуваат канцер (канцерогени) – се супстанции кои го менуваат начинот на однесување на клетката, зголемувајќи ги шансите за развој на рак. Гените се кодираните пораки во клетката што и кажуваат како да се однесува (т.е. кои протеини да се направат), мутации или промени во генот, како што е оштетување или загуба, можат да го променат однесувањето на таа клетка, и со тоа станува поверојатно таа да биде канцерозна.  

Генетика – Некои луѓе за жал се родени со генетски наследен висок ризик за специфичен канцер (генетска предиспозиција). Ова не значи дека развојот на рак е загарантиран, но генетската предиспозиција ја зголемува веројатноста да се добие  болеста.

На пример, жените кои носат гени на рак на дојка BRCA 1 и BRCA 2 имаат поголема предиспозиција за развој на оваа форма на канцер од жените со нормален ризик од канцер на дојка. Сепак, помалку од 5% од сите канцери на дојка се должат на гените. Значи, иако жените со еден од овие гени индивидуално се со поголема веројатност да развијат канцер на дојка, сепак повеќето случаи не се резултат на наследен висок ризик. Ова важи и за други видови на рак, кога некои луѓе имаат генетска предиспозиција – на пример, канцер на дебелото црево. 

Имунолошки систем – Луѓето кои имаат ослабен имунолошки систем имаат поголем ризик од развој на некои видови на канцер. Ова вклучува луѓе кои имале трансплантација на органи и земаат лекови за да го потиснат (супримираат) нивниот имунолошки систем за да го спречи отфрлањето на органите, исто така луѓе кои имаат ХИВ или СИДА или други медицински состојби кои го намалуваат имунитетот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Светски ден за борба против ракот: Како да препознаете и да спречите појава на болеста?

Извор: Институт за јавно здравје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Намалување за 16,9%: За една недела 4.585 нови случаи на Ковид-19

Редакција

Пендаровски ќе оди на крунисувањето на британскиот крал Чарлс во Лондон

Редакција

Гордана е добро, храбро се држи, вели Илиевски, сопругот на Јанкулоска

Редакција