еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Ученик од гимназијата во Велес со јавно обраќање до директорот: Не можам да ја разберам Вашата недоверба во своите ученици

Ученикот во четврта година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес, Дино Јанаќиев на неговиот фејсбук-профил раскажа приказна како директорот на училиштето во кое учи, го „убива“ претприемништвото во него.

Станува збор за талентиран ученик, на кого креативноста во изработка на логоа и фотографии му се силна страна и неговите соученици бараат од него да ги слика за табло.

Неговото јавно обраќање до директорот на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес и Славица Калајџиева, претседател на Совет на родители при СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес Ви го пренесуваме во целост:

„Почитуван г-дин Гоце Алексоски, директор на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“- Велес, Ви се обраќам пред сè како ученик во четврта година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес, а потоа и како заинтересирано лице (не сакам да звучам премногу амбициозно доколку напишам „раководител“) при подружницата DAT WAY PHOTO.

Пред сè би сакал да Ви одговорам на неколку дилеми кои директно или не ми посочивте дека ги имате во врска со мене. После неколку последователни средби поминати во Вашата канцеларија, едно Ваше прашање непрестано кружи во мојата глава: „Зошто па Гимназијата би требало да ти биде благодарна за нешто?“.

Почитуван Директоре, со целата почит која ја имам кон Вас и Вашата функција, би сакал, еве јавно да го образложам мојот став кој е воедно и одговор на Вашето прашање. Неоспорлив е фактот дека во моментов сте директор на училиштето во кое сè уште сум ученик и од истата причина покрај тоа што сте раководител на оваа институција, сте и авторитет кој треба да биде и е почитуван од страна на сите индивидуи кои се дел од истата. Вклучувајќи ме и мене.

Но, Почитуван Директоре, јас, ние (кога велам НИЕ алудирам на цела група средношколци со кои деноноќно, неуморно, четири години работевме на афирмација на нашето училиште) бевме овде и пред почетокот на Вашиот мандат како Директор на училиштето. Ние овде се трудевме, творевме и го афирмиравме училиштето и пред почетокот на Вашиот мандат како Директор на училиштето. Ние овде градевме пријателства помеѓу учениците и углед помеѓу професорите и службата на училиштето и пред почетокот на Вашиот мандат како Директор на училиштето.

Јас нема да зборувам за промотивните видеа, флаeрите, плакатите, и ред други материјали во кои безрезервно се вложував со една единствена цел, афирмација на нашето, вашето училиште. За тоа, делата сами говорат. Но со сета почит која ја имам кон Вас, Почитуван Директоре, би Ве замолил пред се да погледнете, да проверите што тие говорат. Бидејќи реално и не можам да се лутам, сепак не бевте овде овие четири години, оправдано Ви треба време за да се запознаете со она што НИЕ, ОВДЕ го работевме. За училиштето.

И да, нема да барам благодарност. Тоа беше моја грешка. Велат кога нешто правиш, прави го од срце и не очекувај благодарност. И навистина. Работев, работевме од срце. Доколку повторно имам шанса повторно би го сработил истото. Можеби и повеќе. Доколку некогаш се вратам во 2015-та година, не би променил ниту еден момент.

Освен можеби еден. Би Ве запознал со нашата историја, нашите четири години овде малку порано. Пред да изговорите зборови за чија тежина можеби сè уште не сте свесни.

И да, иако верувам дека листата на овие ваши дилеми во врска со мене е барем уште неколку страници подолга, ќе се задржам на само уште една Ваша реченица: „Ете училиштето ти даде шанса да одиш во Италија.“

Ова не е точно, Почитуван Директоре. Шансата да одам во Италија ми ја дадоа двата конкурси за изработка на лого за проектите „Математички Лавиринт“ и „newWERD“ во чие образложение присуството на овој проект беше наведено како награда. Двата конкурси кои завршија со избор на мое лого.

Секако огромна благодарност овде од моја страна заслужува и мојата класна, Мариче Лазаровска и останатите професори кои се координатори на овие проекти, кои ме поттикнаа да учествувам на горенаведените конкурси. Останатиот дел верувам го знаете. И имам уште. Имам многу. Но би било премногу. Ова е доволно. Засега.

Бидејќи моето обраќање и бездруго можеби веќе Ве умори, сега би Ви се обратил во оној другиот дел. Во кој не сакав да звучам премногу амбициозно. И во интерес на автентичен приказ на конкретната ситуација ќе се потрудам да се присетам само на клучните моменти. Во интерес на сите ќе бидам што е можно пократок.

