еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Трајко Славески: На Груевски уште од почеток му кажав дека за Мијалков прави голема грешка

Професорот Трајко Славески (58) јавноста го знае како поранешен министер или функционер на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а во медиумите претежено е присутен по неговите видувања за економијата во Македонија.

Во рубриката на еМагазин „На кафе во Кантина“, Ви го преставуваме Славески во едно поинакво светло.

Почнал да работи уште од седмо одделение

Славески, кој е роден во Охрид, има убави спомени за неговото детство, а прва асоцијација за тоа време му е тогашната идеологија дека Јосип Броз Тито е бесмртен и дека нема место за некој друг, имајќи во предвид дека растел во време кога Македонија беше дел од поранешна Југославија.

Татко му работел во земјоделска задруга, како сметководител, а мајка му била домаќинка.

Има уште двајца браќа, а тој е најголемиот.

„Татко ми, кој е починат, беше поприлично писмен човек. Сакаше да станам пистател, бидејќи бев многу добар во пишување на составите во училиште и во изразувањето, а и многу читав“, раскажува Славески.

Токму кај него во задруга, Славески ќе го има и своето прво работно искуство, како ученик помошник, и почнува со растоварање на стока, пиво, леб…

Во времето кога е средношколец, во седумдесетите години на минатиот век, преку лето, благодарение на трендот тогашната дијаспора да гради по охридско, растоварал и цемент.

„Бев физички развиен, па со еден другар само за неколку часа растоваравме цемент од два шлепери. Важно ми беше и јас да придонесам за буџетот на семејството, кое беше сиромашно“, раскажува тој.

Сепак економијата била таа што од секогаш најмногу му лежела, па запишал средно економско училиште.

„Уште тогаш јасна ми беше определбата дека најмногу ме интересира економијата како база на општеството“.

Средното училиште го завршува како најдобар во класот, а следен предизвик му е Скопје, каде се одлучил да студира, иако Прилеп е поблиску.

Претходно не прифатил да работи како сметководител во одморалиште во кое летото во 1979 година по завршувањето на средното училиште работел три месеци, иако бил добар во тоа.

„Решив дека сакам повеќе. Сакам да студирам“.

Се оженил на 24 години

Во 1979 година се сели во Скопје. Тоа е време на растење на инфлацијата, а стагнирање на платите, следната година починува и претседателот Тито…, па државата во која живее, не е веќе иста.

„Првата година со уште двајца другари делев соба, во која се греевме на нафтена печка, а за истата со канта купуваме нафта. Втора и трета година ги поминав во стан, а четврта во студентскиот дом „Гоце Делчев“, а цимер ми беше кумашинот…“, раскажува Славески.

Економскиот факултет го завршува во рекордно време како студент на генерацијата со висок просек, па од факултетот го ангажираат како асистент.

Докторира и магистрира на истиот факултет. Последипломски студии завршил на Калифорнискиот државен Универзитет во Чико, САД (1986 – 1987 година) и на Универзитетот Харвард (1989 – 1990 година), а по неколку години станува и професор на Економскиот факултет во Скопје.

„На факултетот во Скопје добив теоретска, а во САД имав можност да добијам практична пракса“.

Славески бил и визитинг професор на Државниот Универзитет во Аризона во 1997 година, а од 1999 година, предавал и на последипломскиот студиум „South Easteren European Studies“ на Националниот и каподистриски Универзитет во Атина, Грција.

На факултет ќе ја запознае и својата сопруга, Татјана, со која ќе се ожени на 24 години.

Интересено е дека тој е студент на генерацијата на Економскиот факултет во 1983, а неговата сопруга во 1984 година.

„И таа потекнуваше од сирамошно семејство, дете на починати партизани од костурско, кои се бореле во Грција“.

Имаат две деца, синот Никола и ќерката Љубинка.

Од ќерката има два внуци.

Како влегува во политика

Во деведесетите години од минатиот век почнува процесот на транзиција, што е возбудлив од економски аспект за него како научник, но и полтички.

И за време на студирањето бил активен во Сојузот на студенти, заедно со Тодор Петров, актуелниот претседател на Светскиот македонски конгрес.

Во тој период станува јавна личност, откако медиумите зачестено го консултираат за актуелните случувања во економијата, а уште поактивен во јавноста станува во периодот по осамостојувањето на Македонија.

Тој е дел од тимот на експерти кои ја подготвуваат новата земја за воведување на денарот.

Не се согласува со начинот на кој првата влада на Македонија, позната како експертска влада се справува со некои од економските политики, а подоцна и како следната влада, на СДСМ, го спроведува процесот на приватизација и го овозможува „раѓањето“ на олигарсите, па станува како што вели „дежурен“ критичар.

