еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Талевска од Мелбурн за пожарите: Terra Australis (Непознатата земја) чекори кон непознатото

Од Мелбурн за „еМагазин“ Маја Б.Талевска, авторката е новинарка за македонската редакција на Јавниот австралиски информативен сервис SBS Australia

Летoто е омиленото годишно време во Австралија. Откако божикните и новогодишните празници ќе го отсвират првиот тон на славје и задоволство, целото општество е колективно наштимано за период на уживање, опуштеност, хедонизам и масовни распродажби.

Ако не сте во некој трговски центар во тие денови, најверојато сте покрај океанот или некој базен. Фактот дека секој жител на оваа пространа земја живее не подалеку од 37 км од некоја плажа, а многу поблиску до совршено средени, зелени градини, паркови и шуми, дава можност најголемиот дел од денот да го минете надвор, ручекот да биде пикник, а животниот стил, извонредна летна леснотија и задоволство.

Но, таа идилична слика летово, во моментов, се чини трајно нагризена и грозно зачадена од огнените јазици, што без милост ја голтаат земјата со лик на зеленo-син рај. Тоа е страшна глетка од која нема каде да се избега.

Дури и да седнете во својот автомобил за да се одвезете до некоја рекреативна локација или трговски центар, штом го вклучите вашиот радио-приемник, ве чека аудио-упатството: “Обувките може да значат разлика меѓу живот и смрт при пожар. Избегнете сандали или влечки, облечете чизми со гума. Покријте го целото тело со облека…”

Без разлика колку сте далеку или блиску од опожарените локации во Австралија деновиве, сигурно низ глава барем еднаш ви минала паничната мисла; „ако се прошират, што е најважно да понесам од дома”.

Староседелците Австралијци ќе речат: „пожарите не се ништо ново за ова поднебје”, а така до неодамна уверуваше и австралиската влада. Но, таа мантра по два месеци интензивни, исцрпувачки, пеколни пожари, веќе не делува и не нуди никаква утеха, наспроти апокалиптичните слики на закрвавено небо, трупови на живи спржени животни, пеплосани шуми, печурки од чад, еколошки бегалци, погреби на пожарникари… Не нуди ни утеха, а уште помалку одговор на двете прашања, што до болка се вртат во главите на милиони луѓе деновиве. Зошто и како воопшто се случи ова? Како и кога ќе престане?

„Имам деветгодишен син што нема видено зелена трева во животот

Едно е сигурно, не се случи преку ноќ.  На пожарите им претходеше најлошата суша во последните 113 години, што силно го погоди земјоделството и фармерите, особено во источните делови од земјата.

„Не сме имале жетва од 2016 година. Имам деветгодишен син што нема видено зелена трева во животот”, вели за АБС, фармерот Мартин Силиван од Даранбди, Квинсленд.

Статистички факт е дека Австралија е подрачје склоно кон пожари, но исто така е неспорно дека она што тука се нарекува „сезона на пожари”, никогаш не почнала толку рано, односно за време на календарска пролет. Она што можеби е најзастрашувачко сознание е дека на земјата во пламен, и претстојат уште два месеца долго жешко лето, кога живата во термометарот со невидена леснотија се искачува над 40 степени, и тоа е факт поради којшто, не може мирно да се спие во Австралија деновиве.

Друг момент е констатацијата дека има сериозна разлика на пожарите видени до сега, и пеколната стихија што и се случува на земјата во моментот. Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Берџиклијан, пред два дена рече:

„Климата што ја искусуваме, степенот и брзината со која огнот се шири и ги унишува заедниците, при што цели населени места се збришани од лицето на земјата, се без преседан. Ние сме вo непозната територија”.

Тука е и фактотот дека во Викторија, за првпат по фаталната „Црнa сабота”, во која, во 2009 година во еден ден загинаа 180 луѓе, е прогласена состојба на катастрофа.

Ете ова се случува кога ти се поважни интересите на јагленот во Камбера

Очекувано, синтагмата „климатски промени” одѕвонува на сите страни.