Почитуван Директоре, на 1. март 2019та година, во просториите на нашето училиште гордо го пречекавме господинот Кочо Анѓушев, вицепремиерот за економски прашања. Ако добро ме служи помнењето Вие седевте веднаш до него. Целта беше да ги охрабри матурантите и учениците да ги следат своите соништа, велејќи, цитирам: „Бидете храбри, не се плашете, бидете претприемачки расположени. За тоа се потребни четири карактеристики. Прво е да стекнете вештини, да имате било каков занает. Второ е да имате желба за работа, да не се плашите од неа. Трето е да сонувате голем сон и последно е да бидете упорни.“

Овие зборови на господинот Анѓушев, навистина вредеа. Погодија точно онаму каде што требаше. Средбата ја постигна својата цел. Ова е битен момент од моето обраќање, можеби и главен темел на истото.

После неколку седмици, заинтересирана група на ученици, мои пријатели, соученици, ми пријде со прашањето: „Зошто не нè фотографираш ти за матура ?“. Најпрво реков нема шанси. Барем не во овој период, стресен за секој матурант. Впрочем претходно видов што значи фотографирање на основци за алманах, можев само да претпоставам што тоа значи кога се во прашање средношколци. Гимназијалци. Но идејата почнав да ја гледам од поинаква перспектива. „Ова е и моја матура“ – помислив: „Зошто да не го направиме ова најдобро што може?“

Следниот ден се информирав за правните формалности кои морам да ги исполнувам со цел ова да биде остварливо, ја обезбедив потребната документација, им соопштив на учениците дека решив да пробам да ја остварам нивната, а сега и моја желба. Следно Ви се обратив Вам. Всушност Ви се обратив три пати, три дена по ред. И еднаш телефонски. Оној пат кога среде разговор ја прекинавте врската. Од вас барав само БАРАЊЕ ЗА ПРИБИРАЊЕ НА ПОНУДИ, документ потребен за да моето конкурирање во оваа процедура биде легално. И го барав три дена, но бесцелно.

Ви се обратив културно, како што му доликува на еден ученик со во тој момент можеби искра за млад претприемач. „Ве замолувам да ми ја дадете потребната документација, а доколку не ги исполнувам условите дисквалификувајте ме при отварањто на понудите“, културно Ве замолив.

Многупати бев одбиен. Под различни изговори. Најпрво беше премногу доцна, потоа немавте веќе примероци, потоа не можевме да ги најдеме одговорните професори, потоа немав фирма (иако многупати Ви објаснив дека тоа не е точно), потоа немав гаранција за квалитет, потоа вршев притисок врз учениците, потоа ова беше само непотребно мешање на работите и така натаму. Не верувам дека листата има крај.

Почитуван Директоре, после четири дена, едвај успеав да дојдам до потребната документација од Ваша страна. Нашата подружница имаше само еден или два дена за подготовка на потребната понуда. Што е премногу малку во споредба со останатите заинтересирани страни. Како што веќе кажав, со цел ова да биде изработено што е можно подобро, DAT WAY PHOTO наброи голем број на бесплатни дополнителни ставки во брошурата која беше доставена со целата потребна документација.

Од камера плус, преку церада и сопствен избор на позадина за фотографирање на матурантите, па се до одговорни лица кои ќе се грижат за да шминката и фризурата при фотографирањето на матурантите остане во својата првична состојба. Документацијата од нас бараше бесплатни дополнителни ставки, ние истите ги понудивме. Ги имаше многу. А вие ги баравте, Почитуван Директоре, со овие зборови:

„Изборот на најповолна понуда, Советот на родители би го направил ценејќи ги цената, квалитетот како и евентуалните дополнителни услуги (кои не се предмет на барањето) кои би ги направил изведувачот на услуга (пример: употреба на машина за дим за време на матурската забава).

Како критериум за избор на најповолен понудувач би била понудата со најниска цена, но според понудите, Советот на родители го задржува правото да има можност да ја избере понудата за која има најголем интерес од членовите на самото тело, беше напишано во документацијата која ја добивме како барање за прибирање на понуда за учествување на првата постапка за избор на соодветен понудувач за изработка на матурските и класните фотографии на училиштето оваа година.

Отварањето на понудите заврши, цената не беше најниска, но со оглед на ставките од нашата понуда, разликата беше минимална. Советот го задржа своето право наведено во документацијата и комисијата ја изгласа понудата на DAT WAY PHOTO со 10/10 гласови.

Но Вам, Почитуван Директоре, ова сè уште не Ви беше доволно. Во текот на наредните неколку денови, спроведовте гласање помеѓу учениците од четврта година преку кое учениците речиси едногласно се изјаснија дека го одбираат DAT WAY PHOTO како соодветен понудувач за извршување на целите зададени во Вашата документација.

