еМагазин
Image default
Македонија

„Титаник“ презакажан за 23 ноември: СЈО бара на Груевски да му се суди во отсуство

Денешното судско рочиште за предметот „Титаник“ на СЈО поради немање услови за негово одржување, е одложено за 23 ноември.

На рочиштето не беа присутни поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, како и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, кои од утринава се во притвор во затворот во Шутка.

На рочиштето присуствуваше поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која пред почетокот на рочиштето, во изјава за медиумите рече дека, не очекува мерките за претпазливост што и ги има изречено судот, да бидат преиначени во притвор.

Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова појасни дека притворот за Јанакиески и Божиновски е побаран, бидејќи во текот на вчерашниот ден Специјалното јавно обвинителство добило информации дека тие се подготвуваат да избегаат на ист начин како и Груевски.

Најави дека доколку постојат сознанија за бегство и за останатите обвинети во случајот „Титаник“ ќе биде побаран притвор.

За поранешниот премиер Никола Груевски, обвинителката Стефанова побара да му се суди во отсуство, на што се спротиставија адвокатите на одбраната.

За ваквиот предлог на Стефанова, како што истакна судијата Осман Шабани, судскиот совет ќе се произнесе дополнително. Тој издаде и наредба на следното судско рочиште да бидат спроведени од истражниот затвор во Шутка обвинетите Јанакиески и Божиновски.

Според адвокатот на одбраната Еленко Миланов, со судењето во отсуство на Груевски би му се ускратиле основните права како што се учество во постапката, распит на сведоци и произнесување по докази.

Во однос на Јанакиески и Божиновски, адвокатот Миланов посочи дека никој од бранителите не бил известен и оти треба да се види решението.

– Да се оди со некакво известување од УБК за наводно негово подготвување, без факти, без дејствија, без аргументи е апсурд и сметам дека сето ова е освета. На крајот на краиштата сето ова беше најавено синоќа во изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски што укажува на спрега меѓу власта и судството, изјави Миланов.

Додаде дека Јанакиески редовно се појавувал на судските рочишта што не може да се смета за основ за бегство или за подготовка за бегство. Последниот контакт со Јанакиески, како што изјави Миланов, го имал вчера, а со Божиновски се видел на 13 или 14 ноември.

– Ниту имаше најави, ниту имаше желба. Доколку било кој од нив сакаше да се даде во бегство, сигурно немаше да спие во својот дом за да биде пронајден од органите на прогонот, онака како што беа пронајдени утринава, рече Миланов.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Адвокатот на Јанакиески обвинува дека лица се приведуваат по налог на власта

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Како пратениците се збогуваа со Павле Богоевски

Редакција

Министерот Чулев: Со невалидна одлука Владата сака хаос во МВР

Редакција

Нови 38 случаи на Ковид-19 во тиквешкиот регион, меѓу нив двајца здравствени работници

Редакција