Блок-трансакциите со акциите на „Алкалоид“ и „Комерцијална банка“ ја раздвижија Македонската берза во изминативе денови, а по објавата на финансиските резултати на двете друштва за минатата година, како и износот на дивидендата што ќе им се исплаќа на акционерите.
Вчера во три блок-трансакции со вкупна вредност од 45,3 милиони денари или околу 737.000 евра на Македонската берза беа продадени 5.500 акции од „Алкалоид“ АД Скопје. Во трите трансакции акциите се продадоа по цена од 8.250 денари за акција.
Завчера, во две блок-трансакции во вкупна вредност од 57,7 милиони денари или околу 939.000 евра беа продадени 7.000 акции од „Алкалоид“ АД Скопје. Акциите се продадоа по цена од 8.250 денари за акција.
Во две блок-трансакции со вкупна вредност од 41,5 милиони денари или околу 675.000 евра вчера на Македонската берза беа продадени 6.952 акции од Комерцијална банка АД Скопје.
Во првата трансакција вредна 38,7 милиони денари се продадоа 6.452 акции по цена од 6.000 денари за акција, а во втората трансакција вредна 2,8 милиони денари се продадоа 500 акции по цена од 5.670 денари за акција.
Претходно „Алкалоид“ АД Скопје најави дека на акционерите ќе им се исплатува дивиденда за 2018 година во висина од 272 денари нето, односно 320 денари бруто, за една акција.
“Дивидендата ќе биде исплатена во готово на трансакциските сметки на акционерите. Последен датум на тргување со право на дивиденда за 2018 година е 23.04.2019 година. Прв датум на тргување без право на дивиденда за 2018 година е 24.04.2019 година. Датум на стекнување на право на дивиденда за 2018 година е 25.04.2019 година. Исплата на дивидендата за 2018 година ќе започне од 22.05.2019 година“, информираа од компанијата.
Износот кој ќе биде поделен како двиденда по акција за 2018 година е за 12% поголем од тој што беше исплатен претходната година.
Комерцијална банка, пак, преку Македонската берза соопшти дека дивидендата за обична акција за 2018 година ќе изнесува 420 денари, односно 42% во однос на номиналната вредност од 1.000 денари.
„Собранието на акционерите на Комерцијална банка АД Скопје ќе се одржи на 04.04.2019 година, а датумот на евиденција според кој ќе се определи листата на акционери кои имаат право на дивиденда за 2018 година, е 19.04.2019 година. Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2018 година е 17.04.2019 година. Прв ден на тргување без право на дивиденда за 2018 година е 18.04.2019 година. Исплатата на дивиденда за 2018 година ќе започне на 07.05.2019 година“, соопшти банката.
Очигледно е дека купувачите на блоковите акции од двете компании ќе се офајдат од дивидендата со оглед на тоа што ги купија акциите пред истекот на рокот со кои добиваат право на исплата на дивидендата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Комерцијална банка оствари добивка од 28,9 милиони евра
Одлични резултати на „Алкалоид“: Добивка од 14 милиони евра и 212 нови вработувања