еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Тасев: Подготвуваме куќа за родителите на децата кои се лекуваат од рак, да имаат каде да спијат

Марија Тасев е претседателка на САНО невладина организација, формирана од родители и пријатели на деца кои победиле рак. Здружението е формирано со цел да им се олесни процесот на лекување на децата но и на нивните родители, да иницираат воведување на нови современи терапии, да помогнат во подобрување на условите каде се лекуваат децата.

Сите ангажирани во оваа организација работат исклучиво волонтерски. Мотивот и силата за работа и волонтирање се децата херои кои се борат со ракот.

Главно им помагате на болни деца кои се лекуваат на Детската клиника, па оттука освен со најтешките битки за здравјето, со кои проблеми се соочуваат овие семејства?

-САНО постои многу кратко време, активно работиме од средината на мај годинава. Еден од првите наши проекти беше и отворањето на Родителстката куќа, која е дел од синџирот на успешно лекување и излекување на децата кои се борат со ракот.

Во Македонија, единствен центар за лекување на детски карциноми е Клиничкиот центар во Скопје. Во него доаѓаат дечиња од цела земја, а со нив и родителите. Децата ќе се сместат во болница, а родителите од останатите места од земјава се снаоѓаат како умеат. Некои спијат по роднини, ако ги имаат, но некои и по околните подруми во куќите околу Клиника. Или пак најчесто мајката спие со детето на Клиника и зафаќа место за некое друго дете кое треба да се хоспитализира. Нехигинеските услови во кои престојуваат родителите често се причина и за пренесување на инфекции.

Но, родителот на чие дете му е дијагностициран карцном, покрај тоа што најверојатно не му се живее, му треба некој што ќе му подаде рака и позитивна мисла.  Ете од овие причини ја градиме Родителстката куќа, заедно со Министерството за здравство, со едни многу добри луѓе од Струмица, Скопје и Прага кои доннираат од срце, помага и Ротари Интернешнл клуб -Скопје.Таа многу скоро ќе биде отворена, престојот и појадокот за родителите ќе биде бесплатен. За родителите ќе постојат и неколку работилници за психо-социјална поддршка која ќе им го олесни периодот на лекување на нивните деца. Ние во САНО веруваме дека кога ја вратиме насмевката и вербата на родителите, децата што се борат со рак ќе бидат здрави.

Колку на овие семејства им недостасува материјална и финансиска помош?

– На голем дел од семејствата чии деца се на подолг престој во болница потребна им е материјална помош. Лекувањето трае долго, понекогаш родителите имаат непријатности и на работи поради долгото отсуство од работа, особено оние родители кои не се од Скопје. Треба да се напомене дека во јавноста многу често се среќаваат огласи преку кои се бараат многу пари за лекување на рак кај некое дете, но да се земе в предвид  дека јавното здравство во земјава, особено за болните од рак не се наплатува.

Но и ако дете кое боледува од некој вид на рак, со конзилијарно мислење се упатува на лекување во странство, повикувајќи се на измените во Фондот за здравство, лекувањето на детето му е платено и таму, родителот плаќа само околу 200 евра. Но, ако родителите кои детето сакаат да го носат во странство на лекување,  без конзилијарно мислење од Клиниката за детски болести, тогаш се потребни големи суми на пари.

Во моментов приспособувате барака која во иднина треба да обезбеди услови за сместување на семејства кои не се од Скопје, а чии што деца се на лекување овде? До каде е тој процес?

– Очекуваме дека Родителската куќа ќе биде готова многу скоро. Куќата ја градиме исклучиво до донации на општествено одговорни компании, поедници и здруженија. Во моментов ги подготвуваме тоалетите, подот и чекаме да почнат градежните работи за изолација на внатрешните ѕидови. нема уште многу. Се радуваме и со нетрпениие ги очекуваме првите семејства.

Неодамна во Струга имавте настан од каде што сакавте да испратите порака дека ракот е излечива болест. Која беше идејата на тој собир на деца и како поминавте?

– Првпат во Македонија се оддржа мотивирачка конференција за деца кои победиле рак. Станува збор за регионална конференција, на која дојдоа повеќе од 40 деца од цела поранешна Југославија. Здружението САНО беше домаќин на оваа конференција, научивме многу од овие деца. Тоа веќе не се само обични деца, туку големи луѓе кои ги познаваат вистинските вредности на живеењето. Тие умеат бескрајно да сакаат, да помагаат, да се среќни. Ова е нивната втора шанса за живот и тие сега  многу добро знаат како треба да се живее. За нас од САНО, конференцијата во Струга беше неверојатен предизвик, чест е да се биде во друштво со вакви херои.

По извојуваната битка со оваа тешка болест денес овие младинци, се студенти, вработени, успешни личности, реализирани на повеќе полиња и неуморно говорат за предизвикот што им го нанел животот. Целото свое искуство им го пренесуваат на дечињата и нивните родители кои сега го минуваат тешкиот и макотрпен пат во битката со карциномот.

Сарвајвери или преживеани, како што меѓу себе се нарекуваат, волонтираат  несебично им помагаат на оние на кои најмногу им требаат, децата болни од рак и нивните потесни семејства, добар пример за сите кои никогаш не биле болни.

Граѓаните се уште активно учествуваат во голем број на хуманитарни акции, дали сметате дека алтрузимот се уште не е изгубен помеѓу нас?

Верувам дека луѓето од Македонија сакаат да помагаат и помагаат. И ако се земе предвид економската состојба во земјава, Македонците се всушност шампиони во организирање на хуманитарни акции и помош на сите кои тоа го побарале.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Анкета на ИРИ: Мнозинство граѓани поддржуваат влез во ЕУ и НАТО под „Република Северна Македонија“

Никола Осило

Стојчевска: Децата се инспирација која треба да ја искористиме за нивен развој и среќен раст

Редакција

Џафери: Не може некој да биде пратеник четири години, а потоа да брка по контејнери

Редакција