еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Трите најголеми стопански комори очекуваат повеќе од Владата за справување со кризата од корона вирусот

Трите најголеми стопански комори во земјава имаат поголеми очекувања од Владата во однос на  мерките за справување со кризата од корона вирусот.

Сојузот на стопански комори и Стопанската комора на Северо-Западна Македонија сметаат дека тие се недоволни и несоодветни и ги повторија нивните предлози и барања кои не се опфатени со новиот сет владини мерки.

Стопанската комора на Македонија, пак, најави дека ќе ги анкетира членки и дека потоа ќе даде оценка за мерки. Сепак, оттаму велат дека очекуваат нови мерки, бидејќи во спротивно целиот товар на кризата ќе падне врз приватниот сектор.

Сојузот на стопански комори (ССК) се огради од вториот сет владини мерки за кои сметаат дека се недоволни за справување со кризата.

„Од наша страна се бараа системски мерки за сите микро, мали и средни претпријатија што се засегнати од кризата, без оглед на дејноста.

Наместо тоа, со оваа делумна помош не се постигнува крајната цел, а тоа е да се сочува економијата и да се задржат работниците особено за оние правни лица кои се најмали и незаштитени и на кои овие потреси ќе им го уништат целиот труд да се самовработат и да си ги издржуваат семејствата“, наведува ССК.

Сојузот нагласува дека и на Економскиот совет предложил, но и писмено доставил конкретни мерки за претприемачите и микро, малите и средни претпријатија погодени од кризата.

„Владата да одобри поддршка од 100 отсто нето платата за следните три месеци, да ги покрие сите даноци и придонеси на платите за вработените за следните три месеци, правните лица кои се погодени од кризата да не плаќаат аконтација на данок на добивка во 2020 година, да се стави мораториум на сите казнени камати и камати на задоцнето плаќање на обврски за следните шест месеци, а вработените кои припаѓаат на групата лекари, трговци и сите кои сега се најоптоварени и под ризик, да им се исплати еднократен бонус“, се предлозите на ССК, кој смета дека по изминувањето на кризата треба да се најде соодветно решение како средствата да се вратат во Буџетот согласно можностите на претпријатијата.

Според ССК, Владата објави два пакета економски мерки кои се недоволни и кои нема да ги постигнат очекуваните резултати.

Од друга страна, Стопанската комора на Македонија најави дека ќе направи анкетирање на своите компании членки, исто како што беше случај и со првиот сет мерки, и тогаш ќе може да ги сумира оценките за новите економски мерки на Владата.

Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања вели дека во моментов можат да се дадат само некои принципиелни согледувања за вчера објавениот втор сет мерки.

„Јасно е дека неповолните економски случувања поврзани со коронавирус-кризата негативно се одразуваат на буџетот на државата.

Оттаму, станува јасно дека во моментов Владата располага со ограничени финансиски ресурси и тоа е факт што влијае на дизајнот на мерките.

Имајќи го предвид овој ограничувачки елемент, споредбите со други земји кои имаат поголем финансиски капацитет, тековен или потенцијален, во суштина не помагаат“, смета Јовановски.

Според него, во услови на висок степен на неизвесност за тоа што носи иднината во поглед на рестартирањето на економијата и полнењето на буџетот на државата, перцепција е дека Владата се подготвува за креирање на финансиски капацитет што ќе може да ги поддржува економските мерки и во малку подолг временски период.

Тој смета дека тоа значи оти всушност се прави распоред на силите и на финансиските средства.

„Ние претпоставуваме дека ова не е последниот сет на мерки и дека ќе следат нови штом државата обезбеди дополнителни финансиски средства по пат на позајмување. Всушност, тогаш и ќе можеме да ја согледаме целината на мерките и неа соодветно да ја оцениме“, вели Јовановски.

Тој истакна дека досегашните мерки се примарно насочени кон зачувување на нископлатените работни места.

„Ние очекуваме дека ќе бидат донесени и нови мерки. Доколку тоа не се случи, тогаш товарот од кризата во најголем дел ќе падне на приватниот сектор“, оценува главниот советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања.

Од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија (СКСЗМ) соопштија дека како институција која ги заштитува интересите на компаниите членки, високо ја цени поддршката на државните институции и е секогаш насочена кон градење на партнерски однос со истите заради создавање на подобри услови за водење бизнис и обезбедување на економски раст и развој на државата.

„За мерење на директниот ефект на пандемијата КОВИД-19 врз економијата и бизнисот, Стопанската комора на Северо-Западна Македонија спроведе истражување со бизнисите од земјата за да се добие реална слика за состојбата создадена од овој вирус.