Пред два месеци кога почна да станува  јасно дека пожарите овој пат не се „business as usual”, наспроти уверувањата на Владата, Зелените опозиционери отворено го вперија прстот кон премиерот Морисон, со обвинение дека ги штити интересите на јагленот во Канбера, наместо да се грижи за климатските промени. Сенаторот Џордон Стил-Џон отиде до таму и ги нарече владејачките партии „ништо подобро од пиромани”.

Но, владините коалициони партнери побрзаа да ја негираат поврзаноста на пожарите со климатските промени, тврдејќи дека пожари има во Австралија откако таа постои, нарекувајќи ги критичарите „разбеснати просветлени лудаци”. Скоро во исто време, беше објавен извештајот на „Индекс на перформанси за климатска акција”, според кој Австралија, заедно со САД и Саудиска Арабија, беше на дното по акција што ја презела да се справи со климатските промени, а во еден друг сличен извештај беше последна од 57 земји, по она што го презела на тој план.

2 милијарди австралиски долари за обнова на земјата

Најголема иронија сега се чини е тоа што, политичката програма на опозиционите Лабуристи, фокусирана токму на климатските промени, беше поразена на последните избори, само пред шест месеци, од економската програма на Либералите, предводени од премиерот Скот Морисон.

Обидот од пред два месеци да се прикаже кризата со пожарите како нешто вообичаено, беше само прв од низата потези за кои премиерот е сега „на ражен” од јавноста.

Политичка несмасност без конкуренција, се смета неговата одлука да замине на одмор во Хаваи, додека земјата му е во пламен. На тоа се надоврза и ексклузивната сторија на влијателниот весник The Age, којшто објави дека во мај 2016 година, Владата на Морисон била предупредена од „Националниот воздушен протипожарен центар”, за претстојните пожешки и подолги сезони на пожар, поради што била советувана да направи посериозно проширување на воздушната противпожарна флота која брои само 145 летала.

Владата го одбила предлогот, со образложение дека пожарите и справувањето со нив е одговорност на државите и териториите, продолжувајќи да издвојува само по 15 милиони долари годишно за противпожарните служби. Грешка што е јасно дека сега скапо ќе чини. Денеска, 6 јануари, Владата се обврза да издвои 2 милијарди долари во седните две години и да основа национална агенција за обнова на државата од пожарите, со ветување дека таа сума може да се зголеми доколку е потребно. Прашан дали Владата е подготвена сега да ги редефинира поставените цели за климатско делување, премиерот вешто одби да се обврзе на што било повеќе од веќе ветеното и зацртаното на таа тема.

Еколошка катастрофа без преседан

Билансот од австралиската огнена тргедија досега се 23 мртви лица, изгорени шест милиони хектари шума (што е повеќе од  изгорените амазонски шуми во 2019 и опожарените површини во Калифорнија во 2018 заедно), изгорени 1.500 домови, 500 милиони диви животни и птици, 3.000 грла добиток.

И покрај промената на временските услови во последните две дена и намалувањето на температурите, пожарите чив пламен достигнува до досега невидени пеколни 12 метарски јазици, продолжуваат да пламтат.

И кога целиот свет се моли за Австралија, вчера таа колективна молитва за миг се чинеше услишана и небото прати 15 мм дожд на метар квадратен.

Но, слабиот дожд не беше доволно силен за да ги изгасне пожарите, и освен што за момент донесе психолошка надеж кај милиони луѓе, и можеби помогна на терен да не се распламтат нови огнови, сепак во некои делови на Викторија беше пречка, и придонесе за лизгаво земјиште, по кое со потешкотии се движеа возилата на противпожарната служба и механизацијата.

Во моментот се активни околу ­­­­­над 100 пожари, кои главно се одвиваат во регионална Австралија, односно во внатрешноста, каде многу од областите се тешко достапни. Иако метрополите како Сиднеј, Мелбурн и Аделаида не се во непосредна опасност, последиците се чувстуваат неколкукратно. Освен психолошки притисок, воздухот е загаден десет пати над дозволеното опасно ниво, што доведе федералното Министерство за внатрешни работи во Канбера да ги затвори своите канцаларии во следните 48 часа, пример што веројатно ќе мораат да го следат и други институции и приватни компании.

Индиректната економска штета доправа ќе треба да се пресметува. Но, Владата се обврза дека нема да штеди за да ги врати Австралијците по оваа трагедија во колосек.