И токму во моментот кога помисливме дека конечно ќе започнеме со работа, нè известивте дека решивте да го поништите целиот процес и дека ќе започнете со подготовка на нов на кој уредно ќе бидеме повикани да учествуваме.

На нашето прашање, врз кој основ се случува сето ова, Вашиот одговор беше дека Вие го имате последниот збор и во дадениот момент сметате дека тоа е најправилна одлука. Максимално игнорирајќи ја желбата на учениците, резултатите од гласањето на матурантите и гласањето на Комисијата, продолживте онака како што сметавте дека е правилно. Вие.

Иако пред Вас постојано имавте документ на кој фигурира Ваш ученик, онака како што бевме охрабрувани на 1. март, во Ваше присуство, само неколку седмици претходно. Ваш ученик кој со мали чекори се обиде да навлезе во претприемачките води.

Не ни остана друго, освен да ја примиме новата документација. Бевме решени дека нема толку лесно да се откажеме од целта да ја исполниме желбата на учениците. Но, овој пат имаше измени, Почитуван Директоре. Овој пат училиштето со цел да се заштити од понатамошни проблеми, ги поедностави работите. Овој пат критериумите се променија.

„Како единствен критериум за избор на најповолен понудувач, ќе биде понудата со најниска цена, а која во исто време ги задоволува сите дефинирани побарувања наведени во техничката спецификација. Евентуалните дополнителни услуги кои би ги нудел понудувачот нема да влијаат врз конечниот избор за најповолен понудувач“, беше напишано во втората, поедноставена документација.

Искрено, до некаде можам да Ве разберам Почитуван Директоре, сепак фотографирањето не е процес доволно вреден за да угледот на училиштето и Директорот биде нарушен поради желбите на учениците. Сепак тие ќе заминат, без разлика што станува збор за нивни финансиски средства, а Вие сте тие што ќе останете да ги сносите евентуалните последици од нивните барања.

Она што не можам да го разберам е Вашиот песимизам. Вашата недоверба во своите ученици и вашата упорност во одење против нивната желба. Веќе ги цитирав зборовите со кои ни се обрати успешниот стопанственик од нашиот град, а Вие многу набрзо ни демонстриравте кои се пречките кои ни стојат на тој пат.

Овогодинешната маркетинг кампања на училиштето се стреми кон тоа да на деветтооделенците им го прикаже авангардниот пат кон иднината кој го нуди нашето училиште. Почитуван Директоре, последен пат кога јас проверив, авангардата се темелеше на креативност и рушење на статусот кво. Авангардата бараше ризик, а не страв од неуспех.

Почитуван Директоре, поради предолгото одложување на целиот процес, со цел да се спречат понатамошни доцнења и со цел да останам достоинствен кон моите колеги, нема да Ви предизвикувам дополнителни компликации Вам, на училиштето и на моите колеги.
Само се надевам дека ќе размислите за следново, Почитуван Директоре.

За десет години од сега, а можеби и помалку, овогодинешниот избор на фото-студио нема да биде од никакво значење. Вие така одлучивте. Нашата генерација ќе биде само уште една прашлива табла закачена во холот на училиштето. Затоа што и овој пат не избравме да бидеме авангардни. Избравме да останеме просечни. Иако зборовите на еден мој професор велат дека: „Денешната младина нема време за просечност, ова е време на генијалци и само како такви можеме да опстанеме.“

За жал генијалноста ќе ја бараме во некоја друга прилика, на некое друго место. Она што засекогаш ќе остане одовде се сеќавањата на моментите поминати со луѓето кои ги запознавме токму во оваа установа. Но, за мене ќе има уште едно сеќавање. Сеќавање на првата пречка за запливување во реалниот свет, запливување во претприемачките води. Пречка поставена од Вас кој воедно бевте и дел од тимот кој организираше настан чија примарна цел беше мотивирање на младите претприемачи. Но 1 март одамна помина зарем не?

Почитувана г-ѓа Славица Калајџиева, Претседател на Советот на родители при СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес, Вам Ви се обраќам само накратко. Иако лично не Ве познавам, со целосна почит се надевам дека ја разбирате одговорноста на функцијата која ја носите. Исто така се надевам дека како потписник на сите документи кои беа доставени на нашата адреса, дејствувате свесно и совесно и ги имате на ум желбите и барањата на оние кои ги застапувате.

фото: Фејсбук-профил на Дино Јанакиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Црна Гора од утре ги отвора границите за македонските граѓани, најверојатно со негативен ПЦР тест

Редакција

Забавите на грчките острови легла на коронавирусот меѓу млaдите

Редакција

За првпат голема изложба во Кунстхале Виена со дела од вредната колекација на Музејот на современата уметност-Скопје

Редакција