Врз основа на одговорите на самите бизниси на оваа анкета, СКСЗМ дојде до заклучоци за неколку предизвици со кои се соочуваат бизнисите деновиве.

Истражувањето открива многу појави кои имаат влијание врз бизнисите, почнувајќи од тоа како се одвива деловната дејност за време на пандемијата, 27% од испитаниците одговорија дека нивната дејност се одвива нормално за разлика од претходниот период, 33.3% имаат одговорено дека работат со скратено работно време, додека 31.7% одговорија дека работат со редуциран капацитет, овие факти укажуваат на  ризикот со кој се соочуваат бизнисите за време на нивното работење“, информираат оттаму.

Исто така, незадоволителни одговори произлегуваат и од прашањето во врска со промената на бројот на вработените. 52.9% одговорија дека моментално нема промена, но 29.4% тврдат дека имаат направено редуцирање на бројот на вработени, додека 17.7% тврдат дека ако не добијат помош од државата ќе бидат приморани да го намалат бројот на вработените.

„Истражувањето покажува дека економските мерки од Владата за бизнисите и економијата генерално не се соодветни. Исто така, значителен број сметаат дека нема да ги користат овие мерки и субвенции за обновување на бизнисот.

Од испитаните компании, 57.1% сметаат дека овие мерки нема да им помогнат на бизнисите.  25.4% одговориле дека мерките се делумно соодветни, додека тие што сметат дека мерките се соодветни се 6.3%. По однос на примената, 38.1% сметаат дека овие мерки не се применуваат врз нивните дејности, додека 23.8% одговориле дека нема да ги користат овие мерки“, соопшти комората.

Оттаму велат дека со оглед на фактот дека бизнисите се оштетуваат и дека сегашните владини мерки воопшто не им помагаат, секогаш имајќи го во предвид јавниот интерес, т.е. јавното здравje, СКСЗМ предлага итни мерки кои ќе им помогнат на економијата и бизнисот да бидат ликвидни во оваа фаза на кризата.

„Предложените мерки од страна на СКСЗМ ќе обезбедат зачувување на работните места, што претставува заеднички интерес на земјата и на бизнисите, ќе ги намалат оперативните трошоци на компаниите, ќе им помогнат на компаниите да добијат нови заеми за исплаќање на обврските од трети страни и исто така ќе се обезбеди потрошувачка, што претставува основа на државната економија.

Имајќи ја во предвид итноста на ситуацијата, СКСЗМ ги предлага следниве мерки:

Да се вратат со приоритет државните долгови кон приватните компании, бидејќи ликвидноста на компаниите се доведува во опасност во овој кризен период.

Враќањето на ДДВ приоритетно да го опфати производителните и извозно-ориентирани компании.

Укинување на аконтација за данокот на добивка, бидејќи 2020-та година ќе биде година на загуба за повеќето компании.

Производите кои Владата ги смета за неопходни за граѓаните и се увезуваат, да имаат 0% царинска стапка, бидејќи набавната цена на овие производи е покачена, додека компаниите имаат ограничување по однос на продажната цена.

Субвенционирање на плати на работниците со минимална просечна вредност од 20.000 денари нето.

0-0,30% каматна стапка за нови кредити што ќе им требаат на компаниите од комерцијалните банки во земјата. Евентуално, оваа стапка да биде покриена од државата, односно Владата.

Кредити со минимални каматни стапки и поедноставена постапка за одобрување за компании кои имаат развојни проекти“, велат од комората.

Според СКСЗМ, спроведувањето на овие мерки треба да се води од овие начела:

Мерките да се применуваат со приоритет во најбрз можен рок.

Да се поддржат сите компании и мерките да ги опфатат сите индустрии, бидејќи сите подеднакво се засегнати од ситуацијата.

Поддршката за субвенционирање на платите треба да трае најмалку 3 месеци.

Кредитите со 0% каматна стапка треба да имаат минимум грејс период од 6 месеци.

Политичките партии да не ја користат кризата на COVID19 за политички поени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Детален преглед: Вкупно 17 економски мерки на Владата „против“ кризата од корона вирусот

Владата не го прифати предлогот на СДСМ: Наместо на цела администрација, скратени само платите на функционерите

Детален преглед: Банките решија да наплаќаат камати на „корона кризата“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поблаги казни за обвинетите во „Трезор“, се менува кривичното дело за случајот

Редакција

Вакцините како и датумот за ЕУ, никако да стигнат

Редакција

Полициски претреси кај три правни лица во Дојран пo наводите за фалсификувани ковид-сертификати

Редакција