еМагазин
Image default
Македонија

Ѓукановиќ: Северна Македонија ја научи лекцијата и треба да добие сатисфакција од меѓународната заедница

Северна Македонија ја научи лекцијата од минатото и реално е да добие целосна сатисфакција од меѓународната заедница преку отворање преговори со ЕУ, што се очекува да се случи овој месец, и преку официјалниот прием во полноправно членство во НАТО.

Ова го порача претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ на заедничката прес-конфернција со претседателот Стево Пендаровски во Скопје, на која истакнаа дека се согласиле оти е непходно ЕУ да го препознае моментот и конечно овој месец да донесе одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија, затоа што нема поголема движечка сила за државите од евроинтеграцијата.

-Важно да ја поддржиме Северна Македонија на тој пат. Тоа е пат без алтернатива кога станува збор за стабилноста на регионот и економскиот и демократски просперитет. Македонија од познати причини во 2008 година на Самитот во Букурешт го изгуби чекорот по кој претходно сигурно чекореше во процесот на  интеграцијата, но ми се чини дека некои лекции се правилно научени.

Во меѓувреме е направен сериозен напредок и денес е реално да се очекува Северна Македонија да добие целосна сатисфакција пред се преку два потега на меѓународната заедница. Првиот е отворање преговори со ЕУ,  што очекуваме да се случи овој месец и вториот официјалниот прием во НАТО, рече Ѓукановиќ.

Оцени дека нема стабилност на регионот без негова целосна интеграција во ЕУ.

-Ние ја третираме Македонија веќе како дел од НАТО, но формалностите мора да се завршат. Прашање на време е само дали тоа ќе се случи во декември или месец – два подоцна. Северна Македонија веќе го обезбеди своето место во НАТО и тоа го сметаме за многу важно за внатрешната сигурност на земјата и за регионалната стабилност. Не треба да има двоумење и за почетокот на преговорите со ЕУ зашто мислиме дека е време за нова динамика во процесот на проширување, истакна црногорскиот претседател.

Ѓукановиќ смета оти нестабилноста по која за жал се препознава Балканот е последица на долгогодишното заостанување во поглед на економскиот и демократскиот развој. Одговорот на проблемите, според него, треба да биде интеграција и усвојување на европските вредности и европски квалитет на живот. Црна Гора се труди да биде таков пример, веќе е членка на НАТО и лидер во преговарачкиот процес со ЕУ, рече Ѓукановиќ.

Оцени дека Скопје и Подгорица имаат треадиционално добри односи уште од времето на заедничката држава кои продолжуваат и денес.

Претседателот Пендаровски на прес-конференцијата потенцира дека двете земји се определени за европско и евроатланско обединување, за исполнување на агендата на Берлинскиот процес и за други формати на регионална соработка.

-Односите меѓу Скопје и Подгорица се развиваат во духот на најдобрата соработка. Црна Гора беше меѓу првите земји што го ратифиуваа Протоколот за членство во НАТО. Двете земји имаат добри односи и споделуваат заеднички надворешно-политички приоритети, изјави Пендаровски.

Двајцата претседатели разговарале за регионална соработка, при што оцениле дека двете земји и регионот ги поврзува заедничко минато, но уште повеќе заедничка иднина.

Посетата на Ѓукановиќ е прва посета на шеф на странска држава на Скопје по изборот на Стево Пендаровски за претседател на државата.

МИА/фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Најмногу заболени од Ковид-19 минатата недела биле на возраст од 30 до 39 години

Редакција

(Видео) Нова „бомба“ на Антонио Милошоски: „Заев договорал одлуки на Врховниот суд“

Редакција

Треба да се испочитува здравствениот систем овде, па да се замине во странство, вели Манолева за лекувањето на Леонид

Редакција