Жителите одбиваат да се евакуираат

Во моментот она што е главен фокус на властите и противпожарните служби е да ги евакуираат жителите од кризните региони. Но, освен тешката достапност на теренот, напорите ги десеткува и фактот дека поголемиот дел од локалните жители одбиваат да ги напуштат областите и да се евакуираат, останувајќи сами да ги бранат своите домови од огнената стихија.

Во опожарената Малкута, од каде властите ги евакуираа жителите со бродови и со помош на војската, само околу 1.000 жители прифатија да заминат, додека приближно 2.500 останаа сами да ги бранат своите имоти.

„Колку и да звучи неверојатно, тоа се луѓе што живеат на фарми, со добиток и за нив да заминат и да остават се зад себе, е како да се откажуваат од целиот свој живот”, вели Карен Талер, која потекнува од опожарените делови на Источен Гипсленд, во Викторија.

Но, одбивањето евакуација не само што го зголемува ризикот од човечки жртви, туку и значи и залудно трошење ресурси, особено што пожарникарите што помагаат во евакуацијата би можеле да бидат ангажирани во гаснењето на пожарите.

Впрочем, тоа беше една од главните причини поради која државата Викторија прогласи состојба на катастрофа, зашто во такви услови, властите имаат поголеми ингеренции и моќ да одлучуваат за евакуацијата на цивилното население.

Како и кога може да се изгаснат пожарите?

Професорот д-р Томас Даф, експерт за шумски пожари од „Универзитетот на Мелбурн” во изјава за АБС, вели:

„Пожарите може да запрат единствено доколку има доволно силен дожд во подолг период, можност од која Викторија е далеку со месеци, а која е повеќе реална за Квинсленд. Исто така, доколку настапи подолг период без ветер, што ќе им овозможи на пожарникарите да го исконтролираат огнот. Или доколку нема повеќе шума што би горела, a огнот би преминал на тревата, што е полесно за да се сузбие”.

Хуманоста го држи духот на нацијата

И додека многумина се уште се обидуваат да ги сфатат димензиите на оваа катастрофа, таа на виделина донесе и трогателни примери на човечност и сплотеност на австралиското општество, нешто што можеби и  не е големо изненадување за „Ози луѓето”. Многу од тие стории завршуваат во медиумите, одржувајќи ја надежта во овие темни времиња за нацијата.

Во Берендсдејл, Викторија каде многумина изгубија се што имаа, некои дури се притеснуваа да ја примаат помошта.

„Имавме пар со три деца и таткото почна да плаче. Јас му реков еве ви ваучер со 300 долари за Вулвордс (супермаркет), и тој рече не, има луѓе кои се во полоша ситуација од нас. Јас реков, другар, вие ја изгубивте куќата, вие изгубивте се. Никој не е во полоша состојба од вас”- раскажува за „Гардијан”, Венди Мекфан, помошничка во добротворна организација.

Донациите продолжуваат да се слеваат од сите страни преку неколку добротворни организации како Црвен Крст, Салвејшн Арми и сл., но и преку индивидуални иницијативи, како онаа на австралиската комичарка Селест Барбер, која иницијално планираше да собере 30.000 долари за Руралната противпожарна служба, а успеа да собере над 37 милион долари за само три дена.

Колони на возила со часови чекаа да донираат, па т.н „Банка за храна” престана да прима донации по само неколку дена, зашто веќе примените огромни количини храна, ги надминаа капацитетите на организацијата. Во Канбера, преку социјалните медиуми беше основата група која обезбедува бесплатно сместување на луѓето од опожарените подрачја, а слична иницијатива се одвива и преку AirBnB.

Помош во противопожарни ресурси и механизација веќе два месеци пристига во Австралија од Канада и САД, а асистенција понудија и Нов Зеланд,Сингапур, Франција и Папуа Нова Гвинеа.

Фото/Фејсбук: Cool hunter

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Институт за демократија: Релативно ниско ниво на квалитет на дебата во Собранието во последните две години

Редакција

Во Вруток пронајдено тело на жена со повеќе убодни рани од нож: Првичните траги упатуваат на насилна смрт

Редакција

На македонскиот пазар влегува „Прва живот“, нова осигурителна компанија

Редакција