Во периодот од 1994 до 1996 година, ВМРО-ДПМНЕ, како што раскажува почнува да „зрее“ како партија и се врти кон интелектуалците, па токму во неа ќе препознае можност и политички да делува, иако во тој период се уште не размислува да стане и политичар.

Бил активен на градење на стратегии за економската политика во МАНУ, а во 1999 година, по покана на тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски станува министер за развој. На функцијата останува околу 11 месеци.

„Таа влада на ВМРО-ДПМНЕ со ДПА имаше отворени и искрени настапи. Во коалицијата владееше одлична атмосфера. Интересно е дека во тој период односите помеѓу Македонија и Грција беа на многу високо ниво, за да по воениот конфликт во 2001 година, кој беше како гром од ведро небо, се се смени“.

Георгиевски по завршувањето на функцијата му понудил амбасадорско место, но Славески одбил.

„Ако тогаш имав над 50 години, можеби и ќе размислев да станам амбасадор“.

Во 2002 година за прв пат станува член на ВМРО-ДПМНЕ, а следната година влегува и во Извршниот комитет на партијата.

Претходно во 2000 година му станува советник на Никола Груевски, кој во тоа време е министер за финансии.

Во 2005 година станува единствениот потпреседател на ВМРО-ДПМНЕ, а истата година е и носител на листа на локалните избори, по што станува член на Советот на Град Скопје.

„Поради академските обврски, неможам да се пофалам дека бев нешто посебно активен на терен, дома и надвор, за партиската функција. Но можам да кажам дека бев на блокадите за најавената територјална организација на општините, за која ВМРО-ДПМНЕ беше против“.

Една година подоцна за време на парламентарните избори, повторно е носител на изборна листа. Таа година ВМРО-ДПМНЕ формира нова влада со новиот лидер на партијата, Груевски, а Славески станува министер за финансии.

„Тоа е време на нефункционално Собрание, поради бојкот на ДУИ. И тогаш и сега сметав дека коалционата влада на ВМРО-ДПМНЕ требаше да биде со ДУИ, а не со ДПА. Покојниот претседател на Собранието, Љубиша Георгиевски мака мачеше“.

На Груевски уште на почетокот му кажав дека за Мијалков прави голема грешка

Иако пред неколку години му бил советник, вели дека по стапувањето на министерската функција, уште на старт имал заладени односи со Груевски.

„Му кажав уште на почетокот дека прави голема грешка што Сашо Мијалков го поставува за прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Тоа подоцна се потврди, но штетата за државата и партијата веќе е направена“.

Вели дека денеска нема контакти со Груевски, кој стана азилант во Унгарија. Добил само честитка од него за Нова година од унгарски број.

На прашањето пак зошто го нема во „бомбите“, поради тоа што истите се однесуваат на периодот после 2012 година, кога не е на функција или поради нешто друго, вели дека за разлика од некои други функционери од партијата, тој забелешките што ги имал му ги кажувал директно на Груевски, а не по телефон.

А за „бомбите“ вели:

„Знаев дека гласовите се автентични“.

Во владата на Груевски останува до 2009 година, а потоа и се враќа на професорската професија.

И за Груевски велеа дека под влијание на Љупчо, како што за Мицкоски велат дека е под влијание на Никола

На последниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово повторно се враќа во Извршниот комитет на партијата, а е и задолжен за нејзината економска програма.

Од 2007 година, до овој Конгрес во 2017 година, партијата функционирала без потпреседатели.

Вели дека застанал зад новиот лидер на партијата, Христијан Мицкоски, кој беше избран на овој Конгрес и дека разговарл со сите во партијата кои имале поинакво мислење за тоа кој да ја води партијата.

За тоа што Мицкоски во јавноста се доживува како „сенка“ на Груевски вели:

„И за Груевски велеа дека е под влијание на Љупчо, како што за Мицкоски велат дека е под влијание на Никола“.

Смета дека ВМРО-ДПМНЕ полека застанува на нозе и се „ослободува“ од тешкиот багаж на претходното владењее.

„Се направија многу грешки, а тоа се слуша и во „бомбите“. Лекцијата што ја научи партијата е дека е потребна нулта толеранција за корупцијата во сопствените редови. Кога партијата целосно ќе се „врати“ на политичката сцена, тоа ќе се види„.

Вели и дека го подржал Мицкоски во периодот кога од партијата беа исклучени неколку битни партиски и поранешни државни функционери, меѓу кои и Мијалков.

„Имаше конкретни докази за нивните активности“.

Не планира да се повлече од политиката, па така нема да биде изненадување ако во иднина повторно го видиме на некоја функција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Европски политичари сакаат да го номинират Зеленски за Нобелова награда за мир

Редакција

Од 10 мај ВМРО ДПМНЕ почнува со блокада на Собранието која ќе трае до договарање на датум за предвремени избори

Редакција

Повторно дојави за бомби во 13 училишта во Скопје

Редакција